100 дена Влада: Мицкоски нема да им ги полира чевлите на политичарите од ЕУ, опозицијата обвинува дека ја закопал европската иднина

Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на некој од политичарите и земјите членки на ЕУ, и дека тоа е начинот и правиот пат, простете, но јас не сум соговорник, рече Мицкоски

-

Во одговор на новинарско прашање на настанот по повод 100 дена Влада, премиерот Христијан Мицкоски рече дека владејачката коалиција нема намера да им ги полира чевлите на политичарите и земјите членки на ЕУ што ја одразува насоката кон која ќе се движи државата во иднина барем што се однесува до евроинтеграциите. Сепак, Мицкоски посочи оти земјата останува цврсто на патот кон ЕУ алудирајќи дека е можен нов договор, односно промена на преговарачката рамка со Унијата и неисполнување на единствениот услов за почеток на преговорите – Собранието да изгласа додавање на Бугарите во преамбулата на Уставот.

Во однос на одвојувањето од Албанија во евроинтегративните процеси, Мицкоски рече дека оваа влада нема да направи ништо спротивно на интересите на граѓаните, на националните интереси и стратешки правци на граѓаните.

„Вашиот интерес е наша заповед, а ние ќе функционираме како ваши слуги и немаме никогаш намера да отстапиме од идејата, да отстапиме од борбата затоа што се додека ја имаме вашата поддршка и вие сте нашата инспирација ние ќе бидеме од ден на ден подобри“, рече тој, и додаде дека како влада нема да отстапи од реализирање на втората стратешка цел, а тоа е полноправно членство во Европската Унија.

„И ако треба ќе разговараме со било кого и ако треба ќе разговараме колку и да е потребно за да дојдеме до договор и компромис којшто е достоен, којшто нема да ги повторно повреди чувствата на македонскиот народ, но и на останатите народи коишто живеат заедно со македонскиот народ. Бидете сигурни дека и двете овие стратешки цели можат да се реализираат, едната со другата не се во конфликт и двете можат заедно паралелно да се реализираат“, изјави Мицкоски.

„Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на некој од политичарите и земјите членки на ЕУ, и дека тоа е начинот и правиот пат, простете, но јас не сум соговорник“, додаде тој.

Мицкоски се пофали со остварените ветувања во првите 100 дена

Фото: Влада на РСМ

Првите 100 дена не беа лесни, но беа клучен период во кој многу работи станаа јасни: каде сме и каде треба да одиме и што е потребно да направиме за да стигнеме таму, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по повод 100 дена од формирањето на Владата.

„Нашата примарна задача и фокус беше да ги стабилизираме финансиските текови, да ги затвориме буџетските дупки и да се справиме со дефицитите и хаосот оставени од претходната влада. Работиме на враќање на долговите, затворање на задолженоста на институциите и јавните претпријатија и имплементација на конкретни мерки во даночната и социјалната политика“, рече Мицкоски.

Како клучни постигнувања во првите 100 дена Мицкоски ги издвои повисоките пензии преку линеарно покачување на пензиите на над 330.000 пензионери, 15 милијарди денари за капитални инвестиции за општините, поевтини лекови преку проширување на позитивната листа со 9 генерици или вкупно 87 лекови, одлука за вработување на 600 лекари, односно нови специјализанти, коишто ќе им биде понудена работа и веќе им се нуди работа во јавните установи ширум државата, 4 странски инвестиции во износ од повеќе од 600 милиони евра, коишто ќе значат нови 1.600 вработувања, исплатен долг од 2 милијарди денари од Фондот за здравство, бесплатни учебници за сите навреме, поевтинувањето на катастарските услуги, 20 милиони евра за реконструкција на студентските домови, 200.000 нови патници во Македонија со новата финансиска поддршка за нови авио дестинации итн.

Во однос на борбата против корупцијата, иако не е во негов домен, Мицкоски рече дека „имаат неколку случаи коишто пресумпција на невиност и поради тајност на постапката во овој момент нема да ги коментира“.

