Глобалното затоплување тема на регионалната конференција на метеоролозите во Охрид


Охрид, 9 октомври, 2018 - 16:14 (META) 

Охрид беше домаќин на средбата на директорите на хидрометеоролошките служби од Југоисточна Европа, кои што на конференција дискутираа за штетите кои ги нанесува глобалното затоплување.

„Во овој момент, службите од регионов се соочуваат како и сите останати од целиот свет, со глобалното затоплување, чија што главна карактеристика се зачестените екстремни вредности и појави, како високи температури, суши, поплави, градоносни облаци, укрупнување на зрната на градот“, објасни директорот на Управата за Хидрометеоролошки работи на Македонија, Ивица Тодоровски.

Долгогодишните анализи на метео-податоците укажуваат дека во последните 25 години регионов се соочува со 15 последователни најтопли години. Според метеоролозите, потребна е помош на побогатите земји за да може земјите од Југоисточна Европа соодветно да одговорат на предизвиците кои ги носат климатските промени.

„Високите температури, посебно на лето, предизвикуваат суши во целиот регион каде што земјоделството е многу важно и се нанесуваат огромни штети. Властите и општеството ќе мора под итно да работат на стратегија на прилагодување на таквите услови и низа активности и мерки на целото наше подрачје“, потенцираште Бранка Иванчан Пицек, директорка на државниот хидрометеоролошки завод на Хрватска.

Директорот на Федералниот хидрометеоролошки завод на Босна и Херцеговина, Алмир Биједиќ вели дека државите во регионот, со средствата со кои што располагаат, многу тешко можат да се подготват за климатските промени.

„Она што во овој момент можеме да го очекуваме е побогатите земји да вложуваат кај нас преку проекти низ едукација, како би можеле во иднина да бидеме поподготвени за климатските промени“, додаде Биједиќ.


„Еуромакс ресорсис“: Иловица-Штука нема да користи цијанид, ќе има економски бенефит


Скопје, 9 август, 2018 - 14:50 (META) 

Проектот за бакар Иловица-Штука е целосно безбеден и се развива според највисоките стандарди за животна средина, според домашното и меѓународното законодавство, информираат од компанијата „Еуромакс ресорсис“.

Од таму додаваат дека „сите обвинувања кон проектот се изнесени на паушални основи и не се поткрепени со никакви факти.“

„Имајќи го предвид ставот на локалната заедница, менаџментот на компанијата донесе одлука да не го користи цијанидот во постапката, како и суфурната киселина. Тоа е јасна потврда дека определба на компанијата е проектот да се развива со поддршка на локалната заедница“, велат од компанијата.

Од таму додаваат дека рудникот ќе работи согласно еколошките стандарди, повисоки од оние утврдени од ЕУ, без никакво влијание врз земјоделството.

„Со отстранувањето на цијанидот од процесот за обработка на рудата, примарниот производ на проектот Иловица-Штука сега ќе биде бакар. Главниот процес на преработка на рудата е флотација, физички процес преку кој ќе се произведува бакарен концентрат и ќе биде транспортиран во топилница во Бугарија. Овој процес на флотација е сличен на сите постојни големи рудници за метали во Македонија и не вклучува хемиски реакции за растворање на рудата“, додаваат од компанијата.

Од „Еуромакс ресорсес“ потенцираат дека реализацијата на проектот за бакар Иловица-Штука ќе има голем економски бенефит за локалната и националната економија, односно, ќе се отворат 500 нови директни работни места и над 2700 индиректни вработувања во компаниите изведувачи.

На национално ниво проектот ќе учествува со со три процени од домашниот бруто-производ (БДП) и ќе обезбедува даночни приходи во висина од 24 милиони евра годишно.


Во Словенија министрите за земјоделство потпишаа декларација за соработка


Крањ, 25 август, 2017 - 13:00 (META) 

На денешниот состанок во Словенија, министрите за земјоделство од Централна и Источна Европа и од Кина кои се дел од платформата за соработка во областа на земјоделството „16+1“, усвоија заедничка декларација за зголемување на трговската соработка.

Со оваа декларација тие се обврзаа за преземање на мерки кои ќе ја олеснат трговската соработка, а мерките се однесуваат и на преработка на земјоделски производи, развој на рурални средини, научни истражувања, поттикнување на заеднички инвестиции и поддршка на земјоделски компании за да се направат инвестиции во рамките на платформата „16+1“.

