Утре започнува фестивалот „Скопје синема сити“

Филмскиот дел кој ќе се одвива во Кинотека на Македонија од 1 до 4 јули, ќе биде отворен со „Карлос“, филм за големиот гитарист Карлос Сантана, информираат организаторите

Фото: Скопје синема сити

Со изложба на концертни фотографии како и архивски материјали, насловена „The Vlatko Stefanovski Experience“, која ќе се отвори на 26 јуни во 21 часот во галерискиот простор на Мала станица, ќе биде означен почетокот на јубилејното, десетто издание на фестивалот „Скопје синема сити“.

Програмата на фестивалот е организирана во два дела: изложба на фотографии во галеријата Мала Станица „The Vlatko Stefanovski Experience“ и филмска програма од 1 до 4 јули и која ќе се одвива во Кинотека на Македонија.

„Изложбата е дел од историјата на Влатко видена низ призмата на четворица реномирани фотографи како Стефан Рајхл, Ангел Ситновски, Огнен Ацевски и Немања Ѓорѓевиќ, а ќе бидат вклучени и архивите на музичкиот историчар Тошо Филиповски и Владимир Мандичевски – Манде. Како куриозитет ќе бидат изложени и звучниците Legendary на Теохаров аудио, кои се дизајнирани заедно со Влатко. Филмскиот дел кој ќе се одвива во Кинотека на Македонија од 1 до 4 јули, ќе биде отворен со „Карлос“, филм за големиот гитарист Карлос Сантана, додека вториот ден ќе се прикажат филмовите „Ајде да се изгубиме“ за џез трубачот Чет Бејкер и „Џо Страмер: „Иднината е ненапишана“, информираат организаторите.

Земја во фокус на фестивалот е Полска, каде ќе бидат прикажани два филмови на Грегор Брзозович, кој и ќе биде гостин на фестивалот. Исто така, на фестивалот ќе доделена и награда за животно дело на филмскиот композитор, Збигњев Прајснер.