Мерките против загадувањето на воздухот треба да почнат од домаќинствата


Скопје, 3 ноември, 2018 - 8:54 (META) 

Мерките кои треба да се спроведуваат за намалување на загадувањето треба да почнат од домаќинствата, оцени академик Глигор Каневче на конференцијата „Загадувањето на градовите во Република Македонија: кои се решенијата?“, што се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.

– Мерките кои треба да се спроведуваат за намалување на загадувањето треба да почнат од домаќинствата. Треба да имаат печки со висока ефикасност, да се подобри изолацијата на постојните домови и да се користат топлотни пумпи. Во индустријата, пак, треба да има пречистување со повисока ефикасност и горива со ниски емисии, да се подобри енергетската ефикасност, развој на енергетски екстензивни гранки, и да се воведат мерки за намалување на емисиите во градежништвото – предложи Каневче.

Проблемот не е во законите, смета академик Таки Фити, туку во нивната имплементација

– Не се спроведуваат законите, и тоа се гледа и со голо око – нагласи Фити.

Тоа, според него, им овозможува на компаниите да ги избегнуваат обврските за заштита на животната средина.

– Основна цел на компаниите во пазарната економија е да го максимизираат профитот. Ако сакате да го максимизирате профитот, доколку тоа некој ви го дозволи, вие нема да вградувате филтри за прочистување на воздухот, нема да вградувате технологија за прочистување на водата, туку едноставно ќе ги фрлате во воздухот, во блиската река и ќе ја деградирате животната средина. Зошто? Бидејќи ако инвестирате во технологии за заштита на животната средина, ви растат трошоците и ви се намалува профитот. Значи, пазарот ве тера тоа да го правите, профитот. Но, затоа државата треба да каже стоп – вели академик Фити.

Домаќинствата, односно греењето на дрва, и индустријата, особено производството на електрична и топлинска енергија, се најголеми загадувачи на воздухот по речиси сите параметри, што е документирано во десетици извештаи.

На пример, во последниот вкупен годишен извештај за состојбата на животната средина, објавен од Министерството за животна средина и просторно планирање, стои:

„Согорувањето на дрва за затоплување во домаќинствата е клучен извор во вкупните национални емисии на цврсти честички со удел од 44 отсто до 63 отсто (во зависност од големината на честичките), како и во вкупните емисии на јаглерод моноксид со удел од 65 отсто“, стои во извештајот.

„Мета“ објави неколку стории и инфографици за стапката на смртност како резултат од загадувањето на воздухот, количеството на загаден воздух и за нецелосното функционирање на мерните станици.


Град Скопје: Сериозно ги сфаќаме предизвиците со загадувањето


Скопје, 2 ноември, 2018 - 15:53 (META) 

Изминатиов период просечните вредности на загаденоста на воздухот не ги надминуваат граничните вредности, односно тоа се случува само во кратки временски интервали и на одредени локации, се вели во реакцијата на Градот Скопје на информациите кои изминативе два дена се објавуваа во јавноста, околу загадуваето на воздухот во Скопје.

Од градската администрација велат дека, сериозно ги сфаќаат предизвиците со загадувањето на воздухот и дека работат на системско решавање на проблемот преку спроведување активности дефинирани со Планот за подобрување на квалитетот на воздухот кој опфаќа 53 краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки.

Како дел од преземените мерки, од Град Скопје ја спомнуваат постапката за набавка на 40 нови еколошки автобуси и велат дека нивните инспекциски служби се постојано на терен, контролирајќи ги лицата кои креираат и ги палат дивите депонии при што се изречени двојно повеќе казни во однос на истиот период лани.

„Од аспект на греењето, Градот Скопје го формира новото јавно претпријатие „Градски енергетски системи АД Скопје“ кое ќе врши енергетски дејности и ја реализира постапката за преземање на градската топлификациска мрежа, со што ќе стане директен фактор во одлуките во оваа област, која е голем причинител за загадувањето на воздухот, како и да се вклучи во процесот на гасификација на Скопје. Покрај ова, Градот и оваа година субвенционираше граѓани кои се греат на печки на дрво и други течни горива, да набават печки на пелети кои загадуваат далеку помалку“, велат од Градот.

Од таму апелираат до граѓаните да се вклучат во борбата против загаденоста на воздухот, преку помало користење на возилата, а за затоплување на домовите да не користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал.


