Инспекторите затвориле два училишни тоалети и две сали поради лоша хигиена

Од 308-те училишта и 114-те детски градинки во кои биле инспекторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ), дури во 156 биле утврдени различни недостатоци во врска со хигиената на тоалетите и другите простории. 

„Мета.мк“ побара информации од ДЗСИ за состојбата со хигиената во училиштата и во градинките, а според она што го добивме како одговор, недостатоците се главно од санитарно-хигиенски и санитарно-технички аспект. Во училиштата не се прави превентивна дезинфекција, инвентарот е дотрајан, подовите оштетени, ѕидовите неваросани, а не се прави ниту дератизација. 

ДЗСИ изврши редовни инспекциски надзори во 308 училишта (основни и средни) и 114 детски градинки. Издадени се 156 решенија за отстранување на констатирани недостатоци, од кои 136 во училиштата и 20 решенија во градинките. Недостаток кој е констатиран е и тоа што не се прават редовни здравствено-хигиенски прегледи на вработениот наставнички и помошен технички персонал, како што налага Законот за заштита на населението од заразни болести. Во однос на хигиената, објектите тековно се одржуваат, а во санитарните јазли има течен сапун“, информира здравствениот инспекторат.  

Инспекторите поради лоши санитарно-хигиенски услови издале забрани во четири училишта – за една спортска сала, една фискултурна сала, како и за санитарните јазли во две училишта.

„Во 106 објекти (85 училишта и 21 градинки) е констатирано подобрување во однос на претходната година. Во 10 училишта состојбата е полоша од претходната година. Градинките, во континуитет се во подобра состојба и во однос на хигиената и во однос на санитарно – техничката состојба на самиот објект. За сите констатирани недостатоци и издадени решенија да се отстранат, во август и во септември ќе биде извршена контрола“, вели ДЗСИ. 

Наспроти констатациите на санитарните инспектори дека има течен сапун во тоалетите во училиштата, неодамна Институтот за јавно здравје и „Новинари за човекови права“ oбјавија истражување кое покажа дека на територијата на Скопје, Велес и Куманово, во ниту едно училиште нема соодветни проеизводи за хигиена, како сапун, тоалетна хартија и вода, а нема ниту соодветни места за остранување на отпадоци. Истражувањето се однесуваше на менструалната хигиена во училиштата и на работното место.