Доверителите на „Агрокор“ го прифатија договорот со руските банки и спречија банкрот


Загреб, 5 јули, 2018 - 11:14 (META) 

Доверителите на хрватскиот холдинг „Агрокор“ го одoбрија договорот за надмирување на долговите, во што ќе се вклучат руските банки  „Сбербанк“ и “„ВТБ“, кои ќе преземат 46 отсто од акциите.

На овој начин, ќе се избегне банкрот на најголемата компанија на Западен Балкан во која има вработени 60.000 лица и учествува со 15 проценти во домашниот бруто-производ (БДП) на Хрватска.

Холдингот „Агрокор“ натрупа долг од осум милијарди евра, вклучувајќи ја и спорната сума што им ја должи на две руски државни банки.

Според договорот, добавувачите можат да очекуваат да добијат 60 отсто од нивните побарувања, банките ќе добијат до 20 проценти, а сопствениците на обврзници може да очекуваат враќање од 40 до 80 проценти од нивната инвестиција.

Спроведувањето на договорот се очекува да трае меѓу три и четири месеци откако Трговскиот суд и официјално ќе го одобри. 


Државата има интерес случајот со „Фени“ да се реши во интерес на вработените, рече Заев


Скопје, 1 ноември, 2017 - 15:09 (META) 

Kако држава, немаме удел во „Фени“ и нашиот интерес се граѓаните, производството и работните места, изјави денеска премиерот Зоран Заев на самитот на „Македонија 2025“, одговарајќи на новинарски прашања за работата на „Фени“ по постапката за отворање стечајна постапка.

Како што посочи, претходниот сопственик на „Фени“ договорил купопродажба со бугарската фирма „Енекод“, но, нагласи, тоа веројатно не е доволно затоа што новиот сопственик мора и да ги сервисира и доспеаните долгови.

–  Оставаме на комитентите едни со други да се договорат. Ние сме овде да асистираме, апсолутно штитејќи ја „Фени“ – изјави Заев, додавајќи дека компанијата има перспективи со оглед дека цената на никелот се зголемува.

„Енекод“ треба да ги уплати парите до 13 ноември, врз основа на договорот со банките и со другите доставувачи.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, изјави дека е оптимист дека „Фени“ ќе се рестартира.

– Доверителите почнаа постапка за стечај, но тоа не значи запирање на работата на „Фени“ и нејзино затворање, туку напротив, од она што го имаме како сознание, ќе има брзо решение. Сите  обврски од околу 60 милиони евра на „Фени“, од кои 40 милиони евра кон банките и 20 милиони кон доставувачите, ќе бидат намирени, а компанијата ќе продолжи да работи во својот полн капацитет –  рече Анѓушев.

Тој додаде дека сè уште траат истрагите што во „Фени“ ги спроведуваат финансиската полиција и УЈП и дека тие наскоро ќе излезат со информација.


Наумов: Поддршка на домашните претпријатија и соработка со сериозни странски инвеститори


Пробиштип, 1 септември, 2016 - 16:26 (META) 

„Ќе обезбедиме стабилни работни места со поддршка на домашните претпријатија и во соработка со сериозни странски инвеститори, а не како искуствата што ги имате досега. Од вас слушнав дека само во последниве години, повеќе од 3.000 граѓани од овој крај си заминале од родното место, во потрага по работа, за да го обезбедат парчето леб за своите семејства“, изјави претседателот на комисијата за финансии на СДСМ, Кире Наумов, при посетата на Пробиштип.

Тој додаде дека еден од последните примери на несериозен однос на оваа власт е заминувањето на индискиот инвеститор кој остави повеќе од 1.000 рудари без работа.

– Индискиот инвеститор си замина од Македонија, ги остави рударите без 12 плати, остави и милионски долгови кон доверителите. На телевизија покажуваат дека влегол, наводно, нов инвеститор, но рудникот сè уште не почнал со работа. Велат дека почнале исплатите на плати, но од вас слушам друго. Плати нема. Беше ветено раздолжување на доверителите во март, не се случи. Доверителите се домашни фирми. И таму работат луѓе и поради сето ова и овие луѓе остануваат без работа – изјави Наумов.

Тој додаде дека СДСМ јавно ќе ги објави сите потпишани договори со постоечките и со евентуални идни странски инвеститори и рече дека партијата се обврзува да обезбеди нови работни места, пристојна работа и повисоки плати за сите граѓани, пред сè, за рударите.


„Индоминерали и метали“ на доверителите им должи 8,7 милиони евра


Штип, 12 февруари, 2016 - 18:53 (META) 

На првото рочиште во стечајната постапка за рудниците за олово и за цинк Добрево и Тораница, стечајната управничка Владица Иванова соопшти дека досега се пријавени 8,7 милиони евра долг.

Толку должи индиската компанија „Индоминерали и метали“, која управуваше со рудниците под концесија од државата. Освен неколку македонски компании, главни доверители се и повеќе од 1.000 рудари од двата рудника, чии претставници денеска побараа стечајната постапка да се одвива побрзо и тие да ги добијат заостанатите плати.

Синдикалците се пожалија дека рударите не можат да си ги платат режиските трошоци, а кај некои од нив дошле и извршители.

– Живееме во беда. Имаме околу 60 рудари на кои им е исклучена струјата. Не можат да платат за најосновните потреби – рече заменик-претседателот на синдикатот во Тораница, Марјан Лазаревски.

Неговиот колега од Злетово, Тодос Гацовски, кажа дека без пари работат десетината одржувачи на рудниците кои биле ангажирани од стечајниот управник.

– Немаат ниту пензиско, ниту здравствено осигурување. Помладите рудари успеаја да се снајдат по рудниците во регионот, во Косово и во Србија. Таму работат околу 200 наши рудари – изјави Гацовски.

На рочиштето закажано за 18 февруари, синдикатот побара да се прогласи стечај по пат на реорганизација, а не по пат на ликвидација, бидејќи според нивни сознанија, има заинтересирани инвеститори кои веднаш би ги отплатиле долговите кон доверителите.

Министерството за економија преку оглас бара нов концесионер. Рударите бараат што побргу да проработат рудниците и, како што велат, да почнат да земаат плата, за гола живејачка.


Поранешен директор на фирма и контролор осомничени за злоупотреба


Битола, 26 јуни, 2015 - 13:38 (META) 

Секторот за внатрешни работи Битола поднел кривична пријава против Љ.П. (57) од гостиварското село Ростуше, поранешен управител во „Маврово инженеринг – Скопје“, и против Г.Г. (51), контролор во надзорниот одбор на фирмата, поради сомневања за злоупотреба на службената положба и овластување и оштетување и повластување доверители.

Според полициските информации, првоосомничениот во 2011 година и покрај тоа што знаел дека жиро-сметката на фирмата е блокирана, не поднел предлог за поведување стечајна постапка, туку отуѓил дел од имотот, овозможувајќи им на дел од доверителите да користат пари и недвижен имот на фирмата преку цесии и компензации.

Второосомничената Г.Г., според полицијата, намерно не извршила надзор на работењето на фирмата и го одобрила работењето на поранешниот управител, бидејќи и таа била доверител во фирмата и со тоа се ставила во повластена положба.

Со тоа, осомничените ги оштетиле другите доверители во фирмата за сума од околу 9 милиони денари или околу 146.000 евра, а државата, врз основа на неплатени давачки, за околу 100 милиони денари, односно околу 1,6 милиони евра.