Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) воведува „Беџ за верификуван е-трговец”, кој ќе овозможи јасна дистинкција на онлајн продавниците кои се регистрирани субјекти и кои ги исполнуваат основните правила и законски прописи, од останатите онлајн продавници кои не се целосно усогласени или пак воопшто не се регистрирани и се дел од сивата економија.

„Беџот ќе биде визуелна ознака која ќе биде поставена на веб страниците на домашните е-продавници, која ќе им помогне на купувачите полесно да проценат дека станува збор за регистриран правен субјект. Тој нема да ги опфаќа сите е-трговци во земјава и ќе биде поставен само кај оние кои самостојно ќе аплицираат за ваков беџ, а во исто време ги поминале соодветните проверки од АЕТМ за неопходни регулативи и обврски во е-трговијата“, дополнуваат од Асоцијацијата.

Оваа верификација е дел од иницијативата „Е-трговија за сите“, која е поддржана од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и има за цел да ги доближи до граѓаните онлајн продавниците кои ги исполнуваат неопходните регулативи за работење во е-трговијата и да ги мотивира постоечките е-трговци да ги имплементираат сите правила и прописи во своето работење.

Главна причина за започнување со оваа активност, според Асоцијацијата за е-трговија, е потребата за зголемување на довербата во онлајн продавниците од една страна, но и потребата за зголемување на свеста кај купувачите и правење разлика меѓу регистрираните е-трговци и нерегистрирани субјекти кои учествуваат во онлајн продажбата (како дел од сивата економија) и претставуваат нелојална конкуренција за регистрираните е-продавници.

Во време кога е-трговијата зема сѐ поголем замав во ковид кризата, а луѓето сѐ повеќе се охрабруваат да купуваат онлајн, потребно е купувачите да се свесни од каде купуваат или прават нарачки, како на пример, преку социјалните медиуми, со цел да се заштитат од било какви идни потешкотии, согласно Законот за заштита на потрошувачи.

Условите кои еден е-трговец треба да ги исполнува се: да има објавено седиште и адреса, контакт податоци (е-маил адреса), даночен број – ако е-трговецот е ДДВ обврзник, да има политика за враќање на производите, за заштита на лични податоци, да поседува ССЛ сертификат и да ги има јасно и транспарентно објавени цените на производите и услугите, информираат од АЕТМ.