Photo by rupixen.com on Unsplash

Плаќањата со платежни картички од страна на граѓаните во трговијата во земјата, во четвртиот квартал од 2020 година, забележаа значителен годишен раст кај вредноста и бројот на остварените трансакции од 34 отсто и 29 отсто, соодветно, информираат од Народната банка на РСМ.

„Високиот годишен раст на бројот на плаќањата на граѓаните во трговијата е пред сè резултат на исклучителниот пораст на бројот на плаќањата со платежни картички на местата на продажба на интернет, којшто во последниот квартал од 2020 година изнесуваше 153 отсто и притоа беше двојно повисок од годишниот раст во истиот квартал од 2019 година (71 отсто). Во однос на користењето на платежните картички на физичките места на продажба од страна на граѓаните, во последниот квартал од 2020 година беше остварен годишен раст од 22 отсто, што укажува на стабилна и непроменета состојба во растот па плаќањата со платежните картички на физичките места на продажба, во споредба со годишниот раст остварен во последниот квартал од 2019 година“, се наведува во соопштението на НБРСМ.

Од друга страна, негативното влијание на пандемијата е изразено кај плаќањата на граѓаните со користење на инструментот кредитни трансфери, кои забележаа годишен пад од 3 отсто кај вредноста на трансакциите, односно умерен годишен раст од 1,8 отсто кај бројот на трансакциите.

Од почнувањето на ковид-кризата па наваму, во услови на потреба од заштита на јавното здравје, изолација и социјална дистанца, граѓаните сè почесто ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронските кредитни трансфери иницирани од страна на граѓаните во последниот квартал од 2020 година, се зголемил за значителни 39,5 отсто на годишна основа, што е три пати повеќе во споредба со годишниот раст во истиот квартал во 2019 година (11,8 отсто). За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле мобилните апликации, што укажува на натамошно менување на платежните навики во прилог на користењето на дигиталните канали за плаќање.

Како и во изминатиот период во услови на пандемија, продолжува трендот на пораст на бројот на плаќања извршени со мобилен телефон, а во последниот квартал од 2020 година достигнува 105 отсто. Остварениот раст кај плаќањата извршени на ваков начин е исто така многу повисок од годишниот раст во четвртиот квартал од 2019 година, кој изнесуваше 42,6 отсто. Покрај тоа, во четвртиот квартал од 2020 година, иако послабо во однос на употребата на мобилните апликации, продолжува и растот на употребата на компјутерите за извршување плаќањата од граѓаните. Поконкретно, кај овие плаќања во четвртиот квартал од 2020 година се забележува висок годишен раст од 18,3 отсто, повисок за четири пати од годишниот раст во четвртиот квартал од 2019 година, кој изнесуваше 4,7 отсто.

Од друга страна, условите што ги наметна пандемијата на ковид-19 придонесоа за менување на навиките на граѓаните и во однос на иницирањето кредитни трансфери на хартија. Кредитните трансфери иницирани на овој начин забележа годишен пад од 14 отсто во четвртиот квартал од 2020, наспроти годишниот раст во истиот квартал во 2019 година, од 12,3 отсто.

Менувањето на навиките на граѓаните, во услови на ограничено движење заради пандемијата, придонесе за висок годишен раст на нивните плаќања со платежни картички преку интернет, од 145 отсто, како и на кредитните трансфери иницирани по електронски пат од 31 отсто, во текот на целата 2020 година, велат од НБРСМ.