Аерозагадувањето во Тетово – приказна која постојано се повторува


Тетово, 2 ноември, 2018 - 13:29 (META) 

Тетово и понатаму се бори со загадувањето на воздухот и е на листата на најзагадени градови во светот. Ситуацијата посебно се влошува кога започнува грејната сезона, бидејќи голем број на граѓани се греат на дрва. Информациите дека во Македонија се дише најзагаден воздух во Европа, од страна на Светската здравствена организација предизвикаа низа реакции кај граѓаните. Велат, најмногу се загрижени заради здравјето на децата.

„Најлошо е рано наутро и навечер, кога најмногу се чувствува лоша миризба и чад. Што ќе биде кога ќе се започне со масовно греење. Многумина веќе и си заминаа заради ваквата состојба. Општината не презема ништо, само се гради, а овој хаос навистина е неиздржлив“, се жалат Тетовци.

Од невладината организација „Еко Герила“ велат дека информациите објавени деновиве, се од студија направена годинава, но користени се податоци за Тетово од 2013 година. Сепак, тоа не значи дека нема загадување. Проблемите кои го предизвикуваат аерозагадувањето се уште стојат.

-Истото се повторува секоја година. Важно е во Тетово да се реализира процесот на гасификација. Има премногу стари возила, кои не исполнуваат стандарди. Нема јавен превоз, помалите фабрики, особено оние за производство на мебел многу го загадуваат воздухот, како и отпадоците, кои ги има во изобилие. Не знам по кој пат се повторува овој проблем и се апелира до општината за преземање мерки. Бараме поголема контрола од општината и институциите. Вака изгледа дека надлежните се плашат да реагираат кај сопствениците на фабриките заради губење на гласови или поддршка од нив. Очигледно е дека некои фабрики се штитат заради други цели – вели Аријанит Џафери од „Еко Герила“.

И во текот на измината вечер, во Тетово беа измерени речиси 77 микрограми на метар кубен ПМ10 честички во воздухот, а дозволени се 50. Во наредниот период се очекува бројката енормно да се зголеми.


„Еко-свест“ покрена петиција за мерки за намалување на аерозагадувањето во Скопје


Скопје, 2 ноември, 2018 - 13:00 (META) 

Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ по најновите извештаи за загадувањето на воздухот во Скопје, покрена онлајн-петиција со која од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Град Скопје се бараат итни чекори за борба против причините за загадување на скопскиот воздух.

Еко-свест“ ги повика сите граѓани да се потпишат на петицијата, со која се бара забрана за употребата на јаглен за загревање на домаќинствата, како и ограничување на движењето на возилата во центарот на Скопје, како и нов зимски сообраќаен режим во градот.

Се бара и намалување на ДДВ за топлинска енергија и намалување на трошоците за приклучување на старите и новите згради на централното градско греење, како и подобрување на јавниот транспорт. Дополнително се предлагаат стимулации за работниците кои одат до работа и до работа дома пеш или со велосипед или пак ќе се организираат повеќе лица да патуваат со еден автомобил.

Се предлага и ограничување на индустријата и градежните активности во зимскиот период, како и строги казни за палењето диви депонии или стрништа.

Петицијата може да се потпише тука.


Мерната станица во Лисиче три недели не го мери загадувањето на воздухот


Скопје, 25 октомври, 2018 - 16:38 (META) 

Мерната станица која го мери квалитетот на амбиенталниот воздух во скопската населба Лисиче веќе три недели не е во функција и не покажува податоци за загадување со канцерогените ПМ-10 честички и воопшто не го мери количеството на ПМ-2,5 честичките, а нередовно ги покажува и концентрациите на озон.

Инструментот поставен во Гази Баба уште од август не ги мери концентрациите на ПМ-10, а во Карпош не се мерат ПМ-2,5 честичките.

инфографик 1

Гази Баба, заедно со населбите Аеродром, Лисиче и Ново Лисиче, минатата година ги соборуваа рекордите со најмногу загадени денови- лани 177 имало во Гази Баба, потоа следи Лисиче со 161, Центар кај Ректоратот 154, Центар 147 и Карпош 145 денови.

Линкот на сајтот на Министерството за животна средина и просторно планирање, на кој треба да бидат јавно достапни податоците за степенот за загадување на воздухот во Скопје и во другите градови во државата не е во функција, бидејќи е променета веб-адресата во http://air.moepp.gov.mk што е збунувачки за граѓаните.

Ниту министерот за животна средина Садула Дураку, ниту пак заменикот-министер Јани Макрадули, не беа достапни за изјава во врска со мониторингот на загадувањето на воздухот туку најавија соопштение до јавноста во кое требало да ги образложат причините за несоодветното информирање за загадувањето.

