ЕБОР и „Шпаркасе банка Македонија“ ќе го зголемат финансирањето на МСП


Скопје, 8 ноември, 2018 - 13:00 (META) 

„Шпаркасе банка Македонија“ е втората македонска банка која ќе и се приклучи на иницијативата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за поттикнување на кредитирањето на малите и средни претпријатија (МСП) во земјата.

ЕБПР обезбедува 10 милиони евра на „Шпаркасе банка Македонија“, од Програмата за поддршка на конкурентноста за Западен Балкан, која заедно со Европската унија (ЕУ), обезбедува среднорочно и долгорочно финансирање на малите и средни претпријатија (МСП) и им помага да ги достигнат ЕУ стандардите.

„Кредитот на ЕБОР е поддржан со 1,5 милиони евра грант од ЕУ, од Инструментот за пред-пристапна помош (ИПА). Финансирањето на ЕБОР за „Шпаркасе банка Македонија“ ќе биде насочено кон надградба на производните капацитети за подобрување на конкурентноста на локалните компании, а најмалку 60 проценти од фондовите ќе бидат насочени кон намалување на потрошувачката на енергија и ресурси, и поврзаните трошоци“, информираат од ЕБОР.

МСП, кои ќе користат кредити преку „Шпаркасе банка Македонија“, доколку успешно ги завршат проектите на модернизација до одредени ЕУ-стандарди, ќе добијат ИПА- грант финансиран од ЕУ.

МСП се главен двигател на македонската економија. Според податоците на ЕУ, тие придонесуваат со скоро 65 проценти во вкупната додадена вредност и околу 80 проценти во сите работни места во земјата, што е далеку над просекот во ЕУ каде овие проценти изнесуваат 57 проценти и 66 проценти соодветно. На почетокот на годинава, сличен финансиски пакет, од истата програма, беше доделен и на „Охридска банка“.

Програмата за поддршка на конкурентноста за Западен Балкан се стреми да обезбеди вкупно 30 милиони евра за кредитирање на македонските комерцијални банки, во наредниве години, придружувани од грант од ЕУ во вкупен износ од шест милиони евра.

Програмата е надградба на претходната поддршка на конкурентноста во износ од 20 милиони евра, која беше пласирана од 2010 до 2015 и беше поддржана од Европската унија која обезбеди четири милиони евра грант.

ЕБОР инвестира во Македонската економија од 1993 година и до денес банката има потпишано над 110 проекти во земјата, со нето кумулативен бизнис обем од над 1,75 милијарди евра.


Ивана Петровска, АЛДА: Со блокирани сметки тешко до парите од европските фондови


Скопје, 21 септември, 2018 - 11:20 (META) 

Македонија неодамна врати околу 70 милиони евра европски пари наменети за изградба на нов клинички центар, а во изминативе години локалната и централната власт покажаа делумен капацитет за искористување на средствата од европските фондови. Со оглед на тоа што во зависност од исходот на референдумот на 30 септември, нашата земја следната година би можела да ги почне пристапните преговори со ЕУ се наметнуваат прашањата колкав е капацитетот на институциите во Македонија за подготовка на проекти кои би се финансирале од европските фондови, кои се слабостите на државните органи и општините и како да се надминат проблемите кои се пречка за што поголема искористеност на европските пари.

Одговор на овие прашања побаравме од  Ивана Петровска, директорка на Европската асоцијација за локална демократија (АЛДА).

Неодамна вашата организација направи истражување „Користењето на ЕУ фондовите од страна на општините во Македонија. Каков е капацитетот на општините за аплицирање и искористување на овие средства?

– Интересот кај општините во Македонија за европските фондови е голем. Истражувањето покажа дека дури 96% од општините аплицирале за европски средства а 80% веќе спроведувале проекти финансирани од ЕУ. Тоа се доста високи бројки и укажуваат на подготвеноста на општините да учествуваат во европски проекти. Се разбира, нивната подготвеност зависи пред сè од големината на општината и нејзините административни капацитети. Поголемите општини имаат обучен кадар, некои располагаат со одделенија за ЕУ проеки и со тоа имаат повеќе можности за користење на ЕУ средства. Меѓутоа, учеството во европски проекти зависи исто така од политичката волја и визијата за развој на општината. Постојат позитивни примери на мали и рурални општини, како на пример Општина Новаци, кои имаат мал број на вработени, но сепак спроведуваат голем број европски проекти благодарение на соработка со граѓанскиот сектор, јавни институции или консултантски куќи. Важно е општината да инвестира во развој на човечките ресурси да спроведуваат европски проекти, не само во своите редовите на администрацијата туку и во самата заедница.

