Ученици се натпреваруваа кој е најдобар раскажувач на книги

Дикцијата, интонацијата, флуентноста и сценскиот настап на младите раскажувачи беше оценет на „супер финалето“, кое се одржа вчера на Правниот факултет „Јустинијан први“ - Скопје

Фото: Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“

Вчера на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје се натпреваруваа млади ученици кој е најдобар раскажувач на книги. На натпреварот се оценуваше дикцијата, интонацијата, флуентноста и сценскиот настап на младите ученици. Тие се натпреваруваа во две категории – од 3 до 5 одделение и од 6 до 9 одделение.

„Раскажувањето е супермоќ која се развива со читање книги и со соодветна поддршка од возрасните прераснува во ораторска алатка која ги подготвува најмладите за идни лидери“, стои во соопштението на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, организаторот на натпреварот.

Учесниците се натпреваруваат во раскажување на македонски јазик на прочитаните книги по сопствен избор, при што задолжителните лектири не се земаат предвид.

Самиот натпревар е во две фази, при што првата фаза е со времетраење од 12 месеци. Во овој период учесниците читаат книги, ги раскажуваат пред врсници, додека родителот ги снима со мобилен и потоа ги доставуваат снимките. Втората фаза на натпреварот беше „супер финалето“ кое се одржа вчера.

„Книгата ја поттикнува љубопитноста и желбата за знаење кај детето. Уште на почетоците од образованието детето треба да ја совлада вештината на читање на книгата, а ние сакаме таа вештина да им помине во навика. Да се прочита текст, да се разбере и пренесе преку раскажување на околината, ја развива имагинацијата, креативноста и интелектуалниот развој на детето, со што влијае и на неговите резултати во школувањето. Нашата мотивација е да ги поттикнеме младите да стекнат навика да читаат и да ја развијат вештината на вербално изразување“, вели Александар Марјановиќ, извршниот директор на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“.