!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Турција потпиша договор со Русија за купување на руски ракетен систем


       
Анкара, 12 септември, 2017 - 14:05 (META) 

Турција потпиша договор со Русија за купување ракетен систем за противвоздушна одбрана С-400, соопшти турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган истакна дека Анкара веќе ѝ дала аванс на Москва за ракетниот систем.

Ова е најголемиот договор што Анкара го има потпишано со Москва. Продажбата на ракетниот систем од последната генерација на членка на НАТО се смета за нова етапа во помирувањето меѓу Турција и Русија, чии односи беа во сериозна криза откако турските воени сили соборија руски воен авион во Сирија, во близина на турската граница.

Рускиот претседател Владимир Путин кон крајот на мај тргна голем дел од санкциите што беа воведени по уривањето на рускиот авион во 2015 година.

По овој инцидент Русија го распореди системот С-400 како заштита за своите авиони во Сирија, каде води воени операции како поддршка на силите на претседателот Башар ал Асад.