!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Детали и куриозитети од извештајот за пропустите на МВР од 27 април


Скопје, 8 јуни, 2017 - 16:41 (META) 

Извештајот на работната група на Министерството за внатрешни работи детектира серија сериозни пропусти на оперативниот штаб и на полицијата при најзината (не)интервенција за време на насилствата во Собранието на Република Македонија од 27 април, кога беа нападнати и повредени пратеници, новинари и граѓани во законодавниот дом.

Работната група на МВР, меѓу другото, констатирала:

  • Штабот на Чавков бил целосно во аут

Оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи немал јасно и прецизно дефинирани надлежности, а членовите на штабот и тимот немале утврдени конкретни задачи. Процесот на информирање и на давање задачи во рамки на Оперативниот штаб, не е јасно дефиниран и недостига јасна постапка за донесување одлуки во различни ситуации.

  • УБК не доставила безбедносна проценка

Управата за безбедност и контраразузнавање до Оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи не доставила проценка за безбедносната состојба во Македонија, обврска која произлегува од одржаниот состанок со министерот за внатрешни работи.

  • Немало никва координација

На 27 април 2017 година, Оперативниот штаб не направил соодветна проценка на состојбата и координација со организациските единици вклучени во Оперативната акција.

  • Камерите на „Безбеден град“ не биле вклучени

На 27 април 2017 година од страна на СВР Скопје не е користен видеонадзорот на „Безбеден град“, која обврска произлегува од одржаниот состанок со министерот за внатрешни работи.

  • Вратата била отворена однатре

Насилното влегување на граѓаните во Собранието е резултат на отварањето на главниот влез од внатрешна страна, што довело до загрозување на безбедноста во Собранието. Полициски службеник од внатрешното обезбедување во обид да ги обезбеди вратите, бил спречен во преземањето дејство од страна на пратеници.

  • Полицајците кои биле внатре седеле со скрстени раце

Дел од полициските службеници од Одделот за заштита на определени личности и објекти, кои биле присутни во Собранието при отварање на влезните врати, не презеле дејства за спречување на истото.

  • Членовите на штабот на Чавков не биле во штабот

Членовите на Оперативниот штаб и на Оперативниот тим од Одделот за специјални полициски операции, не биле присутни во штабот, а навремено биле известени за текот на настаните и за целокупната состојба во Собранието.

  • Иако било побарано, штабот на Чавков известил дека нема засилување

Одговорните за внатрешното и за надворешното обезбедување на Собранието навремено укажале на потребата од дополнителни сили, но од Оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи и од Помошниот штаб на Секторот за внатрешни работи Скопје, биле информирани дека нема дополнителни сили кои би се упатиле за обезбедување на Собранието на Македонија. На 27 април 2017 година, за обезбедување на Собранието, Бирото за јавна безбедност (БЈБ) немало планирано полициски службеници во резерва.

  • Чавков и помошниците не ги повикале специјалците

Раководителот на Оперативниот штаб и раководителите на надлежните организациски единици во БЈБ, иако биле исполнети условите, не издале навремено наредба за повикување на припадниците на Одделот за специјални полициски операции.

  • Чавков, иако му барале, не дал наредба за евакуација на пратениците

Оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи, и покрај неколкуте навремени барања за евакуација на пратениците од внатрешното обезбедување, до 20.30 часот не издал наредба за евакуација на пратениците, иако за тоа биле исполнети условите.

  • Исчезнале двата хард дискови со видеоматеријал

Од извршениот увид во просторијата за надзор на безбедносните камери на Собранието, утврдено е дека недостигаат два хард дискови со видеоматеријал од безбедносните камери.

  • Не се снимале разговорите преку радио-станиците

Системот за снимање на аудиозаписите од тетра-системот на МВР не функционирал во целост.

  • Нухиу му пратил СМС на Чавков дека состојбата во Собранието може да ескалира. Чавков, исто преку СМС, одговорил дека „состојбата е под контрола“.

Извештајот, како што информираше денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ќе биде доставен до Јавното обвинителство.


„За нас се работи“ поднесе кривична пријава против директорите на ЕЛЕМ и на РЕК Битола


Битола, 16 мај, 2017 - 13:06 (META) 

Битолското здружението „За нас се работи“ денеска до Основното јавно обвинителство – Битола поднесе кривична пријава против седуммина директори и раководители на „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) и на РЕК Битола поради сторено кривично дело загадување на животната средина и на природата.

Битолските екологисти кривичната пријава ја поднесоа против генералниот директор на ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски, директорот на РЕК Битола, Иван Куковски, директорот за развој и за инвестиции во комбинатот, Тони Паспаловски, директорот на рудници, Панде Петковски, раководителот на отпепелување на РЕК Битола, Симо Атанасов, како и одговорното лице на ХТВ-лабараторија, Лидија Поповска.

Здружението ги сомничи директорите и раководителите дека во периодот од 2010 година до денес на сопствената депонија, која се наоѓа во непосредна близина на РЕК Битола, во село Новаци, при одложување на отпадот во вид на пепел и на згура, несовесно и со непреземање мерки за заштита на животната средина не го спречиле проширувањето на радиоактивниот отпад, при посилен ветер, низ Пелагониската Котлина и низ поблиските села. Со ова тие ги загадиле воздухот, водата и почвата и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето, иако „знаеле дека одлагањето на пепелта се врши на несоодветен начин и дека при неповолни временски услови може да дојде до загадување на околината“.

– Предлагаме ОЈО Битола да спроведе истрага и да поднесе обвинение заради сторено кривично дело загадување на животната средина и на природата – рече Иван Чулаковски од здружението „За нас се работи“.

Воедно екологистите обвинуваат дека ЕЛЕМ како „наводно општествено одговорна компанија“ се однесува „неодговорно дрско и безобразно кон жителите од Пелагонискиот Регион, во кој спаѓа и градот Битола“.

– Кривичната пријва е само почеток на судски процес кој доколку е потребно, ќе стигне и до меѓународни судови, сè до целосно решавање на проблемот со кој се соочуваат жителите на Пелагонија – рече Илија Балтовски од „За нас се работи“.


Хакери нападнале 100 компании во САД


Вашингтон, 2 декември, 2014 - 12:12 (META) 

Нова група хакери, кои повеќе од една година упаѓале во електронската пошта на шефови на повеќе од сто компании, идентификувала американската компанија за информатичка безбедност „Фајр ај“ (Fire Eye). Според информацијата, тие најверојатно тоа го правеле за да манипулираат со берзански операции.

Групата е наречена ФИН4, а напаѓале електронски пораки на лицата за кои се претпоставувало дека учествуиваат во фузирање и во придобивање компании или кај кои имало доверливи инфдормации.

Главна цел им била електронската пошта на раководни кадри, адвокати, надворешни консултанти и на иследници.