ВМРО-ДПМНЕ бара поддршка за законот за зголемување на платите во јавниот сектор

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува министерот Драган Тевдовски, Владата на СДСМ и Зоран Заев, заедно со пратениците на СДСМ, да го поддржат предлогот за зголемување на платите во јавниот сектор за пет проценти, изјави на прес-конференција Владимир Ѓорчев, пратеник и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека тие пари се за војската, полицијата, вработените во здравството, во образованието, во јавните претпријатија на локално и на државно ниво.

– Значи, бараме да се зголемат платите во Македонија за пет проценти. Ветувањата со кои СДС дојде на власт, за просечна плата од 30.000 денари, подразбира секоја година, четири години по ред, платите да се зголемуваат најмалку 10 проценти. А, кога имаме конкретен прв предлог-закон за зголемување на платите од пет проценти, тој предлог веднаш се одбива. Не е доцна. На Комисијата за труд и социјална политика го изгласавме зголемувањето на платите. Сега тој предлог ќе дојде на пленарна седница – додаде Ѓорчев.