Агим Нухиу нов министер за внатрешни работи, по Пржинскиот договор смени и во другите министерства

Извор на фотографија: МВР

Откако ДИК ги соопшти официјалните конечни резултати од предвремените парламентарни избори, денеска се вршат и министерските смени во техничката влада во согласност со Пржинскиот договор. Досегашниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев денеска официјално му ја примопредаде должноста министер за внатрешни работи на Агим Нухиу, кој како кадар на ДУИ досега беше заменик министер на МВР.

Во согласност со постоечките законски одредби, од МВР информираат дека Нухиу ќе раководи со ова министерство до изборот на новата Влада на Република Северна Македонија, односно до изборот на нов министер за внатрешни работи. Покрај Чулев, од МВР си заминува и актуелната дополнителна заменик министерка Славјанка Петровска.

Покрај во МВР, смени се направија и во другите министерства. Од Министерството за труд и социјална политика си замина дополнителниот заменик министер Санела Шкријељ, при што ова министерство до формирањето на новата влада ќе биде раководено од досегашниот заменик министер Ѓонул Бајрактар.

Според Пржинскиот договор, по објавувањето на конечните изборни резултати од дополнителните заменички места ќе мора да си заминат и кадрите на ВМРО-ДПМНЕ од Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Министерството за информатичко општество и администрација.

До формирањето на новата влада, министрите за земјоделство Трајан Димковски и за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ќе останат на раководните места во овие две министерства, додека Нина Ангеловска останува министер за финансии во техничката влада на премиерот Оливер Спасовски.

Следен чекор во формирањето на новата власт е одржувањето на Конститутивната седница на новото Собрание на РСМ, која треба да се случи најдоцна до 4 август. По овој чекор, официјално ќе почнат да течат деновите предвидени за преговори за создавање на парламентарно мнозинство за новата влада.