Манчевски: Централниот електронски регистар на население и порталот е-услуги се при крај


Скопје, 26 октомври, 2018 - 11:47 (META) 

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, зборуваше на првата конференција за е-трговија што денеска се одржува во Скопје, осврнувајќи се на важноста од обезбедувањето на е-услуги, како основа за дигитализација на Македонија.

– Во тек се завршните активности за лансирање на нов национален портал е-услуги, како и централен електронски регистар на население. Порталот ќе обезбеди побрзи и поедноставни услуги и ќе биде единствена точка на контакт на државата со граѓаните и бизнисите. Она што е особено важно да се знае е дека обезбедивме законска можност за пристап и на приватните компании до електронскиот регистар на население. Во Македонија нема повеќе да постојат различни бази на податоци, туку една и единствена база за сите граѓани, која ќе биде основата на нивниот електронски идентитет. Очекувам дека новиот портал и регистарот, значително ќе влијаат на свеста, но и на довербата на граѓаните за добивање на услиги, но и за трговија по електронски пат – рече Манчевски.

Тој додаде дека граѓаните мора да имаат доверба дека нивните податоци ќе бидат безбедни и затоа Владата и МИОА имаат обврска да обезбедат сигурен интернет простор.

– Во тој контекст посветено работевме на Стратегијата за сајбер безбедност, а веќе сме во завршна фаза на финализирање на Акцискиот план за сајбер безбедност. Се наоѓаме во завршна на изработка на Националниот план за широкопојасен интернет. Го завршивме мапирањето на државните електронските комуникациски мрежи, при што точно ги определивме т.н. „белите” зони, односно зоните каде нема инфраструктура – додаде Манчевски.

Конференцијата е организирана од страна на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.


На првата Конференција за е-трговија кај нас, ќе учествуваат 30 говорници од девет држави


Скопје, 16 октомври, 2018 - 11:08 (META) 

Првата Конференција за е-трговија кај нас, ќе се одржи на 26 октомври во хотел „Мериот“, а ќе учествуваат триесетина говорници од девет држави. Покрај локалните учесници и експерти за е-трговија, ќе има говорници и од САД, Велика Британија, Чешка, Словенија, Бугарија, Србија, Полска и Белгија.

Во рамките на конференцијата ќе се зборува за сегашната ситуација на пазарот, а ќе се дискутира и за можностите за ширење на достигот на локалните е-трговци во границите на ЕУ.

Конференцијата ќе заврши со презентации и дискусии на теми, како да се направи добар маркетинг, да се обезбеди квалитетна поддршка и корисничко искуство, како правилно да се искористат системите за плаќање и како без проблеми да се достави нарачаниот продукт.

На конференцијата ќе се обратат и гувернерката на Народна Банка, Анита Ангеловска-Бежоска како и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.


Започнува со работа првата Асоцијација за е-трговија на Македонија


Скопје, 29 март, 2018 - 17:09 (META) 

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија денеска и официјално почна да работи, а во ЕУ-инфо центарот ги претстави мисијата, целите и годишната програма.

Гувернерот на Народна банка, Димитар Богов изјави дека формирањето на оваа Асоцијација е значајно бидејки може да одигра голема улога во унапредувањето на е-трговијата, а воедно да придонесе кон други позитивни аспекти за македонската економија.

„Народната банка се стреми за дигитализација на македонската економија, дигитализација на плаќањата и општеството во целина. Безготовинските плаќања кои се стимулираат со е-трговија се воедно начин за справување со сивата економија и овозможуваат лесна евиденција и следење“, изјави Богов и додаде дека е-трговијата може да го зголеми и извозот.

Министерот за информатичко општество и технологија, Дамјан Манчевски, рече дека ниското ниво на дигитална писменост е една од бариерите на која Владата треба да работи.

Тој ги претстави проектите поврзани со дигитализација како што се фокус кон широкопојасен интернет во белите зони, е-регистарот на население, унапредување на законот за електронска трговија и законот за потрошувачи.

Претседателката на првата Асоцијација за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска рече дека според податоците од Државниот завод за статистика и на Еуростат во 2017 година само 19,5 отсто од Македонците со пристап до интернет купиле/нарачале нешто онлајн во последните 12 месеци додека просекот во ЕУ, изнесува 68 отсто.

– Од компаративната анализа може да заклучиме дека Македонците најмногу сакаат да го користат интернетот за социјални мрежи, телефонирање и играње игри, додека се далеку под просекот во користење на интернет за праќање и примање емаил пораки, продавање производи и услуги, барање информации за производи и услуги, користење интернет банкарство и слично – рече Ангеловска.

Според НБРМ, од вкупниот промет направен со платежни картички лани, само 3 отсто отпаѓа на вредност во е-трговија и дури 67 отсто на подигнување и депонирање готовина од банкомати.

– Вкупната остварена вредност во оналјн реализирани трансакции изнесува 105 милиони евра во 2017 година, од кои 71 отсто се кон странски е-трговци. Според податоците на НБРМ во земјава има вкупно регистрирани 789 виртуелни продажни места кои работат за процесирање на трансакциите со една од 5те банки кои ја нудат оваа услуга. Според нашата анализа моментално се активни 578 веб страни на е-трговци. Во оваа вредност треба да имаме предвид дека се земени и плаќањата сметки преку е-commerce каналите за телефон, вода, струја, владини услуги и друго – додаде Ангеловска.