Руска амбасада: Намерно или не, Заев е погрешно информиран


Скопје, 16 април, 2018 - 14:03 (META) 

Од Руската амбасада во Скопје на нивниот „Твитер“ профил реагираат на изјавата на премиерот Зоран Заев во интервјуто за „Телевизија 24“, каде вели дека „протераниот руски дипломат недозволиво се однесувал во Македонија, дека бил предупредуван неколку пати, но и натаму вршел активности за кои не бил акредитиран и оти доказите и биле презентирани на амбасадата на Русија“.

Од амбасадата велат дека Заев е погрешно информиран и дека протерувањето на нивниот дипломат било изненадување.

„Намерно или не, Зоран Заев е погрешно информиран. Протерувањето на нашиот дипломат беше изненадување. Никогаш не сме добиле никакви предупредувања ниту „докази“ за кои зборува премиерот. И понатаму сметаме дека овој чин е неоснован и нанесува штета на руско-македонските односи“ напишаа од Руската амбасада во Скопје.

Македонското министерство за надворешни работи го протера рускиот дипломат на 26 март, а министерот Никола Димитров рече дека протерувањето се направило во координација со западните сојузници и како чин на солидарност со Велика Британија.


Протераниот руски дипломат испратен од Македонија со патриотскиот марш „Прошчаније Славјанки“


Скопје, 2 април, 2018 - 16:21 (META) 

Рускиот дипломат на кој македонските власти му наложија да ја напушти земјава поради одлуката на Владата да се солидаризира со Велика Британија во врска со случајот „Скрипаљ“, но и под обвинување за активности надвор од неговиот мандат, утрово ја напушти земјава преку скопскиот аеродром, јави „ТАСС“.

Од амбасадата на Руската Федерација протераниот дипломат и семејството биле испратени со звуците на патриотскиот марш „Прошчаније Славјанки“.

На меѓународниот аеродром „Скопје“ биле испратени од група негови колеги, на чело со амбасадорот Олег Шчербак.

Токму  Шчербак минатата седмица на прес-конференција рече дека потегот за протерување на рускиот дипломат од Македонија, како прв ваков чекор во билатералните односи, е непромислен чекор, кој Македонија очигледно го донела под притисок од надвор, но и дека тоа нема да остане без соодветен одговор од Русија.


Николоски: Наш партнер не е Москва, одлуката на владата за протерувањето е во ред


Скопје, 28 март, 2018 - 16:34 (META) 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервјуто за емисијата „200“ на телевизија „Алсат“ рече дека потегот на Владата да протера еден руски дипломат е во ред и дека „наш партнер не е Москва, наши партнери се Брисел, Лондон и Вашингтон“.

– И министерот за надворешни работи и Владата прават грешка што ја исклучуваат опозицијата од овој процес на споделување информации и консултации со опозицијата. Ние го осудуваме актот што се случи во Велика Британија, сметаме дека е тоа директен атак врз земјата, кон која имаме сериозни симпатии. Наши партнери се Брисел, Лондон и Вашингтон. Местото на Македонија е во ЕУ и НАТО. И затоа сметаме дека е во ред ова што го направи Владата – рече Николоски.

На прашањето како го коментира ставот на претседателот Ѓорге Иванов кој рече дека владата избрзала со овој потег, Николоски рече дека и тој не се консултира со опозицијата.

– И Иванов не се консултира со опозицијата за неговиот чекор. И претседателот и Владата продолжуваат да носат одлуки без да се консултираат со ВМРО-ДПМНЕ, што мислам дека е голема грешка. Македонија мора да биде членка на ЕУ и НАТО. Наш партнер не е Москва, наши партнери се Брисел, Лондон и Вашингтон. Се разбира, сето ова под услов да се точни информациите со кои располагаме само од медиумите, имајќи предвид дека ние немаме дополнителна информација за едно вакво сериозно прашање – рече Николоски.

На ова реагираше Руската амбасада во Скопје која на својот „Твитер“ профил го сподели ставот на Николоски и под него напиша „забележителен став“.


Иванов не бил информиран, смета дека протерувањето на рускиот дипломат е избрзана одлука


Скопје, 27 март, 2018 - 15:04 (META) 

Претседателот на државата Ѓорге Иванов смета дека одлуката на македонското МНР да протера еден руски дипломат е избрзана, информираат од претседателскиот кабинет.

„Македонија како земја кандидат за членство во Европската унија, ја следи политиката на ЕУ и нивните одлуки донесени по пат на консензус и на ниво на ЕУ. Со оглед на тоа дека одлуките за протерување на руски дипломати не претставуваат израз на усогласени ставови на сите земји-членки на ЕУ, туку се работи за индивидуални одлуки на поедини земји-членки, претседателот на РМ смета дека одлуката на македонското МНР е избрзана“, се наведува во соопштението.

Иванов повикува на воздржаност од избрзани чекори во надворешната политика, за како што се посочува, да се спречи можното нанесување на штета во остварување на стратешките цели на Македонија.

Се додава дека претседателот, согласно позитивната законска регулатива, очекува да биде официјално информиран за посочените факти во јавноста, поврзани со овој случај.


Димитров: Протераниот дипломат излегол од својот мандат


Скопје, 27 март, 2018 - 11:50 (META) 

Одлуката за протерување на рускиот дипломат од Македонија ја донесовме по внимателно размислување и анализа. Одлуката се заснова на два елемента, едниот е меѓународен, односно настанот што се случи – труење со хемиско оружје во Велика Британија и солидарноста што ја побараа нашите сојузници, изјави денеска шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на прес-конференцијата со својата австриска колешка Карин Кнајсл.

Според него, има и домашна основа за чекорот на Министерството за надворешни работи. Како што кажа Димитров, станува збор за лице што излегло од својот дипломатски мандат.

– Се работи за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија. Но, должни сме да го заштитиме идентитетот на дипломатот и ќе биде штетно да се шпекулира. Нашите сознанија се потпираат врз цврсти докази и немаме дилеми околу тоа – рече Димитров.

Оцени дека меѓу пријателите има и недоразбирања, а кога тие ќе се надминат пријателството ќе биде посилно.

Австриската министерка Кнајсл од своја страна истакна дека Австрија се изјаснила за солидарност со Велика Британија, а кога станува збор за протерување на дипломати тоа е билатерално прашање за проценка.

– Во тешки времиња особено е важно да ги оставиме отворени каналите за комуникација. Австрија има политика на неутралност, политика што гради мостови. Тоа е традицијата на австриската дипломатија – додаде Кнајсл на прашањето дека Австрија нема протерано руски дипломат.

Македонското Министерството за надворешни работи синоќа соопшти дека протерува еден дипломат на Руската Федерација, поради случајот Скрипал. Одлуката на македонското МНР е донесена по консултации со сојузници и партнери од ЕУ и НАТО.