Промовиран водич за граѓаните полесно да разберат дали се ДДВ-обврзници


Скопје, 9 јануари, 2019 - 15:54 (META) 

Во Министерство за финансии денеска беше промовиран „Водич за подобро информирање на физичките лица за данокот на додадена вредност“, кој министерството го изработил заедно со Управата за јавни приходи и „Цивитакс група“ во која членуваат 14 граѓански организации.

Целта на Водичот е на едноставен начин да ги информира граѓаните дали спаѓаат во оваа група, како можат да се регистрираат за ДДВ обврзници.

Министерот за финансии Драган Тевдовски објасни дека мнозинството граѓани не се и не треба да бидат ДДВ-обврзници бидејќи платите, надоместоците на плати, бонусите и слично, не се предмет на оданочување со ДДВ.

„Немаат обврска да влезат во системот на ДДВ ниту оние кои дополнително од платата прават промет помал од еден милион денари на годишно ниво, односно 83.333 денари просечно на месечно ниво. Оние кои вршат промет повисок од ова треба да видат дали сите промети им влегуваат во прагот, бидејќи постојат ослободувања и олеснувања. На пример: изнајмување на недвижен имот за станбени цели не е предмет на оданочување со ДДВ, а исто така, не подлежат на оданочување со ДДВ и давање услуги (пример: ИТ, консултантски и слично) кон странство, како и средства од грантови“, рече Тевдовски.

Водичот може да се најде на веб-страницата на УЈП и во него можат да се најдат сите објаснувања.

Од соработката со граѓанските организации произлезе предлогот Министерството за финансии да подготви две измени во законот за ДДВ. Со првата подобро ќе се прецизира ослободувањето на образовната дејност во законот, и истата природно ќе се надополни и со научната дејност.

Второто се однесува на периодот за кој може да се изврши дерегистрација. Во моментов ДДВ обврзниците имаат обврска да останат во системот пет години по регистрацијата. На барање на граѓанските организации, ќе дадеме можност на доброволна основа лицето да може да се одјави по две години, доколку во нив има промет помал од еден милион денари и не остварил поврат на ДДВ.

Моментално лицата кои стануваат ДДВ обврзници се дел од овој систем во следните пет години по регистрацијата. Граѓанскиот сектор побара тие да имаат можност по две години да поднесат барање за исклучување од системот, доколку повеќе не ги исполнуваат условите.


Инвестициите служеа за пропаганда, треба да се знае колку се субвенционирани


Скопје, 9 март, 2017 - 15:50 (META) 

Ако реализираните странски инвестиции во земјава ги гледаме квантитивно, од тоа што сме очекувале и во однос на тоа што е остварено, тогаш не е големо разочарувањето. Но, квантитавните индикатори, како што се бројот на вработувања или реализирани инвестиции, не зборуваат многу. Важен е квалитетот на инвестициите, новата вредност што ја создаваат, какво е нивното секундарно и терцијално влијание во синџирот на економијата.

Ова денеска го истакна универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети, на дебатата за странските инвестиции во Македонија во организација на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН), која се одржа во хотелот „Холидеј ин“.

– Дали странските компании ќе бидат одржливи кога ќе престанат субвенциите и ќе останат во државата е големо прашање. Странските директни инвестиции не носат пораст, а не, пак, развој. Странските компании во исто време извезуваат многу, но и увезуваат. Дивидендата од компаниите ја изнесуваат надвор. Но, не се виновни за неостварување на планираните инвестиции бидејќи состојбата во економијата е таква. Ниските плати се резултат на состојбата на пазарот на трудот, а воедно и нема институции што ќе ги натерат да ги спроведуваат договорите – додава Беџети.

Според професорот Марјан Петрески, дискрепанцата помеѓу реализираното и најавеното (не проектираното), е голема.

– Со најавувањето на инвестициите, Владата сакаше да внесе оптимизам во гласачкото тело. Инвестициите служеа за пропагандни цели. Се најавуваше повеќе од тоа што се знаеше дека ќе се реализира – додаде Петрески.

Тој верува дека на долг рок, инвестициите ќе ги надминат трошоците, но смета дека потребна е поголема транспарентност за субвенциите што ги дава државата.

Новинарскиот тим на БИРН Македонија изработи база на податоци „Странски инвестиции под лупа“, која покажува дека странските инвеститори инвестирале седумпати помалку од најавеното и отвориле трипати помалку работни места отколку што ветиле.


Порастот на доларот добредојден за македонскиот извоз


Скопје, 21 април, 2015 - 14:49 (META) 

Зајакнувањето на доларот во однос на еврото е промена која е добредојдена за компаниите чии цени се во евра, сметаат од Сојузот на стопански комори на Македонија.

– Зајакнувањето на доларот во однос на еврото за земјите и за компаниите чии цени се во евра, ќе значи можност за зголемување на извозот во земјите каде што доларот е национално или општоприфатена валута во надворешно-трговската размена. Резултатот на ваквиот валутен однос за овие земји ќе значи нивен поевтин производ – изјави за новинската агенција „Мета“, извршниот директор на Сојуз на стопански комори на Македонија, Митко Алексов.

Според универзитетскиот професор на „Американ колеџ“, Марјан Петрески, доларот може да ја погоди негативно секоја компанија која има должничка нето-позиција во долари, односно ако нејзините обврски во долари се поголеми од нејзините побарувања во долари.

– Во банкарскиот систем, само мал дел од активата и од пасивата се деноминирани во валути кои не се евро. На крајот од 2014 година, 6,8 отсто и 7,4 отсто од активата и од пасивата со валутна компонента, соодветно, биле деноминирани во долари, што покажува дека какви и да се движењата на доларот или на другите не-евро валути, поголемо влијание врз банкарскиот систем нема да има. Во поглед на фирмите, не постои агрегиран показател за нивната девизна позиција, меѓутоа, најголем дел од фирмите тргуваат со европските земји или со земјите од опкружувањето, па најголем дел од нивните трансакции се деноминирани во евра. Доколку има доларски изложености кај фирмите, претпоставувам дека се само изолирани случаи – вели Петрески.

Според средниот курс на Народна банка, еврото во моментов чини 61,5 денари, а доларот – 57,3 денари.