Колку европски средства имаат досега искористено македонските општини и од кои  фондови/програми?

Ако сакаме поедноставно да ги објасниме европските фондови, можеме да ги поделиме во две категории: претпристапни фондови односно „познатата“ ИПА и т.н. Програми на Унијата. Дел од средствата кои се доделуваат во рамките на ИПА се програмирани за користење за Македонија, а македонските чинители треба да покажат капацитети за нивно искористување. Сепак, „конкуренцијата“ за искористување на средствата е локална, во Македонија. За разлика од ИПА, за Програмите на Унијата најчесто се аплицира директно во Брисел и тогаш македонските општини треба да се „натпреваруваат“ со други локални власти од цела Европа. Такви програми се на пример Европа за граѓаните, Хоризонт 2020, Косме, Еразмус плус итн.
Општините во Македонија најчесто аплицираат и спроведуваат проекти во рамките на ИПА – прекугранична соработка. Во периодот 2007-2013 година за Република Македонија биле доделени над 31 милиони евра од програмите за прекугранична соработка со Грција, Бугарија, Албанија и Косово. Од нив, македонските партнери искористиле 25 милиони евра. Најголем број од партнерите се општини, пред граѓанските организации и јавните претпријатија. Исто така, една од поважните грантови доделени за општините беше ИПА грантот за рурална инфраструктура. Во проектот учествуваа 78 општини на кои им беа доделени над 20 милиони евра преку Светска банка.

Од друга страна, интересот за програмите на Унијата од страна на општините е помал и искористеноста на овие програми може да биде многу поголема. Најсоодветна програма за општините е Европа за граѓаните. Во периодот 2011-2013 година 16 општини од Македонија се корисници на проекти. Во програмскиот приод 2014-2020 Општина Центар е првата општина од Македонија која се јавува како носител на проект од оваа програми во соработка со АЛДА. Тука е важно општните да развиваат партнерства со европски локални власти бидејќи одобрените проекти мораат да бидат во европски размери.

Со оглед на тоа што голем број од општините работат со блокирани сметки, дали тоа претставува пречка за користење на ЕУ фондовите?

Финансискиот капацитет на општината е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат македонските општини. Голем дел од нив имаат блокирани сметки, а тоа е сериозна пречка за аплицирање и спроведување на проекти. Исто така, голем предизвик е кофинансирањето и предвременото плаќање. За некои програми општините треба да кофинансираат дел од средствата а тие немаат финансиски можности или немаат предвидено средства во буџетот. Дури и во програмите каде кофинансирањето е обезбедено од централниот буџет, на пример во прекуграничната соработка, општината треба да ги инвестира парите, а потоа да и бидат вратени средствата. Затоа, пристапот кон европските програми не треба да биде кампањски штом излезе повик за финансирање а ЕУ проектите да се гледаат како средства „кои треба да се искористат“. Праксата во другите европски земји е дека програмирањето на буџетот на локално ниво директно ги интегрира ЕУ средствата. Всушност, самото програмирање на локалните јавни политики е пресек на европските и локалните приоритети.

Македонските граѓани на 30 септември на референдум ќе се изјаснат околу прифаќање на договорот со Грција и зачленување во ЕУ и НАТО. Дали со евентуален почеток на преговори со ЕУ, локалната и централната власт во Македонија би имале пристап до други фондови на ЕУ?

Достапноста до европски програми и фондови зависи од подготвеноста на централната и локалната власт за нивно искористување. Најголемиот дел од буџетот на ЕУ се доделува за структурни фондови, а ИПА е всушност подготовка за земјите кандидати за понатамошно искористување на структурни фондови. Само преку успешно менаџирање на ИПА фондовите може да ја докажеме нашата апсорпциона моќ за понатамошно раководење со структурни фондови. Предизвик ќе бидат Програмите на Унијата каде што македонските чинители мораат да покажат иновативност, сериозна посветеност, административен капацитет и подготвеност за градење партнерства.