Во своето обраќање на Форумот, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, истакнал дека меѓународната трговија и синџирот за снабдување со храна, како на глобално, така и на локално ниво, се значаен фактор за ублажување на сиромаштијата.

„Земјоделството игра важна улога во македонската економија, бидејќи тоа е третиот најголем сектор веднаш по услугите и индустријата. Владата постави амбициозна агенда и ќе направи сериозни интервенции, за да се постигне конкурентност на земјоделскиот сектор преку зголемување на производството, висок квалитет на производите, стандардите на безбедност на храната и одржливото искористување на природните ресурси“, изјави Николовски.


Николовски на Форум во Словенија, за да се зголеми трговијата со земјоделски производи


Крањ, 24 август, 2017 - 13:54 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски од денеска до 26 август, ќе учествува на 12. „Форум за агро-трговија и економска соработка помеѓу земјите од Централна и Источна Европа и Кина“, што годинава се одржува во Словенија.

На утрешниот состанок, министрите за земјоделство од Централна и Источна Европа и од Кина, ќе ја промовираат иницијативата „16+1“ чиј што дел е и Македонија, со цел за понатамошен развој на трговијата со земјоделски производи.

На годинешниот Форум, фокусот е ставен на понатамошниот развој и зголемување на трговијата со земјоделско-прехранбени производи, со цел да се продлабочи соработката во истражувањето и развојот и да се разменат добри земјоделски практики во делот на одржлив развој на земјоделскиот и преработувачкиот сектор.

За Македонија, како дел од иницијативата „16+1“ е обезбеден промотивен простор на саемот, на кој МЗШВ ќе се претстави со органско земјоделско производство, како еден од секторите во земјоделството кој има голем потенцијал за развој во нашата држава.

Свои производи ќе изложат шест фирми кои произведуваат ајвар, сирење, мед, марамлад, овошје и колачи. Нивниот настап и промоција, ќе биде реализиран со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, и со поддршка на Владата на Словенија, која го обезбеди бесплатниот штанд.


МЗШВ изврши авионско снимање на целата територија


Скопје, 22 август, 2017 - 14:01 (META) 

Mинистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од јуни до средината на август изврши авионско снимање на целата територија на Македонија, по втор пат после 2009 година, информираат оттаму.

Согласно европските регулативи и препораки, авионските снимки се основа за функционирање на Системот за идентификација на земјишни парцели (СИЗП).

„Со просторната идентификација на земјишните парцели се определуваат границите и големината на обработливата површина за која земјоделците аплицираат за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. На овој начин, ќе се овозможат прецизни контроли од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во однос на површините кои земјоделците ги пријавуваат за субвенции и фактичката состојба на терен“, информираат од МЗШВ.

Во рамките на процесот ќе бидат направени „ортофото“ карти, дигитален модел на теренот на целата држава и ќе биде направена иницијална дигитализација на земјоделските површини според употребата на земјиштето.

Новите просторни податоци ќе овозможат ажурирање на промените настанати на земјишните парцели во периодот помеѓу двете снимања.

Активностите на изработка на авионските снимки, „ортофото“ картите, дигиталниот модел на теренот, како и дигитализацијата на земјоделското земјиште финансиски е помогнато од страна на Европската Унија преку ИПА-фондовите.


Николовски најави целосно исплаќање на субвенциите за земјоделците за 2016 година


Скопје, 19 август, 2017 - 12:39 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска на прес-конференција најави дека до крајот на овој или почетокот на следниот месец, целосно ќе бидат исплатени субвенциите за земјоделците за 2016 година.

– Во изминатите два месеца, исплативме околу 60 милиони евра субвенции преку програмата за директна финансиска поддршка. Вчера на сметките на земјоделците се исплатени дополнителни 5,7 милиони евра по однос на повеќе мерки и култури на целата територија на државата. Останатиот дел од околу 10 милиони евра од програмата за 2016 година, што се во постапка, целосно ќе бидат исплатени во текот на месецов или на почетокот на септември – изјави Николовски.

Тој додаде дека со новиот директор на Платежната агенција се во постојан контакт за да ги решат и исплатите од 2012 до 2015 година каде што, по различни основи има застој.


Хрватска и официјално објави дека го повлекува новиот правилник за увоз


Скопје, 10 август, 2017 - 15:36 (META) 

Веста за повлекување на новиот и за враќање на стариот правилник за увоз на овошје и на зеленчук, е објавена на официјалната веб-страница на Министерството за земјоделство на Хрватска, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Со враќањето на стариот правилник, трошоците за контрола на квалитет на овошјето и на зеленчукот од трети земји остануваат 12 евра по производ.

