!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

МЕПСО ќе ги подобрува своите капацитети со околу 50 милиони евра


Скопје, 29 септември, 2017 - 15:43 (META) 

Договор вреден 4,6 милиони евра меѓу МЕПСО и конзорциумот „Сименс и Сискон“, за ревитализација на трансформаторската станица „Дуброво“, беше потпишан денеска во Владата на Република Македонија, соопшти владината служба за информирање. Со тоа, се нагласува во соопштението, почнува среднорочен инвестициски циклус на МЕПСО во своите капацитети.

Сашо Василевски, генералниот директор на МЕПСО, истакна дека почнува среднорочен инвестициски циклус со проекти за ревитализација на повеќе трансформаторски станици и изградба на седум нови далекуводи во земјава вредни повеќе од 50 милиони евра.

Вредноста на договорот е 4,6 милиони евра, а се финансира од сопствени средства на МЕПСО. Ревитализацијата на ТС „Дуброво“ ќе трае три години.


Сугарески најави изградба на водоводни и канализациски мрежи во 20 општини


Скопје, 25 септември, 2017 - 12:44 (META) 

Инвестиции од 20 милиони евра за нови водоводни и канализациски мрежи во 20 општини најави денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески. Рече дека акцентот ќе се стави на руралните општини, а целта е од сегашните 18 отсто, покриеноста со такви мрежи да се искачи на 40 отсто.

– Со оваа нова инвестиција на Министерството за транспорт и врски, онака како што ветивме, почнуваме со реализација на проектот за унапредување на водоводната и на канализациската мрежа. Особен акцент ставаме на руралните општини каде процентот на покриеност со водоводна и со канализациска мрежа е 18 отсто. Наша цел е за 4 години овој процент да се зголеми на 40 отсто, што е во функција на обезбедување рамномерен регионален развој и баланс меѓу урбаните центри и руралните средини – рече Сугарески.

Тој напомена дека проектите од овој нов инвестициски циклус на Министерството за транспорт и врски ќе се реализираат во соработка со Европската инвестициска банка, КФВ банката и со Секретаријатот за економски прашања од Швајцарија.

Првите проекти што ќе почнат наскоро, се 18  на број, а за нив се планирани вкупно 7,4 милиони евра. Ќе се гради цевковод за подобрување на водоснабдувањето во Гостивар, ќе се инсталираат нови водомери со далечинско отчитување во општина Куманово, а во прилепско Големо Коњари ќе се гради дел од канализациска мрежа. Планирана е и изградба на секундарна мрежа на фекална канализација за населените места Короишта, Ливада и Ложани во општина Струга, во вредност од 456.000 евра. Исто така, ќе се реконструира водоводна мрежа на населба Превалец до село Оризари во оштина Велес, во Липково ќе се гради пречистителна станица за вода за пиење, а во Крива Паланка ќе се реконструира дел од водоводната мрежа. Во Долнени предвидено е да се гради дел од фекална канализација со пречистителна станица за село Ропотово, а предвидени се и проекти во Неготино, Битола, Виница, Ресен, Студеничани, Старо Нагоричане и во Желино.

Со 8 милиони евра, од кои 5 милиони се грант, односно неповратни средства, ќе се подобрува водоснабдувањето во општините Кавадарци, Радовиш и Гевгелија, а со неповратни 4 милиони евра од Секретаријатот за економски прашања од Швајцарија ќе се подобрува водоснабдувањето во општина Гостивар.


Сугарески: ЕУ додели грант од 35,4 милиони евра за изградба на патот Градско – Дреново


Скопје, 23 август, 2017 - 14:55 (META) 

Министерството за транспорт и врски во име на Владата потпиша нов билатерален договор со Европската Унија за ко-финансирање на проектот за „Изградба на експресниот пат на делницата Дреново – Градско, како дел од крак 10-Д на патниот Коридор 10“, информираше денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тој додаде дека овој нов договор со ЕУ е од исклучително значење за модернизирање на патната инфраструктура во Пелагонискиот регион.

– Европската Унија, подржувајќи ги напорите на новата Влада, донесе одлука да се вклучи во финансирањето на експресниот пат од Градско до Дреново со грант, а не заем, во износ од 35,4 милиони евра. Со договорот се предвидува градежните работи на оваа делница долга 15 километри да започнат до крајот на 2017 година и да се завршат во рок од две години. Делницата Градско – Дреново ќе се гради на ниво на експресен пат кој ќе ги задоволи сите сообраќајни и безбедносни стандарди – изјави Сугарески.

Тој додаде дека изградбата на патот Градско – Дреново е прва фаза. Втората фаза која предвидува изградба на делницата од Фаришка до Дреновска клисура е во тек, но се соочуваат со проблеми на кои секојдневно работат за да се надминат.

– За третата фаза од Тројаци до Плетвар, вклучително и влезот во Прилеп, сме во напредни преговори повторно со Европската Унија за да обезбедиме дополнителни средства. Очекуваме некаде крајот на 2019, почетокот на 2020 година да имаме комплетно нов експресен пат од Градско до Прилеп – додаде Сугарески.

