!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Бочварски: Урбанистичките планови се правеа за бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 18 февруари, 2017 - 13:53 (META) 

СДСМ има подготвено закон за заштита на зеленилото и за зголемување на процентот на зеленилото во градовите и по формирањето на новото парламентарно мнозинство ќе го пуштиме во собраниска процедура, изјави денеска Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ.

Бочварски соопшти дека Законот ќе предвидува површините планирани во Генерален урбанистички план и во Детален урбанистички план, со намена зеленило, спорт и рекреација да не можат да се пренаменуваат во било што друго.

– Во Македонија досега се правеа урбанистички планови за бизнис интереси на криминалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, без да се води грижа за хуманото живеење. Исекоа многу паркови. Уништија многу зелени површини за непотребни градби, што немаат никаков придонес за развој на градовите. На тој начин е нарушена циркулацијата на воздухот. Тоа е и една од причините зошто Скопје е во првите три најзагадени градови во Европа, а на врвот по загадување на воздухот се и Тетово и Битола – вели Бочварски.


Општина Тетово има решено 320 предмети од вкупно 3.500 барања за легализација на дивоградби


Тетово, 19 декември, 2016 - 17:11 (META) 

Општина Тетово има решено 320 предмети од вкупно 3.500 барања за легализација на дивоградби. За голем дел од поднесените барања не е доставен геодетски елаборат.

Последниот рок за поднесување барање за легализација на бесправни објекти заврши во март 2016 година, а физичките и правните субјекти кои во согласност со овој рок доставиле барање, треба до крајот на 2017 година да поднесат и геодетски елаборат за објектите.

На 31 декември оваа година е крајниот рок за доставување геодетски елаборат за дивоградбите, чиј рок за поднесување барање за легализација заврши во 2011 година.

Од Агенцијата за катастар велат дека се разгледува можноста да се продолжи рокот за поднесување геодетски елаборати за бесправно изградени објекти. За таа цел владата на Македонија има формирано меѓуресорска работна група.

– Таа работна група ќе работи да се овозможи продолжување на рокот за поднесување на геодетските елаборати. Сè уште се работи на тоа колкв рок би требало да биде даден, за да бидат сите страни задоволени. Од една страна, да немаме бесконечни рокови за поднесување геодетски елаборати, а, од друга страна, субјектите кои поднеле барања за легализација да имаат време да поднесат и геодетски елаборат, затоа што реално немале доволно време да изработат елаборати и нема доволно фирми во Македонија кои изработуваат елаборати – изјави директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески.

Претходно, неколкупати беше продолжуван рокот за легализација на дивоградбите.

Ваквите чести менувања на законите, според познавачите, им даваат храброст на инвеститорите бесправно да градат, како што е случајот во Тетово, каде во последниве неколку години се изградени голем број дивоградби, најчесто на државно земјиште.


Има место за страв – не знаеме како се градело последните 20 години


Скопје, 13 септември, 2016 - 17:33 (META) 

Проф. д-р Михаил Гаревски за „ТВ Нова“ даде изјава во врска со стабилноста на објектите во Скопје и околу чувството на загрозеност кај граѓаните, која ја оценуваме како недоследна, пишува „Вистиномер“.

„Нема место за паника и од друг аспект, бидејќи – секогаш кога зборувам, зборувам за зградите кои што се градени после земјотресот (од 1963), а не пред земјотресот, пред земјотресот иако се дел од нив санирани се поповредливи – Значи, сите овие други згради кои што се проектирани по сеизмички прописи, сите тие згради многу лесно ќе го понесат Скопскиот земјотрес (се мисли на магнитуда од 6,1, како во 1963 г.), повторно зборам од аспект на носивата, главната конструкција…“

Изјавата на директорот на Институтот за сеизмологија и земјотресно инженерство, проф. д-р Михаил Гаревски, е можеби вистинита ако се однесува на зградите проектирани по сеизмички прописи, но токму поради тоа е и недоследна, од едноставна причина што не е познат фактот колку од изградените објекти во Скопје по земјотресот од 1963 година се проектирани и изградени според вакви стандарди. Оттука, недоследно е да се говори дека сè е во ред ако на јавноста не ѝ е познат тој факт.

