Мисијата на Дионис ја преземаат синовите: Музејот на олдтајмери во Неготино ја сонува иднината за нов објект

Музејот на олдтајмери во Неготино; Фото: Мета.мк

Љубовта кон колекционерството и страста кон олдтајмерите на Дионис Пашлаков ретко кој во Македонија не ја осозна во документарниот филм „Avec l’amour“ („Со љубов“), во режија на Илија Цветковски. Овој документарец беше прикажан пред повеќе од пет години во земјава, преку кој македонските граѓани можеа да се запознаат со Музејот на олдтајмери во Неготино. Пред повеќе од две години, во ноември 2020 година Дионис почина, но мисијата ја презедоа неговите два сина Кирил и Димитар Пашлаков, со кои поразговаравме за иднината на овој музеј.

Музејот на олдтајмери и денес има посетители. Го посетивме едно саботно јануарско попладне, а покрај обврските на Димитар и Кирил, кога ги побаравме на телефон за да ја посетиме локацијата и да поразговараме, и покрај тоа што не бевме најавени претходно, без никаков проблем дојдоа да ни ги отворат вратите на музејот.

По смртта на нивниот татко Дионис, сега тие се грижат за Музејот на олдтајмери во Неготино, кој по бројот на собрани раритетни автомобили и мотори е најголемиот во земјава. Посетители на музејот имало и ќе има, велат Димитар и Кирил.

Двата сина на Дионис ја продолжуваат неговата мисија; Фото: Мета.мк

„Доаѓаат, особено на лето, бидејќи туристичката бранша тогаш е најактивна. Фреквентен е автопатот и тие што имаат слушнато, доаѓаат“, вели Димитар Пашлаков.

Домашни и странски посетители во музејот доаѓаат и во зимскиот период, но помалку се на број. Поголем интерес има кај лица од постарата генерација, но има и помлади посетители.

„Мислам дека ова допрва ќе биде интересно“, вели Кирил Пашлаков раскажувајќи со љубов кон богатата колекција што ја наследиле од нивниот татко.

„Вредноста не е во материјалното тука“, објаснува Димитар. Вредноста е во страста, во пасијата, во љубовта вложена во музејот од нивниот татко.

Дионис бил многу поврзан со техниката, раскажуваат неговите синови, бил координатор во Народната техника во градот и бил заинтересиран децата да ги носи низ Југославија по моделарство, едриличарство и други дисциплини, учествувал и во спортски активности во летање, имал повеќе хобија, а колекционерството на возила и мотори му било последното хоби на Дионис. Предавал биологија во гимназијата во Неготино, а неговата љубов кон колекционерството е тешко опишлива со зборови.

И Димитар и Кирил добро се сеќаваат како се родило хобито, кога биле многу мали, патувале заедно со нивниот татко за Охрид, кој од Царев Двор во Ресен наеднаш купил седум-осум коли и така ја започнал приказната за овој Музеј на олдтајмери.

„Најголема поддршка на татко ми беше нашата мајка. Има голема заслуга во сиот негов прогрес“, велат синовите на Дионис.

Музејот да се пресели на нова локација во Неготино

Семејството Пашлакови имаат визија за натамошен развој на Музејот на олдтајмери, односно да ја продолжат мисијата на Дионис на нова локација во Неготино.

Нивната идеја е да изградат нова хала во Неготино, со што би се овозможила самоодржливост на музејот. Покрај сместување на олдтајмерите, во новиот објект би имало и слаткарница, односно место каде што посетителите би можеле да одморат по разгледувањето на колекцијата на автомобили и мотори. Подготовката на торти и слатки е нивен фамилијарен бизнис, кој го води нивната мајка.

„Битно е да остане, Неготино и Македонија да имаат туристички белег, бидејќи сите овие 130-140 возила што ги имаме во колекцијата се воглавно возени на територијата на Македонија. Сето ова е културно богатство на Македонија“, вели Димитар Пашлаков.

Димитар и Кирил велат дека Неготино веќе постанува точка за одмор на туристите кои патуваат преку автопатот од Коридорот 10 од и кон Грција, изградени се и хотели за преноќување, така што сметаат дека со нивната идеја за префрлање на Музејот на олдтајмери на нова локација ќе овозможат создавање на нова туристичка атракција за градот што ќе привлекува посетители.

„Не е само да преспијат во градот, ќе има нешто и да видат и ќе им остане во убав спомен Неготино“, вели Димитар Пашлаков.

„Рим не е изграден за еден ден“, додава Кирил, посочувајќи дека нивната визија и замисла се сложни да ја реализираат.

„Долу имаме проектирано хала, која што би чинела околу 50-60.000 евра за да се изгради и има дозвола за градба и комуналиите се платени. Само нѝ требаат средства за да се изгради“, појаснуваат тие.

Замислата им е да побараат донации преку фандрајзинг акција за да ја изградат новата хала, а планираат да прашаат и за донации од големи фирми од земјава и од странски амбасади.

Синовите велат дека нема голема заинтересираност од институциите за идејата за развој на Музејот на олдтајмери. Дополнуваат дека потребни им се средства и за средување на дел од олдтајмерите, но објаснуваат дека чини и редовното одржување на веќе реставрираните возила.

