Ќе се востанови регионална платформа за поддршка на бизнисите во е-трговија во Западен Балкан

Фото: Е-комерц.мк

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија во соработка со ГИЗ ќе ја развива и шири регионално платформата Еcommerce4all.mk, која претставува центар со информации и ресурси за водење на бизнис со е-трговија за сите постојни и нови е-трговци во Северна Македонија.

На тој начин, верификуваните е-трговци од Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и Молдавија ќе бидат вклучени во платформата која беше создадена за развој на деловниот екосистем како дел од проектот „Е-трговија за сите“.

„Платформата ќе претставува практично центар со ресурси и информации за клучните аспекти во е-трговија за сите земји (генерални информации за состојбата со е-трговијата, регулативата, доставата и е-плаќањата). Истата ќе може да им служи на сите компании локално за водење бизнис со е-трговија во нивната земја, но уште поважно ќе може да им служи при нивните планови за ширење во другите ЦЕФТА земји“, вели Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

Според неа, овој проект носи голем потенцијал за придонесување кон развојот на прекуграничната е-трговија, а во рамките на проектот ќе може и да се зајакне соработката и со Асоцијациите за е-трговија во земјите каде се формирани како да се поттикне формирање на нови Асоцијации во ЦЕФТА каде што не постојат.

Преку имплементацијата на оваа регионална платформа, е-трговците од ЦЕФТА регионот, кои планираат да ги прошират своите бизниси со е-трговија надвор од границите на својата земја во претстојните години, ќе имаат на располагање унифицирана точка од каде ќе имаат можност ги обезбедат сите неопходни, релевантни и доверливи информации поврзани со е-трговијата во регионот.

Флориан Брутинг, раководител за проектот за е-трговија во Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit GIZ верува дека транспарентните и релевантни информации ќе имаат значаен придонес за понатамошен развој на е-трговијата во регионот, која е всушност новата движечка сила во регионалната трговија.

Проектот „Регионална платформа Е-трговија за сите“ ќе се имплементира во три фази кои ќе ги покриваат клучните аспекти на водење бизнис во е-трговија, како што се правната регулатива за е-трговија, плаќање и испорака. Тие ќе проследени со дополнителен модул од успешни приказни и ќе содржи релевантни информации специфични за земјата, упатства, прирачници, документи поврзани со темата и видеопрезентации.