Меј договори економска соработка со Кина вредна 13 милијарди долари


Шангај, 2 февруари, 2018 - 11:01 (META) 

Британската премиерка, Тереза Меј договори економска соработка со Кина вредна 13 милијарди долари, јавуваат светските агенции.

Британија се обидува повторно да се наметне како глобален трговски играч, по одлуката да го напушти членството во Европската Унија, а Кина е на врвот на листата на држави со кои Лондон сака да има договор за слободна трговија, коментираат агенциите.

Говорејќи во Шангај, Меј рекла дека Британија сака да помогне во остварувањето на визијата на кинескиот претседател, Кси Џинпинг во поглед на глобализацијата, како и за поголема отвореност на кинеската економија.

– Додека излегуваме од ЕУ бараме шанса да станеме што повеќе свртени кон надворешната трговија и да ги продлабочиме трговските односи со светот, вклучително и со Кина – изјавила Меј.

Подготвеност за унапредување на односите меѓу двете земји изразил и кинескиот претседател, Кси Џинпинг.

Договорените бизниси и инвестиции во вредност од 13 милијарди долари ќе отворат повеќе од 2.500 нови работни места во Велика Британија.


Mej: Граѓаните на ЕУ нема да ги имаат истите права во Велика Британија по Брексит


Лондон, 1 февруари, 2018 - 11:02 (META) 

Британската премиерка Тереза Меј изјави денеска дека, граѓаните на Европска унија кои ќе дојдат во Велика Британија за време на транзицискиот период по Брексит, нема да ги имаат истите права за да останат во таа земја, како претходно, додека земјата беше членка на ЕУ.

Меј, која се наоѓа во посета на Кина, изјави дека ќе бори против предлогот, граѓаните на ЕУ да добијат полно право на престој во Велика Британија по Брексит.

Според нејзе, постои разлика помеѓу луѓето кои ќе дојдат во Велика Британија по Брексит и оние кои престојуваат таму од пред државата да ја напушти Европска унија.


Меј го покани Заев на самитот за Западен Балкан во Лондон


Скопје, 22 декември, 2017 - 13:16 (META) 

Амбасадорот на Велика Британија во земјава, Чарлс Гарет на денешната средба на премиерот Зоран Заев му ја предал поканата од британската премиерка, Тереза Меј за самитот за Западен Балкан, што ќе се одржи во Лондон во јули следната година, а во рамките на Берлинскиот процес, соопшти владината прес-служба.

Меј во поканата наведува дека целта на самитот во Лондон е да се поддржат земјите од Западен Балкан во регионалната соработка и добрососедските односи, заложби договорени на самитот во Трст во јуни оваа година.

Фокусот на самитот во Лондон ќе биде ставен на меѓусебното поврзување на државите, енергетиката, дигитализацијата и претприемништвото, а во делот на безбедноста, на справувањето со корупцијата, организираниот криминал, движењето на луѓе и стоки, тероризмот и насилниот екстремизам.

Премиерот Заев на средбата со Гарет истакнал дека Македонија ќе даде активен придонес во сите важни прашања што ќе бидат тема на самитот.

На состанокот Заев и Гарет разговарале и за важноста на потребните внатрешни реформски процеси, посебно во делот на независноста на правосудството и владеењето на правото.


Јункер и Меј не постигнаа договор за Брексит, преговорите продолжуваат


Брисел, 4 декември, 2017 - 20:53 (META) 

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, денеска соопшти дека сè уште не е постигната целосна согласност со Британија за понатамошните чекори во процесот на нејзиното напуштање на Европската Унија.

Тој по средбата со британската премиерка Тереза Меј изјави дека и покрај напорите, не било можно да се постигне целосен договор, но дека тоа не го смета за неуспех, туку само за почеток на следната рунда. Тој рече дека очекува разговорите да продолжат при крајот на неделата.

– И покрај големите напори и напредокот постигнат во изминатите денови, има потреба од дополнителни преговори. Денеска ги приближивме нашите позиции, а подготвени сме да ги продолжиме преговорите подоцна неделава. Тереза Меј е тежок соговорник, таа енергично ја штити позицијата на Британија, а и јас го правам истото во име на ЕУ – изјави Јункер.

Според Меј, во преговорите бил постигнат голем напредок, но остануваат некои разлики во ставовите. Меј четири часа преговараше со Јункер – далеку повеќе од превидениот рок за оваа средба, а потоа замина на средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.


Пресуден ден за преговорите за Брексит – Меј доаѓа во Брисел


Брисел, 4 декември, 2017 - 10:16 (META) 

Британската премиерка Тереза Меј денеска ќе пристигне во Брисел на пресудни разговори за состојбата на преговарачкиот процес за излегувањето на Британија од Европската Унија, а исходот од состанокот би можел да ги одреди условите под кои ќе се случи тоа.

Меј ќе разговара со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во надеж дека ќе постигнат договор за износот што Лондон треба да го плати.

