Вучиќ ја искритикува Српската православна црква поради Косово


Белград, 8 ноември, 2018 - 11:58 (META) 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави денеска дека е засегнат од „лошто мешање“ на Српската православна црква (СПЦ) во политиката за Косово, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

По повод соопштението на Соборот на СПЦ, „дека по ниту една цена не смее да се доведе под знак прашање суверинитетот и интегритетот на Србија на Косово“, Вучиќ пред новинарите на српските медиуми во Хелсинки изјавил дека суверинитетот го чуваат територијата, војската и народот и прашал „што од тоа, Србија има на Косово“.

„Целосен суверинитет би значел дека Србија воведува војска и полиција на Косово“, изјавил Вучиќ и додаде дека тоа е неодговорна политика и дека не би сакал да ризикува, туку да го чува српскиот народ.

Соборот на СПЦ оценил синоќа дека „Косово и Метохија никогаш не било и не може да биде само политичко прашање за чие што решавање, монопол имаат исклучиво државните органи“ и дека „по ниту една цена не смее да се доведе под знак прашање целосниот суверинитет и интегритет на Србија на Косово и Метохија.“

Во соопштението, по вонредното есенско заседавање на Соборот на СПЦ, се наведува дека „каков било потпис со кој би се овозможило признавање на Косово, учество во ОН или одрекување на Србија од него под која било форма, засекогаш ќе го укине секое историско право на Србоја на тие просторите, кои се темели на нејзината духовност и државност.“


Македонскиот и бугарскиот Омбудсман разговараа за мрежа на правобранители


Софија, 16 октомври, 2016 - 10:50 (META) 

Идеа за креирање на мрежа на омбудсмани на Западен Балкан беше тема на разговорите помеѓу македонскиот народен правобранител, Иџет Мемети, и неговата бугарска колешка, Маја Манолова, за време на нивниот состанок во Софија.

Идејата e идната организација да им помага на граѓаните од земјите-членки во случај на проблем на територијата на странска земја.

Манолова се понуди да биде домаќин на првиот состанок на јавни правобранители од регионот.

Мемети и Манолова дискутираа и за борбата против монополите при што Мемети го истакнал одложениот процес на либерализација на пазарот на електрична енергија и дека една компанија има монопол на оваа услуга. Манолова му кажа за битката со „Топлификација Софија“.

Народните правобранители на двете земји се согласија околу идејата за мрежа на омбудсмани и да соработуваат околу борбата против монополите, бидејќи постојат ретки случаи каде исти компании или нивните подружници обезбедуваат исти јавни услуги во неколку соседни земји.

Манолова ја прифати поканата на Мемети наскоро да дојде во посета на Скопје.


ЕУ ќе поднесе тужба против „Газпром“


Брисел, 20 април, 2015 - 20:22 (META) 

Антимонополското регулаторно тело на Европската унија в среда, на 22 април, формално ќе поднесе тужба против руската гасна компанија „Газпром“, вели неименуван извор за „Волстрит џурнал“.

Изворот тврди дека тужбата против „Газпром“ ќе биде на дневен ред на состанокот на Европската комисија в среда и дека не се очекува никакво противење.

Официјални лица од Европската комисија и претставници на „Газпром“ одбиле да ја коментираат оваа информација, додека извор близок до „Газпром“ тврди дека таа компанија отсекогаш сакала да се постигне консензуално решение, а тужбата нема да биде добредојдена.

Европската комисија уште од септември 2012 година покрена формална истрага поради сомневање дека „Газпром“ ја злоупотребува доминантната позиција на пазарот во снабдување со гас на земјите од Источна и од Јужна Европа.