Хан: Веднаш ги почнуваме подготовките за скрининг процесот за Македонија


Брисел, 28 јуни, 2018 - 9:35 (META) 

Европската комисија веднаш ги почнува подготовките за скрининг процесот за Македонија и Албанија кои добија условен датум за почнување на преговорите во средината на идната година, вели еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за „Радио Слободна Европа“.

Еврокомесарот Хан вели дека со одлуката на Советот за општи работи Комисијата има зелено светло да ги почне подготовките со цел да започнат официјално преговорите кон средината на идната година.

– Тоа треба да води кон меѓувладината конференција на која би требало до крајот на идната година да бидат отворени првите поглавја – посочува Хан.

Во врска со тоа дали е тој сигурен дека тоа ќе се случи во јуни 2019 година и оти ниту една членка не ќе може да го запре тој процес, Хан вели дека скринингот зависи од ЕК и тоа е многу сеопфатна задача и работа.

– Според моите луѓе, тоа се повеќе од сто конференции каде што треба да се анализираат сите различни елементи. Тоа е предизвик за владите, особено администрацијата и ние ја имаме таа амбициозна цел – наведува Хан.

Прашан за тоа каква порака им се испраќа на Скопје и Тирана со ваквиот условен датум за преговори, Хан вели дека „граѓаните на идната Северна Македонија и граѓаните на Албанија на ова треба да гледаат од многу позитивна перспектива“.

– Не би сакал да кажам половина полна чаша, туку скоро 90 проценти полна чаша дека огромно мнозинство од земјите членки ги препознаа сите нивни достигнувања и треба да се сфати дека ова е многу силна посветеност од политичките лидери, исто така и од граѓаните за решенеоста во врска со нивната европска перспектива. И ова е добра можност да се уверат трите членки оти нивниот поскептичен поглед кон овие земји не е оправдан – вели Хан.

На граѓаните им порачува дека треба да се гледа во суштината и не само што сега е договорено, туку и што треба да се направи.

– Како што претходно реков, сега имаме задача веднаш да почнеме со подготовителната работа. Се надевам нема да губиме време, нема да чекаме до есен да ја почнеме работата – истакнува Хан.

Еврокомесарот, чиј мандат како комесар за проширување истекува во 2019 година, на прашањето како може да осигура дека тоа навистина ќе се случи поради промената во Брисел, наведува дека станува збор за преговори меѓу институциите.

– Најпрвин тоа се преговори меѓу институциите. Секако тие се водени од луѓе, но мислам ќе сториме сѐ во ова предизвикувачка временска рамка. Секако би сакал да го завршам она што го почнав во почетокот на мојот мандат и да се добие зелено светло за време на мојот мандат. Секако во ова инвестирав многу и многу сум мотивиран да успеам, но уште еднаш станува збор за соработка и работа меѓу институции – наведува еврокомесарот.


Бошњаковски: Добивме признание дека сме земја на позитивни промени и реформи


Скопје, 27 јуни, 2018 - 13:49 (META) 

Одлуката на ЕУ Македонија да започне преговори за членство во јуни 2019 година, покажува дека Македонија е препознаена како земја на позитивни промени и динамични економски реформи, изјави денеска на прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски, коментирајќи ја вчерашната одлука на Советот за општи работи на ЕУ да даде условена препорака за преговори во јуни 2019.

– Македонија е препознаена како земја на позитивни промени, на динамичен процес на реформи, на инклузивност и на општествен дијалог. Добивме признание дека сме земја во која има добра политичка волја да ги решава споровите со соседите и земја на граѓани кои покажаа дека имаат јасно изразена визија за европска иднина – рече Боњшаковски.

Тој потсети на придобивките кои земјава би ги добила со членството во ЕУ и во НАТО, а тоа се зголемени странски инвестиции, зголемена финансиска помош за земјава со што, како што кажа, ќе се придонесе за поквалитетен живот за граѓаните на Македонија.

– Со зачленувањето во ЕУ и НАТО, по принципот еднаков меѓу еднаквите, и принципот на солидарност, ќе имаме можност да влијаеме но и да донесуваме одлуки – можност којашто досега ја немавме. Со членството во ЕУ ќе влеземе во голем и развиен пазар, кој брои 500 милиони потрошувачи, со што се зголемуваат перспективите за економски раст, со што стануваме дел од најголемата светска економија – оцени Бошњаковски.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто не се кажува дека посочениот датум е условен и зависи од исполнување на дополнителни услови, владиниот портпарол истакна дека датумот е кристално јасен. Да, рече Бошњаковски, тој е условен, но зборуваме за јуни 2019 година.

– Вчера бевме сведоци како речиси сите министри за надворешни работи на ЕУ се залагаа за сите нас граѓаните на РМ. Одлуката на Советот на министри на ЕУ е целосно јавна и транспарентна и може да ја види секој. Во неа јасно е наведено „отворање пристапни преговори во јуни 2019“, јасно во првиот пасус – рече Бошњаковски.

