Нема двоумење како се нашле заедно поглавјата содржани во овој кластер. Нивни заеднички именител се парите – оние што државата пристапничка би требало да ги користи од ЕУ, но и оние што треба да ги придонесува во ЕУ.

Поглавјата 11, 12, и 13 се однесуваат на земјоделството, рибарството и безбедноста на храната, додека поглавјето 22 се однесува на користењето на фондовите на ЕУ чија цел е поурамнотежен развој – кохезија. Поглавјето 33 се однесува на капацитетот за пресметка и собирање на сопствените ресурси на ЕУ кои идната држава членка треба да ги придонесе во ЕУ.
Поглавја од кластерот 5: Ресурси, земјоделство и кохезија
- Земјоделство и рурален развој
- Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика
- Рибарство
- Регионална политика и координација на структурни инструменти
- Финансиски и буџетски одредби
Последователните реформи на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, како и развојот на другите политики и форми на поддршка доведоа до значително опаѓање на процентот на буџетот за земјоделство. Од 70 отсто во седумдесеттите години на минатиот век буџетот на ЕУ за Заедничката земјоделска политика достигна просечни 37,8 отсто во буџетскиот период 2013-2020 година, за во тековниот седумгодишен период да се предвидени 31,2 отсто. И покрај намaлувањето на процентот и зголемувањето на бројот на државите членки, ова се сепак големи средства. Постепените промени во заедничката земјоделска политика, покрај субвенционирањето, одеа во насока на поттикнување на руралниот развој и заштита на животната средина.
Од друга страна, средствата за структурни фондови, кои во изминатиот буџетски период изнесуваа 34 отсто од буџетот на ЕУ, во тековниот период се намалени и скоро исти како и оние за заедничката земјоделска политика – на 30,7 отсто од Седумгодишниот буџет на ЕУ. Меѓутоа, новиот инструмент „Нова генерација ЕУ“ наменет за обнова по пандемијата, исто така, го поддржува развојот, што индиректно значи и урамнотежениот развој, односно кохезијата.
Би било погрешно да се мисли дека во овој кластер се работи само за користење на средства од ЕУ. Се работи, пред сѐ за сложено приспособување на политиките во земјоделството, рибарството и безбедноста на храната, како и подготовка на админстративните капацитети за учество во овие политики, а следствено – и за користење на расположивите фондови на ЕУ.
Што се однесува до подготвеноста на нашата држава во поглавјата поврзани со земјоделството, она што е најпозитивно е високата усогласеност на националното законодавство во областа на безбедноста на храната, што е едно од најобемните и најсложените во пристапувањето. Европската комисија ја оценува подготвеноста во ова поглавје како „добра“ (4 од можни 5), што е високо ниво споредено со другите држави од регионот. Оценката за усогласеност во земјоделството и рибарството е „умерено подготвена“ (3 од можни 5). Позитивно е што и напредокот е оценет како „добар“ (3 од можни 4) во двете поглавја 11 и 12. Во поглавјето 11. Земјоделство и рурален развој значајно е што се воспоставени главните системи за податоци за фарми, како и системот за интегрирано водење и контрола. Поглавјето Рибарство не е сложено за нашата континентална држава, но сепак може да се постигне повеќе напредок во однос на слатководните ресурси.
Поглавјето 12 „Безбедност на храната“ треба да се истакне како редок позитивен пример во процесот на пристапување во државата во ЕУ. Континуираниот напредок и високото ниво на усогласеност со законодавството, но и институционалната подготвеност, треба да се одржат, но и да се искористат за добробит не само на граѓаните, туку и за деловните субјекти. Секако дека треба да се размислува и во насока на приоретизација на кластерот во целина.
Послабата карика во овој кластер се чини дека е Поглавјето 22. Регионална политика и координација на структурните инструменти. Во ова поглавје не се работи за преземање на законодавство на ЕУ, туку за подготовка за користење на структурните фондови. Се чини дека заморот од долгогодишниот процес, но и внатрешните слабости во управувањето на човечките ресурси многу ги погоди структурите за управување на средствата од ЕУ, па одливот на обучен кадар стана сериозен проблем. Меѓутоа, не треба да се заборави дека кога се зборува за подготвеност на користење на структурните фондови, што се огледа преку често критикуваното користење на Претпристапниот инструмент (ИПА) тоа е индикација за програмирањето и управувањето со ресурсите во целина.
Иако усогласувањето во Поглавјето 33. Финансиски и буџетски одредби е вообичаено во подоцнежните фази на пристапувањето, се чини дека постои простор за напредок и сега, особено во примената на усогласување на националните сметки и Бруто домашниот приход со Европскииот систем на сметки (ЕСА 2010).