Министерот за транспорт и врски информираше дека во рамките на Секторската оперативна програма за транспорт 2014-2020, од страна на Европската Унија, одвоени се вкупно 108,9 милиони евра за проекти за подобрување на патната и железничката инфраструктура долж мрежата на европски транспортни коридори кои поминуваат низ територијата на Македонија.

Од овие 108,9 милиони евра планирано е, 60 милиони евра да бидат искористени и за изградба на пругата кон Бугарија конкретно делницата Крива Паланка – Деве Баир. Дел од овие средства ќе се искористат и за изградба на последната фаза од експресниот пат до Прилеп.


Анѓушев: Добивме 70 милиони евра грант од ЕУ за пругата кон Бугарија


Скопје, 13 јули, 2017 - 14:15 (META) 

Од вкупно 194 милиони евра грант наменет за развој на инфраструктурата во Западен Балкан, Македонија на самитот во Трст добила 70 милиони евра за доизградба на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, информираше денеска вицепремирот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, кој додаде дека оваа неповратна помош, доволна за да се покрие 46 отсто од вкупната сума што е потребна за изградба на втората делница од пругата кон Бугарија.

– Препознаен е реформскиот дух на Владата практично да ги имплементира сите процедури и потребни чекори за побрзо и полесно пристапување кон Европската Унија и до нејзините фондови – изјави Анѓушев.

Одговарајќи на новинарско прашање, Анѓушев кажа дека пругата ќе биде градена во континуитет и дека третата делница ќе се гради откако ќе биде завршена втората.

Тој, исто така, нагласи и дека биле направени контакти со Светска банка, која била незадоволна што последните две-три години воопшто не биле склучени нови договори за изградба на инфраструктура во Македонија, а и тие чија реализација почнала не е на потребното ниво.

Средствата што ги нуди Светска банка најчесто се за автопатска мрежа, а било разговарано и за буџетска поддршка која, како што рече Анѓушев, конечно ќе заврши кај македонските компании.


„ЕУ за тебе“ утре во Желино и во Брвеница


Желино, 5 јули, 2017 - 10:52 (META) 

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, утре ќе биде во општините Желино и Брвеница, во рамки на кампањата „ЕУ за тебе“.

Тој ќе се сретне со градоначалниците на Желино, Фатмир Измир, и на Брвеница, Енвер Пајазити, и ќе направи увид во некои проекти во овие општини што се финансирани од Проектот на ЕУ за инвестиции во рурални општини.

Со 260.000 евра што ЕУ ги подарува во рамките на овој проект, треба да се обезбеди пивка вода за селата Палатица, Требош, Узурмиште, Желино, Добарце, Чифлик, Ларце, Копачин Дол, Рогле, Ново Село, Групчин, Долна Лешница и Церово, сите во општина Желино, а 40.000 евра од планираните пари ќе ги обезбеди Општината.

Во Брвеница, со 260.000 евра што ЕУ ги подарува, треба да се реконструираат локалните патишта меѓу селата Милетино и Челопек, како и да се изгради ново училиште за 168 ученици во селото Гургурница. Другите 420.000 евра Општина Брвеница ќе ги обезбеди со заеми од Проектот на ЕУ за инвестиции во рурални општини.


Со европски пари, Општина Охрид ќе реализира два проекти


Охрид, 20 април, 2017 - 10:58 (META) 

Општина Охрид доби два гранта од Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција, во вкупна вредност од 780.000 евра.

Првиот грант во висина од 180.000 евра европски пари го доби за проектот „Меѓугранична соработка и интегрирани здравствени и социјални услуги за стари лица и за деца и нивна превенција“. Грантот е од програмата ИПА2 на ЕУ за спроведување активности во чиј фокус се старите лица, децата и социјално ранливите категории.

Целта на овој грант е преку истражување во руралните области, програма за социјална и здравствена превенција, мобилни социјални и здравствени услуги, да се зголеми бројот на луѓето што ќе ги користат социјалните и здравствени услуги со фокус на старите лица, децата и на социјално ранливите категории.

Вториот, од 600.000 евра, ќе се реализира преку ЈП „Охридски комуналец“, за проектот „Одржливо управување и третман на био-отпад со користење методи за производство на био-гориво“.

Обезбедувањето на законски и на финансиски услови за одржливо управување со отпадот и за негов третман ќе доведе до успешен економски развој на јавното претпријатие и до намалување на дивите депонии во Охридскиот Регион.

Ваквите активности значат и заштеда на енергија, бидејќи конвертирањето на био-отпадот во био-гориво ќе генерира одреден процент од вкупното количество енергија што се користи.


Европски грант за дигитализација на културното наследство во Охрид


Охрид, 16 март, 2017 - 15:47 (META) 

Охрид е еден од четирите града на Балканот под патронат на УНЕСКО, кој доби нов европски грант од првиот повик на програмата на Европската Унија, „Интеррег Балкан – Медитеран“ 2014-2020 (Interreg Balkan- Mediterranean), во висина од 169.000 евра за европскиот партнерски проект „Е-систем за управување со интер-регионалното културно наследство“ (Inter Regional Cultural Heritage Management e-System – IRC- HERMES).

