fbpx

Од Владата најава за изградба на четврти блок во РЕК Битола и брза пруга кон Србија

На денешниот брифинг со медиумите, од владата информираа дека постои интерес од инвеститори за изградба на нов, четврти блок во РЕК „Битола“, којшто би произведувал електрична енергија од гас. Станува збор за проект кој е во финална фаза на проектирање

-

За земјава да ја постигне енергетската независност од руски гас, клучно е во претстојниот период да се изгради интерконективниот гасовод од Неготино до Грција. САД даваат огромна поддршка на земјава, а од Владата повикуваат што поскоро во Собранието да се одблокира донесувањето на законот преку кој Електрани на Северна Македонија ќе биде во можност да влезе во инвестицијата за изградба на овој стратешки проект. Извори од Владата очекуваат до крајот на годинава да се почне изведбата на гасоводната врска со Грција.

На денешниот брифинг со медиумите, од Владата информираа дека постои интерес од инвеститори за изградба на нов, четврти блок во РЕК „Битола“, којшто би произведувал електрична енергија од гас. Станува збор за инвестиција која е во финална фаза на проектирање, но од Владата засега не даваат повеќе детали.

Воедно, голема гасна електрана со моќност од 800 мегавати е предвидено да се гради во Неготино, за што од Владата информираат дека Србија во моментов е подготвена да потпише и меморандум во однос на изградбата на оваа гасна електрана.

Гасоводната врска со Грција ќе се гради со најголемиот можен капацитет, бидејќи интерес за увезување на гас преку нашата земја има и од Србија и Косово, велат од Владата. Штом се изгради, нашата земја ќе може да увезува природен гас, како од гасоводот ТАНАП што минува низ Грција, така и од најавените гасни терминали што се градат во Грција.

Воедно, од македонската Влада брифираат дека со огромната поддршка од САД изминатава грејна сезона се постигнала енергетска стабилност и независност преку обезбедената либерализација на пазарот и користењето не само на руски гас, туку и на гас купен од Азербејџан, Алжир и други извори. Од владата велат дека немало никакви пречки во испораката на енергенсите од Бугарија изминатава зима.

Од Владата брифираат дека во изминативе два месеца се работи и на потпишување на меморандум со Србија за изградба на брза пруга на Коридорот 10, која треба да биде продолжување на железничката линија која што во моментов ја градат Србија и Унгарија меѓу Белград и Будимпешта, а е предвидено Србија во наредните години да ја продолжи и до Прешево на македонско-српската граница.

За разлика од Србија, која брзата пруга на нејзина територија во најголем дел ја гради со кредити од Кина, од македонската влада појаснуваат дека немаат разговори со Кина или со некој кинески конзорциум за проектот. Брзата пруга би се градела со финансиски средства добиени од банки од ЕУ. Владините информации се дека прво ваквата брза железничка пруга би се градела од Прешево до Скопје, а во следната фаза би се градела во целост ваква железничка пруга до македонско-грчката граница на Евзони. Од владата засега само информираат дека оваа брза железничка пруга би ја одминувала постојната траса што минува низ клисури во земјава.

Отворени листи за на избори, со изборен праг до 4,5 отсто за влез во парламентот

Од Владата брифираат дека во пресрет на претстојните парламентарни избори треба да се разговара за прашањето за воведување на отворени листи, преку кои самите граѓани би ги избрале пратениците кои би влегле во македонското Собрание. Премиерот Димитар Ковачевски на денешниот брифинг со новинарите рече дека се залага за воведување на една изборна единица со отворени листи, а дека треба да се разговара и за прагот за влез на помалите партии во Собранието, за кои тој смета дека интересна бројка би била прагот меѓу 3 и 4,5 отсто.

Од Владата брифираат дека европскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија е најдобриот можен предлог. Во ВМРО-ДПМНЕ има поединци кои не мислат како нивното раководство, но од Владата очекуваат партијата да се охрабри и да ги поддржи уставните измени за внесување на Бугарите во нашиот Устав.

Од македонската Влада информираат дека неколкудневната посета на премиерот Ковачевски на САД била искористена и за потпишување на Меморандумот за соработка со САД во борбата против дезинформации. Премиерот Ковачевски го потпиша Меморандумот со специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на Стејт департментот Џејмс Рубин. Од Владата очекуваат дека со овој меморандум ќе се интензивира соработката, советувањето и подигнувањето на свесноста за штетното влијание од дезинформациите кои ги шират Русија и други малициозни субјекти.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...