Општините можат да ги зголемат нивните шанси за европски средства доколку лобираат да бидат дел од процесите на програмирање на европските фондови во Македонија и во Брисел. Општините треба да најдат начин да бидат поприсутни и видливи на европско ниво. Речиси сите локални власти од ЕУ имаат свои канцеларии во Брисел каде што не само што се информираат туку и влијаат во донесувањето на одлуки кои ги засегаат. Најважен дел од европските проекти е градењето на партнерства. Општините треба да најдат начин да создаваат и одржуваат партнерства со други општини од ЕУ. Од голема важност е да членуваат во организации и мрежи на локални власти од Европа. АЛДА има неколку такви успешни приказни со општини од Македонија кои преку нејзината мрежа најпрвин биле партнери, а сега веќе носители и координатори на големи ЕУ проекти.


Османи: Подготвени сме да ги дочекаме клучните датуми за евроинтеграцијата


Скопје, 12 јануари, 2018 - 11:04 (META) 

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, денеска се сретна со Геновева Руиз Калавера, директорка за Западен Балкан, во рамките на генералниот Директорат за соседство и проширување во Европска Унија, (ДГ НЕАР).

„Остваривме значаен напредок на сите полиња, имплементацијата на реформите во наредниот период ќе се интензивира и Македонија во 2018 година подготвена ќе ги дочека клучните датуми за нашите европски интеграции“, информитрал Османи.

Тој ја презентирал имплементацијата на планот „3-6-9“, реформите на безбедносните служби и на јавната администрација, реформи во правосудството, а очекувањата на Владата се дека, заедно со Собранието, потребните реформи ќе бидат имплементирани заклучно со февруари, пред излегување на стратегијата за проширување на Европската комисија.

На средбата со Калавера се разговарало и за искористувањето на средствата од ИПА, како и напредокот на т.н. ИПА мастер-план кој се подготвува во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

„Имавме исклучително успешна апсорпција на ИПА средствата во 2017 година, и најмалку што очекувам е во 2018 да продолжиме со исто темпо, но и да обезбедиме унапредување на капацитетот на ИПА-структурата, што ќе овозможи уште поголема искористеност на средствата од ИПА и директно ќе влијае на приближувањето на Македонија до стандардите и вредностите на ЕУ“ – истакна Османи.


Жбогар: Загубеното време да се надомести со поголема посветеност на реформите


Скопје, 18 декември, 2017 - 13:59 (META) 

Загубеното време треба да се надомести преку посилна посветеност на владата и на јавната администрација на тековните реформи и со посилна вклученост на граѓаните во реформите. Секој има одговорност за напредокот на земјата, вели шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар.

Евроамбасадорот во врска со усвојувањето на Акциската програма на Европската комисија за Македонија за 2017 година и на потпишувањето на договорот за финансирање на годишната програма за ИПА 2016 помеѓу Европската Унија и македонската влада, со кои Македонија добива 72,3 милиони евра од ЕУ, порача дека тоа е јасен доказ дека за посветеноста на ЕУ на зачленувањето на Македонија во големото европско семејство.

– Овие фондови покажуваат колку сме сериозни во иднина да ја видиме земјата во ЕУ. Токму затоа сега инвестираме во подобрувањето на сите нејзини системи и на нивното доведување до стандардите на ЕУ, не поради барањата на ЕУ, туку заради придобивките за секој нејзин граѓанин – вели Жбогар.

Двете програми, финансирани од ЕУ, кои стартуваа од крајот на минатиот месец, се за поддршка на демократијата и на управувањето, со цел потпомагање на економскиот развој и растеж на Македонија. Приоритети се подобро управување со границите и миграциските политики и поефективна борба против тероризмот и организираниот криминал, со посебно внимание на спречување на радикализирањето и насилниот екстремизам.

ЕУ исто така ќе ја потпомага реформата на јавната администрација, со посебно внимание на подобрувањето на транспарентноста и борбата против корупцијата, како и на развивање на електронски услуги за сите граѓани, што ќе овозможи заштеди во време, напори и пари за граѓаните.

Со програмите се предвидуваат и нови средства за компаните, за подобрување на состојбата на приватниот сектор и на економскиот профил на земјата, како и инвестиции во образованието и на пазарот на работна сила.