– Одлуката на Хрватска за враќање на старите цени за инспекциски контроли за увоз на зеленчук и на овошје од трети земји, е позитивна за македонските компании кои извезуваат во Хрватска – велат од МЗШВ.

Одлуката на Хрватска доаѓа по само три дена од заедничкиот состанок на надлежните министри од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора, кој се одржа во понеделникот во Сараево. На состанокот беа донесени заеднички заклучоци и тие беа испратени до Европската комисија и до Хрватска.

Следниот месец е договорен состанок на надлежните министри од регионот во Скопје, на кој ќе се разговара за тоа како да се отстранат бариерите што ја загрозуваат слободната трговија.


Костовски: Со исплатата на субвенциите паднаа во вода манипулациите на СДС


Скопје, 18 мај, 2017 - 15:44 (META) 

„Од денеска, со исполнувањето на законската можност, почна и исплатата на субвенциите во земјоделството“, изјави на прес-конференција Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека помагањето на земјоделството и на земјоделците секогаш било и ќе остане фокус на политиките на ВМРО-ДПМНЕ.

„Земјоделците добија повеќе од една милијарда евра субвенции додека ВМРО во изминативе 10 години го имаше мнозинството и одлучуваше околу земјоделската политика, за разлика од времето на СДС кога земјоделците не добиваа ниту евро помош од државата. Со денешната исплата, паднаа во вода манипулациите кои СДС и од нив контролираните медиуми ги ширеа дека нема пари во буџетот. Буџетот е ликвиден и пари за земјоделците се обезбедени и во согласност со динамиката за исплата, ќе бидат исплаќани“, додаде Костовски.


АПМ: Блокадата на Собранието остава многу негативни последици во секојдневниот живот


Охрид, 22 април, 2017 - 10:39 (META) 

Алијансата за позитивна Македонија (АПМ) бара да прекинат „игрите без граници“ со пасивното блокирање на изборот на претседател на Собранието и мирниот трансфер на власта, што треба да ја преземе новото парламентарно мнозинство.

„Граѓаните на Република Македонија го чувствуваат нефункционирањето на државата во секој чекор и во секој дел од животот, со што станаа и заложници на партиската врхушка на ВМРО-ДПМНЕ во нивната замисла да ја избегнат одговорноста за криминалите за што се обвинети или ќе бидат обвинети од Специјалното јавно обвинителство“, се вели во соопштението на АПМ.

Оттаму укажуваат дека блокадата на изборот на нова влада остава многу негативни последици во реалниот живот. Конкретно, од АПМ бараат преземање итни мерки за ублажување на тешката состојбата на земјоделците и во земјоделството.

„Најновите случувања со неинтервенирањето на државата во врска со заштитата на посевите и на насадите од ниската температура, а при тоа ако се додадат и неисплаќањето на минатогодишните субвенции на земјоделците, состојбата кај земјоделците е сериозно нарушена до работ на егзистирање и на функционирање. Состојбата е битно загрозена во Преспанскиот Регион каде што овоштарите имаа големи штети и од минатогодишниот мраз“, велат од АПМ.


Груевски во Неготино вети дека сите села ќе станат слободни економски зони


Неготино, 23 ноември, 2016 - 21:56 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на митингот во Неготино порача дека на 11 декември народот ќе избере политичари кои се борат за целосна, суверена и независна Македонија.

Тој го обвини претседателот на СДСМ, Зоран Заев, дека заговара кантонизација, двојазичност на цела територија и рекомпонирање на државата.

Груевски вети повеќе проекти од областа на образованието, здравството, земјоделството, меѓу кои и изградба на агро-пазар кој ќе чини 20 милиони евра, а се осврна и на новиот проект за рурални развојни зони, со кој речиси сите села ќе станат слободни економски зони.

– Со новата програма, предвидуваме и почеток на изградба на три нови автопати Гостивар – Кичево,Скопје – Блаце и Требениште – Струга. Се планира изградба и на шест експресни патишта со четири ленти, предвидуваме изградба и реконструкција на повеќе од 60 регионални патишта во вкупна вредност од повеќе од 40 милиони евра и локални патишта во вредност од 30 милиони евра – истакна Груевски.