Договорот за овие прашања е услов за влез во следната фаза на преговорите за иднината на трговските односи.

Највисоките претставници на Унијата ќе се обидат од Британија да добијат што повеќе отстапки за правата на граѓаните и за границата со Ирска.

Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 29 март 2019 година.


Оставката на Мугабе е шанса за слобода, оцени Меј


Лондон, 21 ноември, 2017 - 19:23 (META) 

Британската премиерка Тереза Меј денеска оцени дека оставката на претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе, е шанса земјата да тргне по нов пат без репресии.

– Оставката на Мугабе дава шанса Зимбабве да тргне по нов пат, без притисоци и репресии кои го карактеризираа неговото владеење – рече Меј.

Меј вели дека изминатите денови се гледала желбата на народот на Зимбабве да распише слободни и фер избори и оти ова е шанса да се изгради економија во рамки на легитимна влада.

– Велика Британија, како најстар пријател на Зимбабве, ќе направи сè што може за да ја поддржи оваа држава – рече Меј.

Мугабе, кој со земјата владееше 37 години од нејзиното осамостојување од Британија, во неделата беше сменет од местото претседател на владејачката партија, а денеска поднесе оставка откако вчера му истече рокот што му беше даден за да се повлече од функцијата шеф на државата.


Меј ја обвини Москва за мешање во британските избори


Лондон, 14 ноември, 2017 - 10:17 (META) 

Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј ја обвини Москва дека се мешала во британските парламентарни избори, што се одржаа на почетокот на јуни, оваа година и дека вршела кибер-шпионажа, пренесува „Би-би-си“.

Во обраќање пред бизнисмените на собир во Лондон, Меј рекла дека владата на рускиот претседател, Владимир Путин се обидува да ги „поткопа слободните општества“.

Меј истакнала дека Русија „посејала лажни приказни“ за да го „ожнее неединството на Западот“.

Британските медиуми коментираат дека ваквите наводи на британската премиерка се во голема спротивност со оние на американскиот претседател, Доналд Трамп, кој минатата недела изјави дека му верува на својот руски колега, Владимир Путин, кој повторно истакна дека Русија не се мешала во претседателските избори во САД, минатата година.

Инаку, шефот на британската дипломатија, Борис Џонсон следниот месец треба да ја посети Русија.


Четириесет пратеници од редовите на Ториевците се против Меј


Лондон, 12 ноември, 2017 - 15:53 (META) 

Четириесет пратеници од Конзервативната партија на Тереза Меј одлучија да потпишат писмо во кое се наведува дека не ја поддржуваат британската премиерка.

По вонредните избори од 8 јуни, Меј се бори да го сочува авторитетот во партијата.

Како што јавува весникот „Сандеј тајмс“, потребно е уште осум конзервативци да им се приклучат на 40 пратеници за да се покрене постапка за избор на нов лидерот на партијата.

Доколку се покрене постапката и противкандидатот ја порази Меј, тогаш тој воено ќе стане и премиер на Велика Британија, без при тоа да се одржат парламентарни избори во земјата.


Британија е подготвена и да не постигне договор со ЕУ


Лондон, 4 октомври, 2017 - 15:27 (META) 

Британската премиерка Тереза Меј вели дека владата се подготвува за секое сценарио во преговорите со Брисел, вклучувајќи ја и можноста да завршат без договор со Европската Унија.

Меј во говорот на собирот на конзервативците во Манчестер рече дека длабоко во интересите на Британија е преговорите да успеат и да резултираат со нови односи меѓу Обединетото Кралство и ЕУ.

И Британија и ЕУ искажаа нетрпение за бавноста на процесот на преговори за Брексит, кој закочи на деталите од „разводот“ на двете страни.

Меј на годишната партиска конференција им се извини на членовите што нејзината Конзервативна партија имаше лоши резултати на изборите во јуни, наведувајќи дека премногу фактографски и премногу претседателски ја водела кампањата.

Меј на почетокот од април ненадејно повика на предвремени парламентарни избори, потпирајќи се на анкетите на јавното мислење кои говореа дека ториевците ќе добијат апсолутно мнозинство, што, пак, би ѝ дал посилен мандат за преговори за Брексит.

Сепак, резултатите од изборите на 8 јуни беа поинакви, па Меј одвај успеа да состави влада, благодарение на коалицијата со екстремно десничарската ирска партија.


На аеродромот „Хитроу“ ќе се гради трета писта


Лондон, 3 октомври, 2017 - 10:52 (META) 

Британскиот министер за сообраќај, Крис Грејлинг, најави дека во првата половина од следната година, Велика Британија официјално ќе одобри изградба на третата писта на аеродромот „Хитроу“.

Според него, заминувањето на авиокомпанијата „Монарк ерлајнс“ во стечај не е сигнал за поголеми проблеми во британскиот авиосектор.

Заминувањето во стечај на авиокомпанијата предизвика откажување на голем број резервации.

Британската премиерка Тереза Меј лани одобрила 22 милијарди долари за проширување на аеродромот.