„Мерните станици се сервисираат“ е одговорот кој најчесто се добива од Министерство на прашањето, зошто некои мерни станици за квалитет на воздухот во главниот град на државата, поставени токму од ова Министерство, веќе подолго време не враќаат податоци за степенот на загадување со честичките ПМ 10 и ПМ 2,5 кои се едни од најсериозните индикатори за опасност од аеро-загадување.

Ова може да се забележи и на веб-апликацијата и сајт Мој воздух, која редовно добива податоци од истите мерни станици на Министерството, но каде дел од станиците враќаат само некои од параметрите кои се на листата за мерења.

Авторот на овој мошне посетуван сајт, Горјан Јовановски, вели дека нема повратен одговор од Министерството зошто некои мерни станици испраќаат податоци за некои параметри, додека други не.

Според О2 Коалицијата за чист воздух симптоматично е дека мерните станици во Гази Баба и Карпош за помалку од два месеца се повторно на сервисирање, калибрирање и прашуваат зошто не е добро направено претходното..

„Пред скоро два месеци испративме повеќе прашања до Министерството за животна средина и просторно планирање на кои и покрај најавениот одговор од 15 дена од заменик министерот Јани Макрадули, одговори до ден денешен не добивме“, велат од О2 Коалицијата.


Сончево време со слаб североисточен ветер


Скопје, 9 октомври, 2018 - 9:23 (META) 

Времето денеска ќе биде сончево, а во западните делови со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северoисточен ветер.

Утринската температура ќе се движи од два до 11, а дневната највисока температура на воздухот ќе се движи во интервалот од 21 до 27 Целзиусови степени.

Во Скопје ќе биде сончево со слаб до умерен североисточен ветер. Утринската температура ќе достигне до 10, а дневната температура до 25 Целзиусови степени.

И во наредните денови ќе преовладува сончево време со малку постудени утра, а дневните температури ќе бидат без позначителни промени


Загадувањето тропа на врата, Шилегов ќе го решава со долгорочни мерки и обуки за оџачари


Скопје, 4 октомври, 2018 - 10:54 (META) 

Во пресрет на зимската сезона, во која со години загадувањето на воздухот во главниот град ги соборува европските па и светски рекорди, градските власти најавуваат дека ќе се справува со загаденоста преку систем на среднорочни и долгорочни мерки. Како една од клучните мерки се наведува основањето на АД Градски енергетски системи односно преземањето на топловодната мрежа за парно греењето од страна на градот, како и со отпочнувањето на процесот на гасификацијата во Скопје, субвенционирањето на набавка на печки на еко пелети, како и субвенционирањето на чистење на оџаците во домаќинствата и на обуки за идни оџачари.

– Како што најавив, обезбедивме средства за 40 еко автобуси на гас кои очекувам во Скопје да ги имаме веќе следната година. Продолжуваме да работиме на ефикасноста на функционирањето на јавниот превоз што ќе подразбира негово помасовно користење од страна на граѓаните за сметка на користењето на автомобилите – изјави за „Мета“ градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Во мерките за намалување на загадувањето Градот ги смета 5-те километри нови велосипедски патеки, субвенционирање на купување на велосипеди, а од вчера и на електрични тротинети. Од канцеларијата на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов информираат за подигање на нови и реконструкција на постојни зелени површини од околу 50.000 квадратни метри, а до крајот на годинава треба да бидат засадени вкупно 10 илјади дрва.

Градот признава дека иницијативата за налепници за возилата согласно степенот на загадување, кое беше и едно од барањата и на екологистите минатата сезона, не е реализирана поради тоа што заглавила во другите надлежни државни институции. Од Градот тврдат дека тие својот дел од обврските го завршиле, но дека е неизвесно кога овој систем воопшто ќе профункционира.

Од градската администрација информираат и за кол-центарот на кој преку бесплатната телефонска линија 193 граѓаните можат деноноќно да пријавуваат огнови кои што горат на отворено за потоа на терен да бидат испратени комбинирани тимови од инспекциските служби, полицијата и бригадата за противпожарна заштита, а од март до сега, колку што постои и функционира бесплатниот телефонски број (070 270 557) за пријавување на диви депонии, граѓаните пријавиле околу 300 такви локации.

Сепак, повеќето од потезите на Град Скопје и на градоначалникот Шилегов не соодветствуваат или само ги ублажуваат проблемите поврзани со загадувањето на воздухот во Скопје за чие што решавање граѓанските здруженија веќе подолго време преговараат со градските и централните власти. Пред локалните избори 2017, сите кандидати за градоначалници на град Скопје, меѓу кои и Шилегов, потпишаа Меморандум со граѓанската иницијатива О2 Коалиција со кој се обврзаа на исполнување на 39 барања поврзани со справување со загадувањето на воздухот.

