Дебата: Рамниот данок им оди во прилог само на богатите


Скопје, 6 декември, 2018 - 15:08 (META) 

Рамниот данок не даде ниту еден од очекуваните ефекти, тој им оди во прилог само на најбогатите.

Ова беше истакнато на јавната дебата за даночната реформа во Собранието на која учествуваа министерот за финансии Драган Тевдовски, пратеници, поранешни министри, експертска јавност и претставници на бизнис-секторот.

Тевдовски на дебатата ја истакнал потребата од воведување на праведен систем на оданочување.

– Најдоховните еден процент граѓани имаат вкупна ефективна даночна стапка која е пониска од онаа на останатите. Затоа, прагот за прогресивното оданочување е поставен за да ја опфати токму оваа група граѓани. Рамниот данок им оди во прилог на богатите. Со воведување на рамниот данок само се зголемуваше учеството на богатите во вкупниот доход – рече Тевдовски.

Поддршка за даночната реформа дале и поранешните министри Никола Поповски, Петар Гошев и Абдулменаф Беџети.

– ЕУ вели дека даночниот товар е 40 проценти, а во еврозоната 42 проценти. Србија и Хрватска имаат од 46 до 47 проценти даночен товар. Ние имаме помал даночен товар. Ваквата поставеност креира дефицит. Преку тоа се креира јавен долг – рече Никола Поповски, универзитетски професор и поранешен министер за финансии.

Поранешниот министер за финансии, Петар Гошев рече дека рамниот данок не го забрза развојот.

– Во минатото стапката на раст беше 4,2 проценти, а по воведувањето на рамниот данок е 2,6 проценти. Рамниот данок не ни донесе раст, туку ни донесе огромен јавен долг – рече Гошев.

Академик и поранешен министер за развој, Абдулменаф Беџети рече дека инвестициите не се зголемија благодарение на рамниот данок, немаше раст на БДП како што беше очекувано.

– Не беа постигнати очекуваните ефекти во ниту еден сегмент. Ние имаме регресивен даночен систем. Најмногу буџетот се полни од сиромашните и од средната класа – рече Беџети.

Даночната реформа предвидува воведување на дополнителна стапка од 8 проценти за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно. Ова значи дека за доходот до 90.000 денари месечно, данокот би останал 10 отсто како и до сега, додека само на делот на доходот кој надминува 90.000 денари, би се плаќале дополнителни 8 отсто. Со ова, за мнозинството граѓани даночната стапка ќе остане иста, 10 отсто.


Поповски: Ни треба Законот за јазиците, но да не биде донесен на „фушерски начин“


Скопје, 23 септември, 2017 - 14:51 (META) 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи, Никола Поповски, на денешното продолжение на седницата на која се расправа за Закон за употреба на јазиците, рече дека ни е потребен ваков закон, но тој не треба да биде донесен на „фушерски начин“.

На ова, претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека за тоа дали расправата е „фушерска“ или не, ќе оцени јавноста, бидејќи како што кажа, јасна е намерата на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја попречат работата.

„Веќе шест дена си реплицирате сами на себе. Јавноста многу добро знае кои се вашите тенденции“, рече Џафери.

Поповски повтори дека тој смета дека ни треба ваков закон, но кога ќе се дадат аргументи зошто треба да биде донесен сега пред локалните избори и зошто се брза со неговото донесување.

Расправата за законот, пратениците ќе ја продолжат по 15 часот.


Во МНР почна министерскиот состанок за Западен Балкан


Скопје, 9 февруари, 2017 - 10:31 (META) 

Шестиот неформален состанок на министрите за надворешни работи и за енергетика од Западен Балкан утринава почна во зградата на Министерството за надворешни работи, a домаќин на средбата е шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.

На првата пленарна седница учествуваат министрите за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, на Косово, Енвер Хоџа, и на Србија, Ивица Дачиќ, кој неодамна, во новогодишно интервју, рече: „Морам да кажам дека сме будали што ја признавме Македонија под уставното име“.

Подоцна на министрите ќе им се приклучи и еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан, кој во моментов е на средба со министрите за енергетика на земјите од регионот.

„Министерски совет за енергетика на земјите од Западен Балкан, за да им се поттикне регионалниот пазар, за сигурност на снабдувањето, за зелени и чисти извори“, напиша Хан на „Твитер“ пред почетокот на средбата.

На состанокот на кој учествуваат и државниот потсекретар за надворешни работи на Италија, Винченцо Мендола, и генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ, се разговара за зголемување на соработката на земјите од регионот, особено во областа на енергетиката, за владеење на правото и борбата против корупцијата.

