Преговорите со НАТО почнуваат на 18 октомври


Скопје, 10 октомври, 2018 - 12:22 (META) 

Владата на својата 93-та седница вчера ја усвоила Информацијата за елементите од пристапните разговори за членство во НАТО, кои ќе почнат на 18 и 19 октомври во седиштето на Алијансата во Брисел. Била усвоена и Информацијата за формирање Работен комитет за интеграција во НАТО, кој ќе ги води пристапните разговори.

Министрите на седницата ја усвоиле и Информацијата за подготовка на Македонија во однос на последиците од Брексит, со фокус на трговските и економските односи, на билатерално и мултилатерално ниво и на ниво на Европска Унија. Како што соопштија од Владата, Министерството за надворешни работи ќе биде координатор на сите аспекти поврзани со процесот на Брексит, а ќе биде формирано и меѓуресорско тело со претставници од неколку министерства.

На вчерашната седница, била дадена обврска на Министерството за култура, во соработка со неколку ресорни министерства и надлежни институции, да формира работна група која ќе изготви предлог-закон за нова државна награда за унапредување на човековите права која ќе го носи името на писателот и прв претседател на Хелсиншкиот комитет на Република Македонија, Мето Јовановски.

Исто така, Владата одлучила да воведе нова интервентна субвенција за производителите на јаболка. Имено, оние производителите коишто ќе го предадат своето производство кај регистрирани откупувачи, ќе добијат субвенција од 3 денари за килограм предадени јаболка. Условот за добивање на оваа нова субвенција е родот да биде предаден најдоцна до 25 декември годинава по цена не повисока од 5 денари за килограм.


Нова субвенција за решавање на проблемот со откупот на сливите


Скопје, 13 август, 2018 - 13:28 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека поради проблемите со откупот на сливите ќе интервенира Владата, со тоа што ќе доделува субвенции на откупувачите и преработувачите на сливи.

Од министерството велат дека на утрешната седница на Владата на дневен ред ќе бидат и измените на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018 година, односно воведувањето на нова мерка – субвенционирање од два денари за откупувачите и преработувачите на сливи.

Финансиската поддршка ќе стапи на сила со објавување на одлуката во Службен весник  и ќе важи  за откупени количини на сливи до 15 септември 2018 година, по откупна цена не пониска од пет денари за килограм за индустриски сливи. Оваа субвенција ќе важи и за откупувачите кои ќе откупат свежа слива.

Инаку, со Програмата за директни плаќања за 2018 година со мерката за одржување на насади од слива земјоделците имаат право на субвенција во висина од 33.000 денари за хектар и 39.600 денари за површини од еден до пет хектари, како и субвенција од три денари за килограм предадени сливи во преработувачки капацитети.


Почнува пријавувањето за субвенции од Град Скопје за печки на пелети


Скопје, 27 февруари, 2017 - 11:55 (META) 

Граѓаните од подрачјето на Град Скопје кои сакаат да набават печка на пелети, од денеска до 13 март ќе може да поднесуваат барања до Град Скопје за надоместување на дел од цената на новата печка.

Според официјалното соопштение, доделувањето на субвенциите ќе биде по принципот „прв дојден – прв услужен“. Ќе се дава надомест од најмногу 70 отсто од цената на новата печка, но најмногу 30.000 денари по пријава. Во таа сума е вклучен и персоналниот данок на доход од субвенцијата.

Заинтересираните треба да исполнат повеќе услови. Прво, може да аплицираат жителите на општините Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел, Сарај. Барање не може да поднесат луѓе што искористиле субвенција за истата намена од кој било извор во Република Македонија.

Подносителот мора до поднесување на барањето да е корисник на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут. Новата печка на пелети мора да се набави од денеска до 15 дена по завршувањето на јавниот повик, односно до 28 март.

Субвенција за набавка на печка на пелети нема да се додели ако подносителот живее во објект кој е приклучен на градско централно греење (има приклучок за парно), а добитниците на надоместокот ќе мора печката да ја користат во објектот кој ќе го наведат во пријавата и мора да имаат платено данок на имот за објектот заклучно со 2016 година.