На апликацијата „Мој воздух“ постои алатка за мониторирање на исполнување на тие ветувања наречена Политички бројач на која стои дека, за 344те дена од мандатот, градоначалникот на Скопје исполнил само едно од 39-те барања, а тоа е да не се прскаат улиците со калциум магнезиум ацетат поради слабиот ефект врз загадувањето, додека 9 барања имаат статус на делумно исполнети или во процес на исполнување.

Во неисполнетите барања спаѓаат воспоставувањето на пешачки дел во центарот на Скопје, заштитни зелени зони околу загадувачите, приоритет на воздухот во урбанистичките планови, строга заштита на парк-шумата Водно, покривање на депонијата кај ОХИС, итна ремедијација на „Годел“, на троската на Железарница, ефикасна еко-инспекција и повеќе други. Како барања кои се во процес на исполнување се наведени вонредните мерки за време на грејната сезона како и вклучувањето на граѓаните во процесот на донесување одлуки.

Утре еколошките здруженија ќе учествуваат на средба на интерресорската група за загадување на амбиенталниот воздух под претседателство на заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули на која се очекува да ги повторат своите барања за поефикасно справување со проблемот на загаденоста на воздухот во Скопје.

disklejmer1-01


Претпладне променливо облачно време, попладне со локален дожд


Скопје, 2 октомври, 2018 - 9:42 (META) 

Времето претпладне ќе биде променливо облачно, во југоисточните делови со локален дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и југозападен правец.

Утринската температура ќе се движи од осум до 16, а дневната највисока температура на воздухот ќе се движи во интервалот од 18 до 25 Целзисуови степени.

Во Скопје ќе биде умерено облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен ветер од југозападен правец. Температурите ќе се движат од 12 до 24 Целзиусови степени.

Од вторник времето ќе биде претежно стабилно и релативно топло. Повеќе услови за локален дожд ќе има во среда и петок.


ЕЛЕМ: Новото раководство презема мерки за заштита на животната средина


Скопје, 13 февруари, 2018 - 14:05 (META) 

Во врска со кривичните пријави поднесени денеска од СВР Битола, ЕЛЕМ информира дека компанијата се става на располагање на сите државни институции, во интерес на спроведување на потребните процедури и утврдување на фактичката состојба.

„Во однос на делото за кое се однесуваат пријавите, потенцираме дека новото раководство на ЕЛЕМ презема мерки во насока на заштита на животната средина и сите активности се во насока на производство на електрична енергија со што помало влијание на околината. Во 2017 година новото раководство почна постапка за набавка на опрема за стандардизирање на отпепелувањето, која ќе спречи отпадната пепел да се шири во околината. За 2018 година предвидени се средства за набавка на електростатски филтри кои ќе спречат емисија на штетни материи во воздухот“, се додава во соопштението.

Од ЕЛЕМ велат дека, „во врска со информацијата од СВР Битола, од наведените физички лица-функционери во РЕК Битола, во моментов само едно лице се води како актуелен раководител, односно станува збор за раководител кој е на таа позиција подолго време и не е дел од новите назначувања кои се случија во комбинатот минатиот месец.“


Во 20 часот се укинува бесплатниот автобуски превоз воведен поради загадувањето


Скопје, 1 февруари, 2018 - 11:31 (META) 

По добиените информации од Министерството за животна средина и просторно планирање дека среднодневните концентрации на ПМ10-честички во воздухот се под дефинираниот праг на алармирање од 200 микрограми на еден кубен метар и нема зголемено загадување во текот на два последователни дена, Град Скопје информира дека се укинуваат вонредните мерки и интервентните препораки за намалување на загадувањето на воздухот што беа воведени на 30 јануари.

„Со тоа, мерките и препораките за намалување на загадувањето на воздухот се укинуваат веднаш. Но, Град Скопје за да им овозможи на граѓаните коишто на своите работни места пристигнале со автобус, бесплатно да се вратат дома, бесплатниот јавен превоз ќе се укине во 20 часот. Овие мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот ќе се воведат повторно доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот, а за што граѓаните ќе бидат навреме информирани“, информираат од градската администрација.

Претходно, Државниот инспекторат за животна средина информираше дека загадувањето на воздухот е под прагот на алармирање. Од таму вчера вршеле набљудување со изнајмен дрон над местата од кои може да се создава загадување на воздухот и откривање на прекршителите.