fbpx

Се колнеме во Базелската конвенција, а опасниот отпад се проверува со голо око

-

Ниту една надлежна државна институција досега не одговорила на отворените сомнежи искажани од страна на еколошките активисти дека во државава се увезува опасен отпад, кој потоа на различни начини учествува во загадувањето на воздухот.

Во недостиг на акредитирана државна лабораторија, која би го испитувала составот на отпадните материјали кои сега се увезуваат како суровини за различни потреби на индустријата, царинските служби се потпираат на она што пишува на царинските документи, на визуелни контроли од страна на царинските службеници и на надежта дека при увозот била испочитувана Базелската конвенција која го регулира извозот, движењето и увозот на опасен отпад.

– Засега се потпираме на одредбите на Базелската конвенција, според која постои обврска за извозникот да декларира дека стоката која се увезува не е опасен отпад. Тоа не е погрешно, но не е доволно – вели Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање.

Сепак, таа вели дека е можно опасен отпад да биде увезен како суровина.

– Затоа е важно да може да се испита за што точно се работи. Имавме проект во рамките на кој вршевме обука на цариниците за да можат со визуелна инспекција да се посомневаат дали треба да се направи лабораториска анализа. При таа визуелна инспекција, доколку цариникот се посомнева, теоретски, би требало да нарача една цела низа лабараториски испитувања за евентуално да се утврди што точно не е во ред со тој отпад. Но, и да се посомневаат, немаме начин тоа да го докажеме. Лабораториски анализи не е достапни во државава, бидејќи немаме национална акредитирана лабораторија за отпад – вели Петровска.

Уште од 2007 година во Министерството за животна средина, со помош на пари од ЕУ, бил направен прецизен план што треба да се направи за да се акредитираат методи за испитување на отпад, но ништо од тој план не е реализирано и сега. Според податоците од самото Министерство, акредитирањето е се уште на самиот почеток.

За фактот дека централната лабораторија при МЖСПП, и по повеќе децении постоење не е акредитирана, ниту еден министер не поднел одговорност. Во такви околности непотврдените информации дека на Дрисла се согорува опасен отпад, никој со сигурност не може да ги демантира.

Еколошки активисти под иницијативата „Здружени за чист воздух“ на 31 јануари годинава го блокираа пристапот до Дрисла во обид да побараат одговори на прашањето што и како се согорува во Дрисла, дали се запазуваат европските стандарди и што преземаат државните органи.

– Забраната за увоз на отпад значително ќе придонесе до намалувањето на нивото на загадувањето, особено во Скопје. Има сериозни индиции дека Дрисла е една од главните причини за загадувањето на воздухот, а од друга страна нема транспарентност за тоа каков отпад се увезува од странство и што се согорува во Македонија. Сите мерки кои се преземаат против загадувањето ќе бидат само козметички, ако не се забрани увозот на отпадот – рече Аријанит Џафери од „Еко-герила“.

До објавувањето на овој текст, Царинската управа не одговори на прашањата на „Мета“ со какви методи се утврдува дали некоја увезена стока содржи опасни супстанци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...