„100.000 евра ќе треба за да се направи сето и ќе биде интересно и атракција за туристи, кои ќе дојдат од странски држави, ќе можат да видат кои коли се возеле претходно на територијата на Македонија“, велат Кирил и Димитар.

И двајцата потенцираат дека одржувањето на олдтајмерите си повлекува трошоци, како што се на пример гумите на возилата кои мора да се менуваат на одредено време. Во тешка состојба се колите кои се наоѓаат надвор, особено оние што се на отворено. Сепак, најголемиот дел од возилата се покриени и згрижени, а на сопствена иницијатива Кирил и Димитар колку можат ги одржуваат олдтајмерите од богатата колекција.

Што сè има во Музејот на олдтајмери? 

Во Музејот на олдтајмери посетителите може да се запознаат со околу 130 автомобили и над 60 мотоцикли произведени во втората половина од дваесеттиот век.

Од колекционерството, во Музејот на олдтајмери забележавме и стари компјутери, грамофони, макети, авион, едрилица и змај.

Двата сина на Дионис ја продолжуваат неговата мисија; Фото: Мета.мк

Од моторите што може да се видат во музејот, најчеста е марката „Томос“ од која има најразлични модели, но во колекцијата има и мотори од чехословачко, француско, руско и германско производство, од различна кубикажа и марки. Како што велат Кирил и Димитар, дел од моторите и денес може да функционираат на принципот „пали-вози“. Најстар мотор е од марката „Хофман“ од 1952 година.

Меѓу колите, најстар модел е возилото „Опел Олимпија“ од 1950 година, кое претходно во Ресен било болничко возило.

„Ова е најстарата кола што ја имаме во целата колекција, но не е обновена бидејќи чини премногу средства“, велат тие. Станува збор за процес, којшто ќе се префрла од генерација на генерација.

Бројот на олдтајмери од марката „Опел“ предизвикува најголемо внимание кога ќе го посетите музејот, бидејќи покрај нивната старост од 1950-тите години, голема е и бројката на реставрирани олдтајмери од оваа марка.

Димитар и Кирил велат дека дури околу 100 олдтајмери што се наоѓаат во колекцијата се во возна состојба, но и потенцираат дека има трошоци за нивното одржување кои се постојани и додаваат дека неопходно е репарирање на секое возило одделно, доколку не е возено подолго време.

Во колекцијата има и автомобил „Шкода Октавија“ од 1950-тите години.

„Како што застаруваат колите, влегуваат во ерата на класици“, вели Димитар. Посочува и дека во еден од олдтајмерите се возел и некогашниот комунистички лидер од земјава, Лазар Колишевски.

Меѓу последните олдтајмери во автомобилската ергела е возилото коешто го добиле на подарок од поранешната британска амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј.

По првата посета на музејот, таа заедно со нејзиниот сопруг се одлучиле пред заминувањето од земјава да донираат олдтајмер од марката „Остин“, информираат Димитар и Кирил.

Во горниот дел од музејот, забележливо место зазема и авионот закачен на еден од ѕидовите на објектот, кој Дионис успеал да го спаси од уништување. Станува збор за „Делфин-2“ – единствен авион од тој тип што е останат во Македонија, посочува Димитар и додава дека има уште еден музејски експонат од овој модел, којшто се наоѓа во Воздухопловниот музеј во Белград.

„Авионот е купен од Прилеп, од спортскиот аеродром“, објаснува Димитар Пашлаков.

Фотографирање и посета да, но не и продажба на експонатите

Во однос на различни понуди што доаѓаат од колекционери за откуп на олдтајмерите, и двајцата сложно велат дека понуди добивале, но старите коли и мотори од музејот не планираат да ги продаваат. Има и лица кои им нудат продажба на возила со кои би ја збогатиле колекцијата на Музејот на олдтајмери, но велат дека најчесто станува збор за лица кои сакаат да направат бизнис.

И двајцата додаваат дека некои од автомобилите почнале да ги изнајмуваат за свадби или фото-сесии, но потенцираат дека на ваквите настани тие цело време одат заедно со олдтајмерите.

Експонатите што се наоѓаат во овој музеј досега не биле изнесувани надвор од Македонија, но затоа пак првата изложба за олдтајмери што е направена во земјава во 2003 година била организирала во Неготино од страна на Дионис и тогаш биле изложени 10-тина возила. Веќе во 2004 година се организирала голема изложба на олдтајмери во Скопје.

Од денешна перспектива, изложби на олдтајмери во Македонија поретко се организираат, но затоа пак се формираат клубови низ градовите во кои членуваат колекционери на различни марки на автомобили кои организираат разновидни активности. Димитар и Кирил се задоволни дека љубовта кон олдтајмерите се развила и во Македонија.

За олдтајмерите, нивниот татко водел евиденција за тоа кои возила, од која година и од која марка се наоѓаат во музејот.

„Дионис дома одеше да јаде и да ја види мама, да ја бакне и се враќаше назад со колите. Доаѓаше два-три пати во денот. Беше штедлив, на толку коли возеше точак“, ја завршуваат приказната Кирил и Димитар за Музејот на олдтајмери кој им е оставен во наследство од нивниот татко.