По две години во „магла“, пред крај се набавките за нови инструменти за мерење ПМ-10 честички

Од 17 мерни места низ земјава, каде што Министерството за животна средина и просторно планирање ја контролира состојбата со квалитетот на воздухот, шест не мерат ПМ-10 честички. Од нив четири се расипани, во Гази Баба, Миладиновци, Битола и Струмица, а во две, Ѓорче Петров и Карпош, инструментите се исклучени, бидејќи не даваат точни резултати. На две места, во скопските општини Карпош и Центар не работат и мерните инструменти за другите штетни материи, озон, јаглероден моноксид, сулфур диоксид и азотни оксиди, иако тие се меѓу најзагадените општини во земјава.

Проблемот со расипаните мерни станици на Министерството се провлекува веќе втора година по ред, а некаде и подолго. Објаснувањата, лани, а и сега, се дека во тек се јавните огласи, со кои се набавуваат нови инструменти или делови за старите. Министерот за животна средина Насер Нуредини минатата недела информираше дека јавните набавки сè уште се во тек, но се пред крај.

Нуредини најави и дека Гевгелија ќе биде ново мерно место каде ќе се мери квалитет на воздухот. Овој мерен пункт ќе биде опремен со инструменти за озон, азотни оксиди, сулфур диоксид и јаглероден моноксид, секвенцијален нисковолуменски семплер за мерење на PM10 и PM2.5, како и метеоролошки сензори, а се набавува преку IPA-CBC проект. Преку истата набавка ќе се опреми и мерното место во Битола со истите инструменти за мерење на овие параметри како и со метеоролошки сензори.

Сепак, од Министерството не најавуваат дали и понатаму ќе се проширува мрежата мерни станици и во други градови, каде што состојбата со квалитетот на воздухот засега само се претпоставува. Во план е годинава да се оспособат станиците кои се расипани, а за ова прашање ќе се размислува дополнително.

„Од буџетот на министерстовото годинава се набавуваат по седум нови мерни инструменти за озон, сулфур двооксид и јаглерод моноксид, потоа две нови автоматски мерни инструменти за PM2 и два нови секвенцијални нисковолуменски семплери за мерење на ПМ-10 и ПМ-2.5, седум нови сета од метеоролошки сензори за мерење на брзина и насока на ветар, атмосферски притисок, влажност, глобална радијација, надворешна температура, како и кула за калибрација на автоматски мерни инструменти за ПМ-10 и ПМ-2.5. Сите би требало да се стават во функција во првата половина од декември. Покрај тоа, 27 инструменти се набавуваат и преку SIDA проект, кои ќе дојдат до крајот на годината, а подготвена е и тендерска документација преку IPA2 проект, за што се очекува објава на тендерот, информираат од Министерството.

Низ земјава има вкупно 17 мерни станици и една мобилна во мрежата на Министерството, во кои има по пет мерни инструменти за мерење на пет различни параметри. Кај одделни мерни станици, дел од мерните инструменти веќе втора година не работат, па така ПМ-10 честичките не се мерат во Гази Баба, Миладиновци, Битола и Струмица како и во мобилната станица во Ѓорче Петров.

Мерниот инструмент за мерење на ПМ-10 и ПМ-2.5 од мобилната мерна станица во Ѓорче Петров и мерните инструменти за ПМ-10 од мерните станици во Карпош и Струмица се исклучени поради технички проблем. ПМ-10 честички не мерат ниту станиците Битола 1 и Миладиновци кои се исклучени поради осцилации во мерењата. Проблемот, велат во Министерството е во дотраеноста на инструментите и на нивниот извор за радијација, со оглед на тоа дека оптимална оперативна работа на еден инструмент е 10 години.

„Мерниот инструмент за мерење на СО од мерната станица Ректорат е исклучен поради технички проблем, додека мерните инструменти за мерење на O3, CO, SO2 и NO-NO2-NOx од мерните станици Карпош и Центар кои не се во функција се од производителот Orion, и за нив нема резервни делови поради престанок на работа на фабриката. Истите треба да се заменат со нови мерни инструменти од други производители“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.