Другите услови и формуларите потребни да се поднесе барањето се на овој линк.


Спасов: Државата ќе субвенционира отворање домови за стари лица


Скопје, 17 февруари, 2016 - 20:28 (META) 

Државата ќе субвенционира отворање на приватни домови за нега на стари лица. Сите заинтересирани за оваа дејност ќе можат да аплицираат за грант од 12.000 евра, а предност ќе имаат невработените.

Годинава се очекува да бидат отворени вкупно 10 вакви домови, за што се обезбедени повеќе од 120.000 евра. Домовите ќе бидат со капацитет од 400 до 500 легла, а ќе отворат и 50 нови работни места.

Заменикот-министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, рече дека сите заинтересирани можат да одат во Министерсвото или Агенцијата за вработување и да се информираат за сите локации што можат да се откупат во општините, а на кои може да се изгради ваков дом.

– И покрај оваа мерка, Владата ќе продолжи со планот да се изгради и државен дом за стари лица што имаат ниски примања – рече Спасов.

Огласот за аплицирање за неповратната државна помош е објавен денеска и ќе трае 20 дена.

Заинтересираните можат да аплицираат во центрите за вработување низ земјава. Ако интересот е поголем од очекуваниот, за следната година за овој проект ќе бидат обезбедени повеќе пари.


Владата ќе субвенционира куќи затоа што во нив се раѓаат повеќе деца


Скопје, 17 декември, 2015 - 14:31 (META) 

„Купи куќа за млади“ е нов проект што Владата ќе го почне од 1 февруари 2016 година, а кој денеска на прес-конференција го најави премиерот Никола Груевски. Целта, како што истакна премиерот, е младите до 35 години полесно да дојдат до свој дом, а проектот опфаќа два модели за финансиска помош за апликантите.

Првиот модел е субвенционирање на 80 проценти од ратата за кредитот (главнина и камата) во првите осум години, а во следните три години субвенцијата ќе изнесува 50 проценти. Субвенционираниот период за ратите е 11 години.

– Ако ратата на кредитот е 200 евра, Владата осум години ќе исплаќа 160 евра. Во следните три години, Владата ќе плаќа 100 евра. Субвенициите што ќе ги дава Владата, ќе изнесуваат за кредити кои се до 50.000 евра и се на отплата за период најмногу до 20 години. Тоа значи дека за кредит од 50.000 евра, субвенциите ќе изнесуваат до 33.000 евра. За кредит од 40.000 евра, субвенциите ќе бидат 28.000 евра, за кредит од 30.000 евра, Владата ќе исплати субвенции од 20.000 евра – истакна Груевски.

Вториот модел на субвенционирање е стопроцентна исплата на неповратни средства за учество во кредитот.

– Во согласност со општите услови, учеството во кредитот е 25 проценти од сумата на кредитот. Оттука, во случај да се искористи максималната сума на кредитот од 50.000 евра, Владата ќе исплати учество од 12.500 евра. За кредит од 40.000 евра, учеството што ќе го плати Владата е 10.000 евра. За кредит од 30.00 евра, учеството е 7.500 евра – додаде Груевски.

Право на апликација имаат младите до 35 години кои се поединци или се во брачна заедница, чиишто приходи не надиминуваат 900 односно 1.300 евра, немаат имот на свое име и се кредитоспособни.

Реализацијата на овој проект ќе се остварува во соработка со општините, каде што треба да се изградат нови населби до 100 куќи и каде што Владата ќе помогне и во делот за комуналиите.

Министерот за финансии, Зоран Ставрески, истакна дека средства за реализација на овој проект во буџетот има, а сумата ќе се знае зависно од интересот и од процесот на одобрување на кредити од банките.

Премиерот Груевски додаде дека доколку средствата се исцрпат, со ребалансот на буџетот ќе бидат обезбедени.

Целта, како што истакна премиерот Никола Груевски, е да им се помогне на младите до 35 години да дојдат до свој дом, но и да се зголеми наталитетот бидејќи многу светски научни студии докажале дека во куќа се раѓале повеќе деца.