Од 2007 година, велат од Делегацијата на ЕУ во Скопје, Македонија добила над милијарда евра за клучни реформи и за инфраструктура, а до 2020 година, треба да бидат распределени уште 250 милиони евра.


Османи – Атебери: Поддршката од УСАИД има големо влијание за развојот на Македонија


Скопје, 16 септември, 2017 - 11:09 (META) 

Поддршката од УСАИД има големо влијание за развојот на Македонија, истакнал вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на средбата со новиот постојан претставник на УСАИД во земјава, Дејвид Атебери.

Османи, како што соопштија од неговиот кабинет, на Атебери му ги презентирал надлежностите и политичката агенда на Секретаријататот за европски прашања (СЕП), посочувајќи дека моменталниот фокус на Владата и на СЕП е во поддршката на реформскиот процес преку планот „3-6-9“ и мастер-планот за ИПА.

Атебери пред Османи го презентирал портфолиото на УСАИД со сите области и конкретни проекти што се спроведуваат во Македонија и нагласил дека УСАИД „целосно ја поддржува македонската влада за унапредување на процесите за евроатлантска интеграција“.

„Атебери истакна дека УСАИД е партнер на Република Македонија во последните 25 години, а главните три области во кои дејствува УСАИД се демократија и владеење, економски пораст и образование, за кои се во тек повеќе проекти“, стои во соопштението за средбата.

Двајцата соговорници на крајот на средбата го истакнале интересот на двете страни за интензивна соработка околу развојната стратегија на УСАИД за Македонија, која треба да се доврши до крајот на 2017 година, а се договориле и за редовна координација и размена на искуства во области каде УСАИД може да ја даде потребната поддршка на земјава.


Османи почнува редовни консултации со амбасадорите од Западен Балкан


Скопје, 15 август, 2017 - 13:29 (META) 

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска ја одржа првата средба со амбасадори на земјите од Западен Бакан, која, како што рече е увод во постојани координативни средби. Во средбата во Секретаријатот за европски прашања (СЕП) учествувале претставници на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и на Црна Гора.

На средбата се разговарало за регионалната соработка на земјите од Западниот Балкан и се разменила искуства и мислења за начините на кои може да се зголемат капацитетите на земјите за поголема апсорпциона моќ за искористување на ИПА средствата, како и евентуалните последици врз ИПА фондовите со намалувањето на буџетот на Европската Унија по завршувањето на Брегзитот.

По средбата, вицепремиерот Омани нагласи дека Владата на Република Македонија во следниот период ќе се фокусира на прашањето на името со цел забрзување на евроинтеграциите. Тој најави дека во тие рамки тој денеска заминува во посета на Германија, а месецов ќе ја посети и Атина. Во рамките на новата владина офанзива за решвање на проблемот со името е и посетата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас на Скопје, нагласи Османи.


Стратегија „ЈИЕ 2020“: Земјите од Балканот стабилизирани, но не напредуваат еднакво


Дубровник, 28 јуни, 2017 - 19:53 (META) 

По три години од спроведувањето на Стратегијата „Југоисточна Европа 2020“, дојдено е до долгоочекуваната стабилизација на земјите од Западен Балкан, но со нееднаков напредок.

Ова беше констатирано на денешниот годишен состанок на управувачкиот одбор за стратегијата на Регионалниот совет за соработка (РСС), интервладино оперативно тело на земјите од ЈИЕ, на кој беше усвоена годишната програма, а беше разговарано и за новиот циклус на стратегијата.

Генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ, изјави дека стабилизацијата и скромниот тренд на пораст се должат само на дел од земјите од Западен Балкан, не посочувајќи кои.

– Вкупниот напредок е резимиран како враќање на стабилен, иако скромен образец на пораст, со позитивен тренд кој се очекува во иднина. Дојде до долго очекуваното стабилизирање во поглед на вработеноста и на трговската рамнотежа. Вкупните резултати во регионот, меѓутоа, се главно под влијание на добри резултати на помал број од економиите (земјите), па напредокот не е еднаков во целиот регион – појасни Свилановиќ.

Никола Цендровиќ, висок функционер во Дирекцијата за проширување и добрососедство на Европската комисија, ги потсети присутните на важноста на спроведувањето на целата стратегија, „која бавно, но сигурно го води регионот таму каде што сака да биде, како во економска, така и во општествена смисла“, а тоа е ЕУ.