Предвидено е попладне учесниците да потпишат меморандум, по што прес-конференција ќе одржат министерот за надворешни работи, Никола Попоски, вицепремиерот Владимир Пешевски и еврокомесарот Јоханес Хан.


Само 63 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ е гаранција за излез од кризата, порача Груевски од Карпош


Скопје, 24 ноември, 2016 - 23:09 (META) 

Исклучително е важно кризата да заврши, а ќе заврши само со 63 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ и за коалицијата, порача лидерот на владејачката партија, Никола Груевски, од вечерашниот митинг во општина Карпош.

– Тоа е главната гаранција за завршување на кризата и сигурност дека Зоран Заев и неговата банда нема да продолжат да ја дестабилизираат Македонија со нивните игри, манипулации. Ако некогаш биле потребни 63 пратеници за иднината на Македонија, тоа е сега – рече Груевски.

Тој истакна дека некој од надвор се обидува да го растури соживотот во Македонија и затоа, како што рече, се измислуваат тези дека ВМРО-ДПМНЕ се националисти.

– Не знам како сме националисти кога 10 години сме во коалиција со албанска партија. И кога имавме мнозинство во парламентот пак земавме албанска партија. Тогаш ли бевме националисти? Националисти бевме кога ги зголемувавме субвенциите и не делевме никој. Сите добиваа исто. Од нашите реформи од наши дела, проекти секој добива, не ги делиме луѓето по ништо, ниту по нација, ниту по вера – рече лидерот на владејачката партија.

Груевски од митингот во Карпош, на кој зборуваше околу еден час, најави повеќе економски проекти, меѓу кои и план за субвениции за набавка на електрични возила од 3.500 до 5.000 евра во зависност од цената на возилата, а увозот да биде без царински давачки и акцизи и со намалено ДДВ од 18 на 5 отсто.

– Покрај ова низ цела Македонија ќе овозможиме полначи за електричните возила по бензинските пумпи, по катните гаражи и по паркиралиштата, односно целосна инфраструктура – најави Груевски, додавајќи дека во нивната изборна програма се планирани и субвеници од 300 евра за оние граѓани кои имаат возила со евространдард нула, еден, два или три да можат да ги преадаптираат од бензин на плин и да заштедат на гориво, но и за да се намали загаденоста на воздухот.

Претходно вечерва, ВМРО-ДПМНЕ одржа митинг во општината Аеродром од каде носителот на кандидатската листа на партијата во изборната единица 1, Никола Попоски, порача дека доколку граѓаните се обединети, никој не може да им наштети на националните интереси на државата.


НБМ: И визата се важи како основа за отворање сметка во странство


Скопје, 31 март, 2016 - 16:28 (META) 

На 25 февруари Народна банка донесе одлука за олеснување на начинот и условите под кои македонските граѓани можат да отвораат и да имаат сметки во странство.

Економските аналитичари сметаат дека оваа одлуката на Народна банка фрла голем сомнеж, заради политичките околности во кои е донесена. Тие сметаат дека времето ќе покаже зошто е направен ваквиот тип на либерализација.

Според поранешниот министер за финансии и професор Никола Поповски, одлуката е донесена избрзано.

– Во Македонија во овој момент се отвораат сериозни процеси за справување со криминалот во државните институции, корупцијата во нив и државните функционери. Голем дел од нив имаат двојни државјанства и пасоши на други држави, така што ваквото либерализирање остава можност законски да се изнесат средствата стекнати на коруптивен начин – вели Поповски.

Тој додава дека, Народната банка 20 години води политика на претпазливост на либерлизација на капиталните сметки, а времето ќе покаже зошто е донесено ова олеснување и какви трансакции ќе се случат врз основа на него.

Според економскиот аналитичар Слободан Најдовски, гувернерот треба да ги објасни поводот и причината за оваа одлука.

– На јавноста треба точно да и се објаснат поводот и причините за направените измени со кои се олеснува отворањето на сметки на физички лица надвор од државата  Кои се побудите, дали да им олесни на граѓаните или пак да се овозможи незаконско стекнатите пари да се изнесат од Македонија – вели Најдовски.

Од Народна банка за „Мета“ изјавија дека лица кои имаат македонски пасош може да отворат сметки во странски банки, со тоа што за важечки документ со кој се докажува привремениот престој во странство отсега се смета и визата.

