Климатските промени се голем предизвик за земјоделието, ако не ги намалиме ќе останеме без храна

Фото: Blueberry Nights on Unsplash

Последиците од климатските промени се големи, а Северна Македонија повеќе од три децении е под ризик од екстремни климатски настани. Тоа, пред сè, се пожарите, поплавите, сушите, зголемена температури, поројните дождови, а нивното влијание врз земјоделието и производството на храна, шумите, водите, биодиверзитетот е огромно.

Колку земјава е отпорна и подготвена да се соочи со нив беше темата на конференцијата „Отпорност на екстремни климатски настани – #ВозможноЕ да се активираат реални решенија во управувањето со климатските екстремни настани во земјата“ во организација на Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP), Министерството за животна средина и просторно планирање и платформата Климатски Промени, klimatskipromeni.mk.

Говорниците порачаа дека е можно и неопходно да се активираат вистинските решенија за спречување на екстремните климатски настани во Македонија, бидејќи во спротивно, поплавите, сушите и другите опасности кои ги носат, сè почесто ќе стануваат наше секојдневие. Превенцијата, а не само санацијата, е една од клучните мерки, а предвидувањето и спречувањето на катастрофите кои што може да се случат е едена од најважните активности кои треба да се преземат.

Ако сакаме добра иднина мора да ги заштитиме нашите добра, смета министерот за животна средина Насер Нуредини и посочува дека заштитата на шумите, природата и биодиверзитетот ќе ни помогнат да ја достигнеме целта на нашата амбиција.

„Осогово е прогласено за заштитен предел, се очекува законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк да помине во Парламентот, се работи да се заштити и Водно, кое е бели дробови на Скопје и не смее да се дозволи да се сече и гради, потоа за заштита на Матка и Малешево. Амбициозни сме за да создадеме подобра иднина за децата, се трудиме да се доближиме до европските цели, а тоа е во наша корист. Колку повеќе зеленило имаме толку повеќе придонесуваме за намалување на импактот на климатските промени и иако не сме голема земја, ќе го дадеме својот удел“, посочи Нуредини.

Екстремните временски настани, како топлите или студените бранови, екстремните температури, тропските ноќи со температури повисоки од 20 целзиусови степени, поголем број денови со поројни вренежи, но и поголем број сушни периоди, се главните последици од климатските промени кои се чувствуваат во Северна Македонија.

Според Нина Алексовска од Управата за хидрометеоролошки работи, оваа институција промените ги следи веќе седум децении, но појавите како честите топлотни бранови особено се интензивирани во последните триесеттина години. Во последната декада, која е регистрирана и како најтоплата во историјата, се случиле и најголемите промени како последица од климатските промени кои се чувствуваат во секој дел од земјата.

„Очекувано е дека и во иднина ќе продолжат трендовите од последната декада. Во Македонија климата ќе биде потопла и посушна, а во најекстремното сценарио мразните денови ќе се намалат за околу 60 дена во годината, а за исто толку ќе се зголемат топлите летни денови и тропските ноќи. Ќе се зголемува и вегетациониот период, па на пример во градови како Гевгелија може и да нема прекин и овој период да трае цела година. Ќе се зголемуваат и врнежите од 40 милиметри за околу 60 отсто, а целата територија е под висок ризик и од суша“, посочи Алексовска.

Таа информира дека предвидувањата на УХМР се дека екстремните настани ќе бидат присутни и во иднина, а луѓето ќе мора да се адаптираат. Клучно е да се воведуваат мерки за заштита и превенција. Една од новините имплементирана кај нас минатата година е и авионското засејување на облаците, како метода за спречување на град. Се работи за нов модерен систем за заштита на посевите од градоносни облаци која се спроведувала во Овче Поле, Пелагонија и Струмичко, а резултатот се помалку штети на земјоделските поврзшини.

Според амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер, оваа земја поддржува голем број на проекти во Северна Македонија кои се во насока на ублажување на климатските промени. Таа ги посочи прогласувањето на Осоговските планини за заштитено подрачје, проектите во Брегалничкиот регион и за Преспанското езеро, каде се работеше и со локалните производители на јаболка за намалување на употребата на пестициди и нивното влијание на езерото. Исто така со поддршка на Швајцарија се спроведуваат и активности за намалување на поплавите и нивните последици во Полог, а целта е да се спречи повторување на настани како што се случија во 2016 година.

Анита Коџоман, координатор на програмата за животна средина и управување со ризици и кризи во UNDP посочи дека истовремено се работи на идентификување и анализа на ризиците и на ранливоста од климатските промени на неколку клучни сектори, кои следат со сет на акции. Целта, посочи таа, е да се намали смртноста, штетата на инфраструктурата, да се обезбеди спроведување на плановите за управување со ризици и катастрофи а да не се запре развојот на општините.

Како еден од најзагрозените сектори од климатските промени е производството на храна. Според Васка Мојсовска од Националната федерација на фармери, производителите во последната декада се соочија со сите климатски предизвици како што се сушите, град, обилните дождови, пролетниот мраз….

„Не постои сектор во земјоделието што не е засегнат од климатските промени. Неопходни се мерки мерки за да нема загуби на храна. Работиме со земјоделците кои преку обуки се учат на добра пракса, имаме и опитни полиња, но проблем за нив се финансиите. Со овие ниски откупни цени тие немаат можност да инвестираат во заштита како што се системите капка по капка, заштитните фолии или мрежи, или антифрост системите“, вели Мојсовска.

Според професорот Душко Мукаетов од Земјоделскиот институт, научните институции, во соработка со УНДП и УСАИД постојано рабoтат на мерки за намалување на влијанијата на климатските промени.

„Со УНДП се работи на поголема отпорност и одржливост во некои региони во земјата, а со УСАИД се воспоставени 16 тест полиња на кои се демонстрираат мерки за адаптација. Овие климатски акции неопходно е да се едноставни за примена, да не бараат технолошки знаења од земјоделците, да не одземаат многу време, како и да не чинат многу пари. Во спротивно производителите треба да добијат поддршка за да ги имплементираат“, посочи Мукаетов.