Впрочем, самиот Гаревски неколкупати во свои изјави во јавноста во последните години ја прави таа фина дистинкција за периодот од крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години на минатиот век, па сè до пред две години, кога со измена во Законот за градење се внесе строга обврска за почитување и за спроведување на проверката на асезимичноста на објектите.

(Целиот текст од „Вистиномер“ можете да го прочитате и да го преземете ТУКА)


Во јули издадени 256 одобренија за градење


Скопје, 9 септември, 2016 - 14:14 (META) 

Во јули се издадени 256 одобренија за градење, што е за 28,7 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3.462.458.000 денари, што е за 37,9 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.

Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 181 (70,7 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 24 (9,4 проценти) за објекти од нискоградба и 51 (19,9 проценти) за објекти за реконструкција.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 711 станови со вкупна корисна површина од 58.253 квадратни метри.


Во март издадени 196 одобренија за градба


Скопје, 12 мај, 2016 - 14:48 (META) 

Во март се издадени 196 одобренија за градење, што е за 17,6 отсто помалку во однос на истиот месец од претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 2.925.448.000 денари, што е за 23,8 отсто помалку во однос на истиот месец од претходната година.

Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 116 (59,2 отсто) се наменети за објекти од високоградба, 32 (16,3 отсто) за објекти од нискоградба и 48 (24,5 отсто) за објекти за реконструкција.

Од вкупно 196 објекти, на 120 (61,2 отсто) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 76 објект (38,8 отсто) инвеститори се деловни субјекти.

Во истиот период е предвидена изградба на 527 станови, со вкупна корисна површина од 42.545 квадратни метри.


Граѓаните не се откажуваат од градење на диво


Штип, 22 февруари, 2016 - 17:40 (META) 

Законот со кој се легализираа дивоградбите, по сè изгледа не го реши проблемот со дивоградењето во Штип и во Кочани. И додека сè уште тече постапката за легализирање за речиси половина од дивоградбите во Штип, градежната инспекција на терен регистрирала повеќе од десетина нови случаи на градење без дозвола.

Сепак, Кочани регистрира неславни рекорди и изминатата година се евидентирани 34 дивоизградени објекти, од кои за 14 градежната инспекција веќе покренала постапки.

Од двете општини апелираат дека нема да се толерира градење на диво, без разлика дали станува збор за сосема нова градба, доградба или надградба. Според законот, трошоците за уривањето се на товар на сопственикот, кој ако заврши на суд, може да добие казна и до 4.500 евра.

Со легализацијата на дивограбите по популарна цена од едно евро за квадратен метар, општините се соочија со уште еден голем трошок за своите буџети, а тоа е комунално-урбанистичкото уредување на цели населби со дивограби, што чини многу повеќе од собраните средства.


Старите автентични градби во Гостивар ќе бидат заштитени


Гостивар, 15 февруари, 2016 - 14:26 (META) 

Старите автентични градби во центарот на Гостивар ќе бидат заштитени. Од Конзерваторскиот центар од Гостивар велат дека моментално се работи на елаборат за заштитно-конзерваторски работи, во кој ќе бидат категоризирани сите објекти со културно-историска вредност, лоцирани во централното градско јадро.

Објектите ќе добијат статус на заштитени објекти и на споменци на културата. Тие ќе влезат во генералниот урбанистички план на Гостивар и во иднина нема да може да им се менува ликот.

– Валоризацијата на овие културно-историски објекти е направена минатата година. Таа покажа дека центарот на Гостивар изобилува со објекти кои имаат културна и историска вредност. Сега го работиме елаборатот за заштитно-конзерваторски работи, по што ќе се знае точната бројка на автентични стари градби на територијата на Гостивар – изјави Аднан Фејзулаи, директор на Конзерваторски центар во Гостивар.

Од Конзерваторскиот центар додаваат дека сопствениците на градбите што ќе бидат заштитени ќе добиваат постојана поддршка и експертска помош за одржување и за зачувување на уникатноста на објектите.