– Во однос на отворањето сметки во странски банки од страна на резиденти физички лица е појаснето дека, за важечки документ со кој се докажува привремениот престој во странство „се смета документот издаден од надлежен орган во државата со којшто се регулира престојот во таа земја“, за разлика од претходната одредба со која се определуваше дека „за важечки документ за престој во странство не се смета визата евидентирана во патната исправа, туку тоа треба да биде друг документ издаден од надлежен орган во државата со кој што се регулира престојот во таа земја“. Во суштина, со оваа измена само се врши усогласување со практиката на некои држави каде што со визата евидентирана во патната исправа се регулира и привремениот престој во таа држава – велат од Народна банка.

Значајна нова одредба во делот со кој се регулира слободното отворање и имање сметки кај странски банки е и дека, резидентот физичко лице може средствата од сметката да ги пренесе во Македонија и по истекот на рокот на важност на документот за престој или работа во странство, како и документот за стекнати права.

 


Попоски за „Катимерини“: Македонија и Грција треба да си дадат шанса


Атина, 21 февруари, 2016 - 12:35 (META) 

Ниту затворањето на границите, ниту навивањето Грција да излезе од шенген-зоната, но ни користењето на ситуацијата со бегалците за Македонија да поентира за влез во Европската унија (ЕУ) и во НАТО не ѝ оди во прилог на нашата земја.

Ова го посочува министерот за надворешни работи, Никола Попоски, во колумна во весникот „Катимерини“ околу бегалската криза и проблематичната ситуација со македонско-грчката граница.

Попоски истакнува дека актуелната криза треба да се види не како можност за поентирање на туѓа штета, туку како можност двете страни конечно да ја подобрат соработката.

„Затворањето на границите се коси со основните христијански вредности, идејата да се искористи ситуацијата со бегалците за да напреднеме во ЕУ и во НАТО не ни носи корист, додека, пак, излезот на Грција од шенген-зоната е против европските закони. Она што го гледаме сега е голема можност да соработуваме, да ја зацврстиме довербата и да се надеваме дека инвестирањето во пријателството ќе ги приближи двете држави“, пишува Попоски во колумната.

Тој посочува дека тешките времиња се добра можност да се работи и да се тестираат меѓусебните врски.

„Да си дадеме една шанса“, вели Попоски.

Министерот во колумната се задржува и на досегашните односи меѓу двете страни и како ситуацијата со меѓусебната граница влијаела на двете страни во еден или друг момент. Како што посочува, во Грција северната граница била поврзувана со погрешниот страв дека Македонија сака да ја измени границата и да се прошири кон југ, односно кон грчките територии, додека во Македонија границата се поврзува со непотребното ембарго и стравот од идејата дека Грција би сакала да ги измени македонските граници и да ја подели Македонија за да не постои повеќе.

Независно од политичките проблеми, Попоски коментира дека луѓето и од двете страни преку туризмот и трговската размена секојдневно ги надминувале границите и проблемите. Вели, границите се една од оние работи кои едноставно не може да се гледаат како нешто позитивно.

„Најголемиот успех на Европа е тоа што направи да исчезнат границите. Тоа е и суштината на Европа, целосна, слободна и во благосостојба. Ова ги инспирира и другите земји кои не се во шенген-зоната да ѝ се приклучат“, додава Попоски.

Министерот забележува дека тоа што го посакува Македонија е силно стратешко партнерство со Грција, иако останува вознемиреноста од ставот на Грција за нашиот прием во ЕУ и во НАТО.


Попоски – Рот: Потребно е трајно и одржливо решение за бегалската криза


Скопје, 1 февруари, 2016 - 20:25 (META) 

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, се сретна државниот министер за Европа во германското министерство за надворешни работи, Михаeл Рот, со кој разговарал за евроатланската интеграција на Македонија и за бегалската криза.

Министерот Попоски истакнал дека внатрешните политички предизвици се надминуваат низ инклузивен процес, кој треба да се заокружи час поскоро и без одложување на претстојните парламентарни избори во април.

Кредибилни избори и суштински напредок по клучните приоритети за зајакнување на правната држава и на економскиот развој на земјата, според Поповски, се во фокусот на активностите на Владата.

Министерот Рот ја акцентирал германска поддршка за интегративните процеси на Македонија во ЕУ и во НАТО и ја истакнал важноста од имплементирањето на политичкиот договор и од почитувањето на препораките содржани во последниот извештај на Европската комисија за Република Македонија.

Во делот на мигрантската криза, соговорниците ја нагласиле потребата од наоѓање трајно и одржливо решение, при што министерот Рот ја поздравил ангажираноста на Македонија и истакнал дека соработката меѓу земјите е исклучително важна за решавање на кризата.