This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Wed Dec 19 9:26:10 2018 / +0000 GMT

Заев - Јилдирим: Турција ја поддржува Македонија во НАТО интеграциите




На средбата со својот турски колега Бинали Јилдирим во Анкара, македонскиот премиер Зоран Заев побарал да продолжи поддршката од Турција за членството на Македонија во НАТО, а турскиот премиер порачал дека неговата земја и понатаму ја поддржува Македонија во оваа стратешка цел, соопшти Службата за односи со јавноста при македонската влада.

На средбата, на која од македонската страна присуствувале и министерот без ресор Аднан Ќахил, пратениците во Собранието на Република Македонија, Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, Заев изразил сочувство за жртвите во борбата против тероризмот со цел заштита на територијалниот суверенитет и интегритет на Турција.

И турската и македонската страна изразиле определеност за унапредување на економската соработка меѓу двете земји и за зголемување на трговската размена.

Договорено е активирање на Мешовитиот комитет меѓу двете држави кој што ефикасно ќе ги решава сите потреби за подобра соработка на секое ниво. Премиерот Заев соопшти дека од страна на Република Македонија, комитетот ќе го води министерот без ресор, Аднан Ќахил.

- За нашата држава важни се сите инвестиции, а Турција е 6-та во Македонија по бројност на инвестиции. Подготвени сме да создадеме услови за уште повеќе инвестиции бидејќи има заинтересирани инвеститори. Ние очекуваме напредок во ЕУ и НАТО интеграциите оваа година, а тоа очекуваме да влијае на зголемување на инвестициите, а со тоа подобар квалитет на живот на граѓаните - рекол Заев.

Post date: 2018-02-12 11:44:10
Post date GMT: 2018-02-12 10:44:10
Post modified date: 2018-02-12 11:44:10
Post modified date GMT: 2018-02-12 10:44:10

Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. MS Word saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com