Најдовме решение во согласност со Уставот, истакнала Шекеринска на средбата со Данкан

Промените што се случуваат на политички план во Македонија и економските предизвици за обезбедување квалитетен живот, биле тема на средбата помеѓу заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, и државниот министер за Европа и за Америка на Велика Британија, Ален Данкан, кој е во дводневна посета на земјава.

– Се отвораат светли перспективи за Република Македонија и за граѓаните, со демократските промени што се случуваат. Очекуваме дека новата влада ќе биде набргу формирана и силно ќе се посветиме на сите предизвици. Најтешкиот период за граѓаните и за државата е зад нас – рекла Шекеринска на состанокот со Данкан, се наведува во соопштението на СДСМ за средбата.

Заменик-претседателката на СДСМ истакнала дека концептот „Македонија – едно општество за сите“, односно земја на еднакви граѓани, со еднакви права и должности пред Уставот и законите, е фактор на стабилност во државата.

– Се покажа дека сета пропаганда за некакви федерализации или редефинирања на државата била лажење и манипулација на јавноста. Најдовме решение во согласност со Уставот. Ние сега сме посветени на следните чекори, Македонија да биде правна држава, да обезбедиме непречена работа на Специјалното јавно обвинителство и независни институции што ќе работат во интерес на граѓаните – истакнала Шекеринска на средбата со британскиот државен министер за Европа и Америка, Ален Данкан.