!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Возач загинал кај Стоби


Неготино, 10 јули, 2017 - 14:17 (META) 

Во тешка сообраќајна несреќа што се случила вчера околу 19 часот, на регионалниот пат Градско – Неготино кај локалитетот Стоби, животот го загубил С.П. (47) од неготинското село Црвени Брегови.

Како што соопшти МВР, автомобилот „киа“ со кој управувал сега загинатиот, излетало од коловозот и се превртело.

Увид извршила екипа од СВР Велес, а по наредба на јавен обвинител, на телото на починатиот ќе се врши обдукција.


Изборите и дебатите поминаа, време е да се формира влада, оцени Жбогар


Неготино, 19 април, 2017 - 15:36 (META) 

Дојдено е време земјата да се придвижи напред, да се формираат државните институции, да се избере спикер на Собранието и да се формира влада, изјави во Неготино евроамбадорот Самуел Жбогар, додавајќи дека е поминато времето за избори и за постизборни дискусии.

Според Жбогар, сите во државата треба да ја научат лекцијата и да се обединети кон една иста цел.

– Дојдено е време и власта и опозицијата, како и сите луѓе во вашата земја, да почнат повеќе да се слушаат меѓу себе за да бидат единствени. Тоа е многу важно за иднината на вашата земја и за процесот на евроинтеграција, за кој сме сите заинтересирани да продолжи – рече Жбогар, одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира ситуацијата во Македонија.

Евроамбасадорот денеска во Неготино го промовираше проектот „ЕУ за тебе“, а имаше и средба со градоначалникот Ванчо Апостолов.


Сообраќајот кај Стоби се одвива по една лента поради оштетување на мостот


Скопје, 21 февруари, 2017 - 10:23 (META) 

Сообраќајот на автопатот А-1, Градско – Неготино, кај Стоби, се одвива по левата коловозна лента бидејќи десната е затворена за сообраќај поради оштетување на мостот на реката Црна, информираат од Автомото-сојузот на Македонија.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по на места влажни коловози.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

 


Пожар во Гоцевата шума кај Неготино


Неготино, 4 август, 2016 - 9:30 (META) 

Пожар вчера избувна во Гоцевата шума кај Неготино, околу 16 часот, во близина на селото Курија, и сè уште е активен, а пожарникарите од противпожарната едница од Неготино се обидуваат да го изгаснат.

Пожарникарите го гаснеле пожарот до еден часот по полноќ. Во гаснењето учествувале осум пожарникари и три противпожарни возила. На помош им дошле и 13 работници од подружницата на „Македонски шуми“ од Демир Капија со едно возило, тројца кавадаречки пожарникари со противпожарно возило и една цистерна од компанијата „Кожувчанка“.


Откриени 12 илегални мигранти кај Неготино


Неготино, 8 декември, 2015 - 13:45 (META) 

Дванаесет илегални имигранти од Иран вчера се откриени во возило „фолксваген шаран“ со скопски регистарски таблички.

Мигрантите, кои се откриени на автопатот на клучката кај Неготино, како што соопшти МВР, се пренесени во полициската станица Неготино и ќе бидат сместени во прифатниот центар за странци.

Полицијата трага по возачот на возилото, кој и покрај предупредувањето на полицијата, избегал.


Следната година ќе се градат пет експресни патишта


Неготино, 21 ноември, 2015 - 17:15 (META) 

Најдоцна до средината на следната година ќе почне изградбата на пет нови експресни патишта, соопшти денеска во Неготино премиерот Никола Груевски, додавајќи дека проектот е вреден 300 милиони евра.

– Станува збор за патот од Штип до Кочани, Штип – Радовиш, Ранковце – Крива Паланка, Градско – Прилеп и Охрид – Пештани. Тоа се пет експресни патишта чија градба ќе почне најдоцна до средината на следната година, некои од нив и малку порано. Кога велам експресни патишта, мислам на патишта со четири ленти кои ќе бидат со стандарди како за автопат во однос на степенот на свиците, нагорнините и на надолнините – рече Груевски, додавајќи дека во иднина тие би можеле да прераснат во автопатишта доколку тоа е потребно.

Груевски истакна дека за реализацијата на проектот се обезбедени финансии и склучени се договори со меѓународните банки.
– Ги потпишавме сите договори, некои од нив ги финансира Светската банка, некои ЕБРД, некои Европската инвестициска банка, како и разни други начини за финансирање, но за сите е обезбедено финансирање и склучен е договор. Поминато е во Собрание и сега следуваат подготвителните работи за распишување јавен повик за изведувач и тој да почне со работа – рече Груевски.


Почна изградбата на индустриска зона во Неготино


Неготино, 21 ноември, 2015 - 16:18 (META) 

Премиерот Никола Груевски, заедно со градоначалникот на Општина Неготино, Ванчо Апостолов, и со бизнисменот Илија Гечев, денеска го означи почетокот за изградба на нова индустриска зона во Неготино.

Зоната се простира на површина од 30 хектари, со можност за изградба на 26 објекти, а како што соопшти премиерот, досега се продадени сите 17 парцели.

– Стратегијата и политиките на Владата за засилен економски развој, привлекување нови инвестиции, отворање нови работни места и за континуиран напредок на РМ продолжуваат со несмален интензитет на сите полиња. Продолжуваме со инвестиции во изградба на патиштата, железницата, образованието, во подобрување на бизнис-климата, поддршка на стопанството, изградбата на индустриските развојни зони, како и низа други активности кои се од големо значење за економскиот развој на државата – рече Груевски, додавајќи дека напорната работата си носи резултати.

Бизнисменот Гечев, сопственик на компанијата ИГМ, најави дека во индустриската зона Неготино ќе бидат изградени продавници со стока од Кина и од Кореја.


Шекеринска: ВМРО-ДПМНЕ сака да ги блокира преговорите, но нема да им помине


Неготино, 5 октомври, 2015 - 19:01 (META) 

„ВМРО-ДПМНЕ ја повторува старата тактика, сака да ги блокира преговорите со нивно постојано одложување и со барања за консултации, за паузи, враќање назад на прашања кои одамна се расчистија за преговорите да влезат во ќор-сокак. Тоа нема да им помине, утре договор за изборниот закон мора да има“, рече заменик-претседателката на СДСМ, Рамила Шекеринска, при посетата на Неготино.

– Во текот на последните неколку дена, во преговорите за новата изборна регулатива СДСМ предложи зголемување на квотата од 40 отсто на жени, односно на двата пола, на сите кандидатски листи. Тоа значи дека предлогот што беше предложен од македонското женско лоби, целосно, во текот на овие преговори ќе го поддржиме и ќе бараме жените во Македонија да го добијат заслуженото место – рече Шекеринска.

СДСМ денеска во Неготино ги почна трибините што ќе се реализираат низ цела држава во текот на наредните пет недели, на кои граѓаните ќе можат да даваат предлози за нивната програма „Визијата за Македонија“.

– Ќе зборуваме за проблемите што ги мачат граѓаните, ќе зборуваме за нашите решенија, но ќе понудиме и шанса на сите, граѓани, невладини организации, здруженија, заинтересирани страни, да кажат кои се нивните предлози, кои се нивните барања од следната власт во нашата држава. На крајот од овој процес, ќе имаме програма која нема само да одговара пред членовите и симпатизерите на опозицијата и СДСМ, туку тоа ќе биде програма за враќање на средната класа – рече Шекеринска.