Аерозагадувањето, климатските промени и обновливите извори највисоко на еколошката агенда на новата Влада

Фото: Арбнора Мемети

Интензивно зазеленување на земјата и промена на начините за загревање на институциите и домовите, како еден од најитните одговори на аерозагадувањето, потоа соодветен третман на отпадот како и нови транспортни политики со акцент на субвенции за еколошки возила и велосипеди, се главните еколошки определби на новата Влада во програмата за периодот од 2020 до 2024 година. Ќе се работи и на историските жаришта како ОХИС и отпадот од рудникот во Радуша, а во иднина нема да се дозволи експлоатација без план за справување со отпадот. Во еколошкиот дел, кој е еден од шесте столба на новата програма, Владата предвидува и забрана за изградба на нови мали хидроелектрани во заштитени подрачја и национални паркови.

Контролата и намалувањето на загадувањето остануваат еден од основните цели на новата Влада, кои треба да се постигнат преку употреба на еколошки горива и користење на обновливи извори на енергија. До крајот на мандатот, оваа влада најавува дека ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење, туку сите ќе треба да се префрлат на централно парно греење, гас, инвертер клима уреди или топлотни пумпи.

Во првите две години ќе се инвестираат пет милиони евра за енергетска ефикасност на јавните објекти заради намалување на потрошувачката и загадувањето. Меѓу поамбициозните идеи е најавата до 2024 година, над 50 отсто од вкупната инсталирана електрична моќност да биде од обновливи извори на енергија. Се најавуваат фотоволтаични електрани и ветерни паркови во Богданци и Миравци, како и биогасни централи.

Сепак, и покрај тоа што акцентот се става на обновливите извори, а со тоа и на зеленото сценарио од Стратегијата за енергетика, во програмата на Владата се спомнува и отворањето на рудникот за јаглен Живојно, со кој се продолжува работењето на РЕК Битола за уште две децении и производството на струја од нечисти извори.

Премиерот Зоран Заев, во претставувањето на програмата пред пратениците во Собранието порача дека ќе нема никаков компромис за загадувачите.

„Ќе се зголемуваат казните за тие што ќе ја загадуваат нашата заедничка животна средина, за да има гаранција дека тоа што ќе го исчистиме денес, утре нема повторно да го загадиме“, рече Заев.

За министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, приоритети во следните четири години се аерозагадувањето, управувањето со отпадот и отпадните води, заштитата на природата и обезбедувањето на вода за пиење за секој граѓанин во земјата.

„Не смееме да заборавиме на климатската криза пред која е исправен целиот свет. Ако нешто научивме оваа година, тоа е дека здравата животна средина е предуслов за исполнување на сите човекови права, за нашето здравје, за рамнотежата во екосистемите. Но, и дека државите можат да преземаат радикални чекори кога тоа е потребно“, вели Нуредини.

Од Владата најавуваат дека ќе ги имплементираат Зелениот договор на ЕУ и Целите за одржлив развој на Обединетите Нации. Планирано е интензивно зазеленување на државата, а особено на најзагадените градови.

„Ќе се озбезбеди минимален процент на зеленило по жител, а ќе се даваат и субвенции и даночни олеснувања за набавка на електрични и хибридни возила и велосипеди. Ќе има нови мерни станици за мерење на ПМ честичките во воздухот, а граничните вредности на загадувачките супстанци ќе се намалуваат“, пишува во Програмата.

Историските жешки точки ќе бидат поука за иницирање на измена на законот за минерални суровини, за да се осигура дека по завршување на експлоатацијата, ќе се санира и рехабилитира теренот. Ќе се санира индустриското жариште, депонијата за индустриски отпад од рудникот во Радуша, а Владата најавува и испитување и на третата депонија во ОХИС, како и проектот за чистење на малата депонија, кој веќе е во тек.

Еден од најголемите проблеми, не само во заштитата на животната средина досега беше неспроведувањето на законите и слабата казнена политика. Владата амбициозно најавува до крајот на годинава воведување на 24-часовен мониторинг на Државниот инспекторат за животна средина и локалните инспекторати. Недоволниот број на инспектори ќе се надминува со вмрежување на државниот и локалните капацитети и со зголемување на ингеренциите. На располагање ќе им биде Централната лабораторија за животна средина, а Државниот инспекторат секоја година ќе потпишува договори за соработка со акредитирани лаборатории за суперконтрола. Се најавува и заострување на казните поради лошото искуство од неажурност на институциите и бирократско водење на постапките, а за оние кои загадуваат поради профит ќе има и кривична одговорност.

„Секој кој ќе биде констатирано дека ги прекршил правилата и процедурите ќе ја изгуби лиценцата и дозволите поради неодговорно однесување и неисполнување на законските обврски,“ предвидува Програмата.

Се промовира и одржливото управување со отпад и ќе се поддржува циркуларната економија со повторна употреба и рециклирање на материјалите и производите.

„До крајот на 2025 година минимум 60 отсто од тежината на отпадот од пакувањето да се преработи со операции за преработка или да се употреби за добивање енергија, а до крајот на 2025 година минимум 55 отсто, а максимум 80 отсто од тежината на отпадот од пакувањето да се рециклира“, стои во владината програма.