„Исто така сакам да кажам дека не можеме да зборуваме за брзина на именување или разрешување на кадри според очекувањата или според неочекувањата затоа што многу пати во јавноста во минатото имаше критика дека пак многу брзо се партизирале институциите, многу бргу се именувале партиски кадри, се менувале професионалци и така натаму. И апсолутно се сложувам со тоа, затоа што не секогаш можеби треба да реагирате многу бргу за да покажете еве некаква силина или пак кои сте вие во суштина и дека се што било претходно не чинело, сега од вас светот започнува и работите треба да се менуваат од самиот почеток. Покажавме како Влада дека се што било добро од претходната влада за коешто сме оцениле дека е добро иако морам да кажа дека има многу малку такви работи, ние сме го продолжиле“, рече Мицкоски.

СДСМ: Владата да претстави план како ќе ја води државата напред

Фото: СДСМ

„ВМРО-ДПМНЕ за 100 дена ја закопа европската иднина на државата и ја остави државата на дното на Балканот. Мицкоски одлучи еднострано да ги прекине преговорите со Унијата како државата да е негова своина. Тој нема ниту мандат, ниту право тоа да го прави“, порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче на прес-конференција во Скопје, осврнувајќи се на работата на Владата во нејзините први 100 дена.Тој побара јасен план од Владата за патот по којшто ќе се движи земјата во наредниот период, по одлуката на ЕУ да ги забрза преговорите само со Албанија.

„Добивме Влада од која досега слушаме само изговори и обвинувања на претходниците за секоја своја неспособност. Влада која врши брутална партизација со некомпетентни кадри и секојдневни скандали на министрите. Одговорност за политичарите нема, а вистината е заменета со постојана пропаганда“, вели Филипче.

Тој наведе дека Христијан Мицкоски ветувал професионална администрација, мерит систем, повисоки плати, силна борба со криминал и корупција. „Ветуваше одговорност на политичарите и мудра надворешна политика која ќе на направи повторно горди. Досега не исполнија ништо од овие ветувања, а неисполнувањето на големите ветувања носи и големи разочувања“, вели првиот човек на СДСМ.

Филипче побара од владината коалиција да го презентира планот по кој ветуваа дека ќе ја движат државата напред, наместо да се служи со демагогија и со дефокус на јавноста.

„Ниту Мицкоски, ниту целата владина коалиција ЗНАМ и ВЛЕН не кажуваат како оваа земја ќе продолжи напред, ниту со каква временска динамика. Дали постои друга алтернатива, дали има нешто ново или ќе останеме целосно изолирани како слепо црево на Балканот“, рече Филипче во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Според Филипче, францускиот предлог претставува комплексен сплет на документи, во кој влегуваат и преговарачката рамка и Договорот за добрососедство и според кој за прв пат во историјата на односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија прашањата помеѓу двете земји се издигнати на ниво на Европската Унија.

„Сметаме дека тоа што јасно ќе биде детерминирано бугарското малцинство во Уставот е сериозна придобивка бидејќи за прв пат после повеќе децении паѓа во вода еден дел од бугарската политика дека ние сме еден народ во две држави што значи дека од национални прашања на ниво на идентитет, тие прашања се сведени на ниво на малцинство“, потенцира Филипче.

Филипче презентираше информации што Социјалдемократскиот сојуз ги има добиено од Брисел, а кои говорат дека за време на состанокот помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел јасно било потенцирано дека не постои можност уставните измени да имаат одложено дејство, ниту пак дека постои можност за промена на преговарачката рамка.

„ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со една голема лага – дека ќе ги подобри преговарачките позиции на Северна Македонија со Европската Унија. Но, само во првите 100 дена од владеењето на Мицкоски не само што не гледаме никаков напредок на тој план, напротив гледаме влошување на нашата позиција. Прво со Грција, а понатаму и со Бугарија за да дојдеме до ситуација во која е усвоена нова резолуција во бугарскиот парламент“, изјави Филипче.

Сепак, во отсуство на реална надворешна политика и волја за решавање на вистинските проблеми на граѓаните, власта ја дефокусира јавноста преку наводни закани за дестабилизација на државата додека возот за ЕУ ни бега – одвоени од Албанија и оставени во групата со Босна и Херцеговина и Молдавија, заклучи Филипче.

Genshin Impact 4th birthday скриншот од YouTube

Играта „Genshin Impact“ прославува четири години постоење

Една од најпопуларните игри од RPG жанрот е несомнено Genshin Impact која ја прославува своја четиригодишнина. Играта е креирана во целосен „аниме стил“ и симулира цртан филм со самото...