Одборот, како што соопшти РСС, ги разгледа четирите клучни параметри на кои ќе се фокусираат земјите од регионот во иднина, за кои се очекува наскоро да бидат и официјално усогласени, а беа разгледувани и добри примери во секоја земја одделно.

Управувачкиот одбор на стратегијата „ЈИЕ 2020“ го сочинуваат министри, заменици министри и високи службеници на министерствата за европска интеграција на земјите од Балканот, национални координатори за стратегијата, како и координаторите на ИПА-програмите.

Во Дубровник утре ќе има нов состанок на управувачкиот одбор на РСС, в петок треба да се одржи министерска средба на земјите од Балканот, а веднаш потоа и самит. Сите овие состаноци се дел од подготовката на самитот на Западен Балкан со ЕУ, предвиден за 12 јули во Трст.


Народна банка промовираше нов систем за прекугранични плаќања во евра


Скопје, 28 март, 2017 - 12:08 (META) 

Нов систем за прекугранични плаќања во евра промовираше Народна банка. Целта на овој проект е побрзо и посигурно да се извршуваат прекуграничните плаќања во евра и да се намалат трошоците за нив, од што економијата би имала придобивки, вклучително компаниите и домаќинствата.

– Со остварувањето на овој проект, се постигна повисоко ниво на платежна интеграција на Македонија во платежната инфраструктура на Европската Унија. Ова претставува еден голем чекор напред кон приближување на стандардите на работа на Народната банка до стандардите на работа на централните банки, членки на Европската Унија – се вели во соопштението на Народна банка.

Новиот систем најпрво ќе биде претставен пред банкарскиот и пред бизнис-секторот. Во следниот период ќе се промовира и пред пошироката јавност, заради поблиско запознавање на граѓаните со можностите за користење на овој нов канал за извршување на прекуграничните плаќања.

– Со овој проект целосно се оствари препораката за создавање алтернативен канал за плаќања во евра, покрај кореспондентското банкарство, од проектот ИПА „Оценка на потребите на НБРМ“, спроведен од страна на претставници на Европската централна банка и централните банки членки на Евросистемот – додаваат од Народна банка.


Жбогар и „ЕУ за тебе“ денеска во посета на Валандово


Валандово, 16 март, 2017 - 10:00 (META) 

Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, денеска ќе биде во посета Валандово, во рамки на кампањата „ЕУ за тебе“, каде ќе се сретне со градоначалникот Николче Чурлиновски и ќе го посети проектот финансиран од ЕУ, „Квалитетот на животот, услов за напредок и за одржлив развој во прекуграничниот регион“.

Амбасадорот, исто така, ќе го посети Центарот за социјална работа во Валандово што ќе биде реновиран со средства од Европската Унија.

Проектот е финансиран од програмата за прекугранична соработка на Европската Унија. Неговата вкупна вредност е 800.000 евра.

Кампањата „ЕУ за тебе“ има цел да ги подигне свеста и информираноста на јавноста за помошта на ЕУ во земјата.

Целокупната помош на Европската Унија во областа на животната средина изнесува повеќе од 80 милиони евра во рамките на програмата ИПА1 (2007-2013), додека понатамошна поддршка од 100 милиони евра се планира во рамки на ИПА2.


Жбогар и „ЕУ за тебе“ утре во посета на Валандово


Скопје, 15 март, 2017 - 12:32 (META) 

Шефот на делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, утре ќе го посети Валандово, во рамки на кампањата „ЕУ за тебе“, каде ќе се сретне со градоначалникот Николче Чурлиновски и ќе го посети проектот финансиран од ЕУ „Квалитетот на животот, услов за напредок и за одржлив развој во прекуграничниот регион“.

Амбасадорот, исто така, ќе го посети Центарот за социјална работа во Валандово што ќе биде реновиран со средства од Европската Унија.

Проектот е финансиран од програмата за прекугранична соработка на Европската Унија. Неговата вкупна вредност е 800.000 евра.

Кампањата „ЕУ за тебе“ има цел да ги подигне свеста и информираноста на јавноста за помошта на ЕУ во земјата.

Целокупната помош на Европската Унија во областа на животната средина изнесува повеќе од 80 милиони евра во рамките на програмата ИПА1 (2007-2013), додека понатамошна поддршка од 100 милиони евра се планираат во рамки на ИПА2.