Со овој проект ќе се изврши дигитализација на културното наследство. Покрај документирањето и дигитализацијата, овој проект ќе опфати и заштита и промоција на културното наследство.

Покрај Охрид, средства добија и Крф и Самос од Грција, како и Ѓирокастро од Албанија.

За проектот аплицираше и ќе го реализира секторот за туризам и локален економски развој, при Општина Охрид.


Кржалоски: СДСМ го сопира рестартирањето на компаниите – жртви на транзицијата


Скопје, 21 февруари, 2017 - 16:30 (META) 

„СДСМ со своето неодговорно однесување ги опструира многуте проекти што се во интерес на граѓаните. Еден од проектите кој требаше да почне во 2017 година е проектот за рестартирање на стопанските кацитети – жртви на транзицијата“, изјави на прес-конференција Лука Кржалоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека со овој проект требало да се реши статусот на повеќе од 320 компании чии имоти пропаднаа во транзицијата создадена и спроведена од СДСМ.

– За креирање на секое работно место, предвидена е државна помош од 2.000 евра, а за ангажирање на стечајни работници 4.000 евра под услов да се задржат на работа минимум пет години. Дополнително пакетот мерки, предвидува и готовински грант во изност од 10 проценти од инвестираната вредност за адаптација, реконструкција и за набавка на опрема. Исто така, се предвидува ослободување на плаќање данок на добивка во рок од две години, а персонален данок и социјални придонеси во рок од три години доколу вработените лица ги задржи најмалку уште три години – изјави Кржалоски.

Тој додаде дека „со овој проект ќе се овозможи да се исправи една социјална и историска неправда што повеќе од 200.000 работници ја доживееја во време на владеењето на СДСМ“.


УСАИД доделува 3 милиони долари за унапредување на медиумите во Македонија


Скопје, 23 март, 2016 - 15:41 (META) 

Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) објави повик, односно конкурс, за доделување грантови за медиуми од Македонија.

УСАИД ќе додели повеќе грантови во вредност од најмногу еден милион долари, со вкупно расположливи средства за финансирање од три милиони долари, за проекти во времетраење од 12 до 36 месеци.

Повикот за доделување средства е компетитивен, а апликации може да поднесат локални, македонски приватни непрофитни организации (или профитни доколку се подготвени да се откажат од профитот), вклучувајќи приватни доброволни организации, универзитети, истражувачки организации, професионални здруженија и здруженија со посебен интерес.

Конкурсот е отворен до 16 мај.

Според образложението во повикот, сите главни индекси за слободата на медиумите покажуваат сериозен пад во македонската медиумска средина, како и дека Македонија е со најлоши резултати во Југоисточна Европа и се приближува на статусот на помалку развиени, авторитарни држави. Рангирањето на „Фридом хаус“ за слободата на печатот во 2015 година ја сместува Македонија во категоријата делумно слободни земји. Според „Репортери без граници“, Македонија во 2015 година беше на 117. место од 180 земји според индексот на слободата.

„И покрај големиот број на медиуми и изобилството од медиумски производи, граѓаните имаат ограничени можности да бидат добро информирани за клучните прашања од јавен интерес“, се вели во документот, каде е нагласено дека „главната цел на програмата е да се зголеми плурализмот и транспарентност во медиумската средина“.

„Програмата ќе се фокусира на зголемување на пристапот до информации преку производство на содржина која овозможува широка распространетост на знаење и на објективно презентирани информации во земјата“, се вели во повикот.

Предлог-апликациите може да вклучуваат активности како што се: креирање вести на телевизија кои ќе презентираат фер и балансирано известување за најчестите прашања во Македонија, вклучувајќи вести за политика, начин на живот, бизнис, здравство, наука и поп-култура; креативни програми за вести со помош на уникатен новинарски стил; продукција на документарни телевизиски серии за важни прашања и воспоставување на ТВ-емисии за презентирање приказни со кои ќе се создаде интерес и дискусија преку користење на сатира, помеѓу другите можни пристапи.


Македонија ќе добие јапонски грант за справување со мигрантската криза


Скопје, 8 март, 2016 - 12:18 (META) 

Јапонија ќе ѝ даде грант на Македонија во вредност од 302.020 евра, а ќе се финансират пет проекти за помош во справувањето со мигрантската криза и за санирање на штетите од минатогодишните поплави.

Предвидени се и 65.714 евра помош во управувањето со отпадот во Табановце, каде што е сместен транзитниот камп за бегалци кои ја минуват границата кон Србија.

Грантот од 302.020 евра е одобрен преку програмата „Грант помош за поддршка на мали проекти“, основана од Владата на Јапонија.

Со оваа програма на владата на Јапонија, од 1996 година досега се спроведени повеќе од 100 проекти во вредност од шест милиони евра.