Во врска со тоа што ќе се преземе за исполнување на условите за почеток на преговори, тој истакна дека оваа Влада веќе работи на потребните реформи и оти ќе остане на тој курс и нема од него да отстапи до јуни 2019 година.


Тимоние: Одлуката на ЕУ ги одразува напорите кои беа направени од Македонија


Скопје, 27 јуни, 2018 - 12:23 (META) 

Се работи за еден урамнотежен текст кој ги одразува напорите кои беа направени од страна на оваа земја и напорите кои останува да се направат. Со еден збор да кажам „напред, одете само напред“.

Ова го истакна францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, одговарајќи на новинарско прашање за негов коментар за вчерашната одлука на Советот на ЕУ да и даде условена препорака за почеток на преговори на Македонија во јуни 2019.

– Ставот на Франција беше познат и познат е од вчера. Сега се наоѓа на одобрување пред шефовите на држави и влади на следниот состанок што ќе следи на самитот – изјави амбасадорот Тимоние пред промоцијата на книгата „Европа, нашиот заеднички дом“ од Жан Моне.


Захариева: Не беше лесно, но донесовме одлука добра за целиот регион


Луксембург, 27 јуни, 2018 - 9:45 (META) 

Прв пат по 2015 година Советот на ЕУ синоќа донесе одлуки за проширување, кои значат огромен чекор за европската перспектива на Македонија и Албанија, изјави бугарската вицепремиерка и министер за надворешни работи, Екатерина Захариева, по состанокот во Луксембург на кој беше решено Скопје и Тирана да добијат условен датум за почеток на преговори за членство во ЕУ во јуни 2019 година.

– Нема да кријам дека не беше лесно. Донесовме одлука исклучително добра за цела Европа, за Западен Балкан и за граѓаните во регионот. Ова решение не само што ја зголемува довербата во ЕУ, туку покажува дека ги исполнуваме обврските што ги преземавме кон граѓаните во овој регион, а европската перспектива на земјите од Западен Балкан не е само декларативна. Тоа е само почеток, процесот почнува допрва, има многу работа да се заврши – изјави Захариева која претседаваше на состанокот на Советот за општи прашања на ЕУ.

Според неа, заклучоците даваат многу јасна временска перспектива и конкретни одредници за двете држави – Македонија и Албанија.

Таа појасни дека процесот за почеток на преговорите може да стартува вообичаено 6-7 месеци по одлуката на Советот.

– Лично би сакала да видам похрабро решение, но синоќешното решение беше донесено исклучително тешко и означува огромен чекор кон европската перспектива за двете држави – наведе Захариева.


Хан: Jасна задача, јасна перспектива и јасна награда


Брисел, 27 јуни, 2018 - 9:37 (META) 

Еврокомесарот Јоханес Хан по Советот на министри на ЕУ на кој беше одреден условен датум за почеток на преговори со Македонија порача дека оваа одлука значи дека Европската Комисија од утре може да го започне процесот на скрининг.

– Им честитам на граѓаните на идната Северна Македонија за денешните успеси, бидејќи сега е јасно дека ќе ги започнеме преговорите во јуни идната година и како Комисија веднаш можеме да почнеме да ги подготвуваме преговорите почнувајќи утре. Ова е сега јасна задача, јасна перспектива и е јасна награда за постигнувањата од последните неколку недели – вели Хан.

Македонија по напорна битка помеѓу 25 земји членки против Холандија, Франција и Данска доби зелено светло за датум за старт на преговори во јуни, под неколку услови.

Европската Комисија ќе треба да произведе извештај фокусиран на три главни теми: реформа на јавната администрација, реформа на разузнавачките служби, како и судските реформи и борбата против корупцијата. Врз основа на овие услови Македонија ќе може да ја одржи меѓувладината конференција до крајот на 2019.


Македонија доби условен датум за почеток на преговори со ЕУ во јуни 2019 година


Луксембург, 27 јуни, 2018 - 9:29 (META) 

Старт на преговори со Европската Унија во јуни 2019 доколку Македонија го одржи реформскиот напредок особено во делот на итните реформски приоритети, одлучи Советот на министри на ЕУ по долгата дебата за проширување, на која се разгледуваа препораките за преговори за Македонија и Албанија.

Советот на министри очекува следната година Европската Комисија да издаде извештај во кој фокусот треба да биде ставен врз реформата на јавната администрација, борбата против корупцијата, судските реформи и реформата на разузнавачките служби.

Во јуни 2019, доколку е задржан реформскиот момент во Македонија, многу брзо потоа ќе се свика првата меѓувладина конференција на која фактички ќе започнат преговорите.

Во меѓувреме Европската Комисија изрази желба да започне со подготовките за преговори, нешто што Советот на ЕУ го прифаќа.

Франција и Холандија одбиваа секаков датум за преговори за Македонија, бидејќи сметаат дека реформскиот напредок е премногу свеж и сè уште не дал трајни резултати. По напорни дискусии со другите земји членки пронајден е компромис сепак да биде внесен датум, но под гореспоменатите услови.

Слично условување доби и Албанија, која исто така би можела да ги започне преговорите пред крајот на 2019.