fbpx

Пендаровски на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи: Наша морална обврска е да се сеќаваме и да не забораваме

-

Претседателот Стево Пендаровски, на денешното одбележување на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи, праша „дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт?“.

Тој порача дека треба да има извинување за улогата на тогашната бугарска влада во геноцидот на македонска територија.

Претседателот Пендаровски ја предводеше Поворката на живите, која тргна од старата железничка станица до Тутунскиот комбинат, некогаш „Монопол“, во чии згради биле затворени македонските Евреи пред нивната депортација во нацистичкиот логор Треблинка. Дел од поворката беа пратеници од Израел, претставници на еврејски здруженија од земјава и светот, претставници на парламентарни политички партии, претставници на дипломатски кор и 200 гости од Израел.

На спомен обележјето во чест на депортираните Евреи од Македонија во дворот на некогашниот Тутунски комбинат Скопје со пригодни говори се обратија Претседателот Стево Пендаровски, вицепремиерот, Фатмир Битиќи, претседателот на парламентарната група за пријателство на Израел и Северна Македонија, Хамад Амар, Ернест Херцог, од Светскиот Еврејски Конгрес, Марија Багдасарова, од Европскиот Еврејски Конгрес и претседателот на еврејската заедница во нашата земја, Пепо Леви.

На споменикот, свежо цвеќе покрај владината делегација, положија и останатите делегации како пратеници од Израел, претставници на еврејски здруженија од земјава и светот, претставници на парламентарни политички партии и претставници на дипломатски кор, како и градоначалничката на Скопје.

Одбележувањето е во организација на Еврејската заедница на РМ и Фондот на Холокаустот на македонските Евреи, а под покровителство на Владата.

Пендаровски оддаде почит и положи цвеќе пред споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи во кругот на Тутунскиот комбинат, каде беа поставени и камчиња со нивните имиња.

Во своето обраќање, тој оцени дека ова е критично време кога бројот на преживеани сведоци на холокаусот се намалува, а антисемитизмот, за жал, се зголемува и порача дека наша морална обврска е да се сеќаваме и да не забораваме, за да не дозволиме, како што рече, никогаш повеќе силите на злото да добијат шанса да го повторат злосторството.

Според претседателот Пендаровски, правдата подразбира да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, рече македонскиот претседател, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи.

„Вчера, на 11 март, се навршија 80 години од холокаустот на македонските Евреи. Од ова место 7.144 мажи и жени, деца и старци, во три конвои биле спроведени до железничката станица, натоварени на сточни вагони и депортирани во логорот на смртта Треблинка. Денес, минувајќи еден краток дел од патот на нашите еврејски сонародници, размислуваме за тој мрачен период што нашиот познат поет Ацо Шопов го опиша како време „изместено од своите зглобови“, посочи шефот на државата на почетокот на своето обраќање.

Раскажувајќи за нивната трагична судбина, тој нагласи дека фашистичкиот режим во тоа време во Софија го донел Законот за заштита на нацијата со кој македонските Евреи биле систематски дискриминирани. Лишени од државјанство и правна заштита, Евреите биле отпуштани од јавните служби, децата исфрлани од училиштата, семејствата протерувани од нивните домови.

Вториот чекор бил изолација. По наредба на Комесаријатот за еврејски прашања Евреите морале во јавност да ја носат жолтата давидова ѕвезда.

Третиот чекор бил дехуманизација. Речиси сите Евреи од Скопје, Битола и Штип, од скопскиот Монопол биле депортирани во Треблинка каде што во гасни комори згаснаа животите на близу еден милион лица, меѓу нив и на македонските Евреи кои претставувале 98% од севкупната македонска еврејска популација, и третина од вкупните македонски жртви во Втората светска војна, објасни претседателот во своето обраќање.

„Никаде во Европа, морбидниот концепт наречен „конечно решение на Еврејското прашање“ не бил поефикасно спроведен отколку во тогашната окупирана Македонија“, порача Пендаровски.

Тој побара извинување за улогата на тогашната профашистичка влада во Софија.

„Соочени со овие факти, обврзани сме да ги поставиме следниве прашања: дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт? И во хебрејскиот и во македонскиот јазик изворното значење на зборот правда, упатува на она што одговара на вистината. Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи“, порача шефот на македонската држава.

Делегација на Владата предводена од вицепремиерот Фатмир Битиќи, придружуван од министерката за одбрана Славјанка Петровска, потоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски,и Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, исто така учествуваше во одбележуваето на 80 годишнината од холокаустот на македонските Евреи, под мотото „Никогаш повеќе!“

Во своето обраќање вицепремиерот Битиќи истакна дека пред 80 години, 7.144 евреи го изгубија својот живот, брзо, сурово и непотребно, поради лудата и крволочна идеја на неколку, кои беа потоа поддржани од многу други.

„Ете толку е лесно злото да надвладее. Затоа денеска, како и сите денови, гласот на разумот, светлината, прифаќањето, човечноста и демократијата мора да е гласен и јасен. Да го слушнат сите. Нивните животи можеби завршија, но нивниот дух е постојано со нас, да не потсетува и да не храбри. Злото на Холокаустот не смее да се повтори.“ – истакна Битиќи.

Продолжувајќи дека духот живее со оние и за оние кои се сеќаваат на нив, кои ги носат во умот и душата, оние кои со непокор застануваат пред злото и велат, доста е.

„Од тој непокор се изнедрува надеж за иднина и слобода, еднаквост, правичност и праведност. Денеска се сеќаваме на сите нив, тие не се бројка, тие се светлината која ни го покажува патот. Се сеќаваме, за никогаш да не се повтори. Слава им!“ – заврши Битиќи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...