Ципрас лобира кај Пахор: Отсега нашиот сосед да го викате „Северна Македонија“


Atina, 4 декември, 2018 - 16:23 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас на денешната средба во претседателската палата во Атина со словенечкиот претседател Борут Пахор изразил задоволство што кај „северниот грчки сосед“  бргу напредува на планот на уставните измени.

Истовремено, Ципрас лобирал кај словенечкиот државник дека „земјата која сега ја нарекува според уставното име, односно како Македонија, во иднина ќе треба да ја викаат „Северна Македонија“.

Ципрас се пофалил дека на Балканот Грција преку иницијативи работи на подобрување на соработката, но најбитно „преку многу важниот договор потпишан со БЈРМ во 2018 година, известува грчкиот весник „Катимерини“.

– Тоа значи дека Вие, и Словенија, која е една од земјите што ги признаваат нашите соседи под нивното уставно име, односно „Македонија“, отсега ќе ја признавате и ќе ја нарекувате „Северна Македонија“, оти тоа е многу важно за грчкиот народ, бидејќи Македонија, освен што е голема географска област во Грција, регион на Грција, е исто така важен дел од древната грчка историја, а тоа се признава во овој договор, за кој се надевам дека е со изедначена согласност на двете страни – му рекол Ципрас на словенечкиот претседател.


Иванов побара паралелни преговори од ЕУ за Македонија


Скопје, 28 април, 2018 - 17:15 (META) 

Иднината на Западен Балкан е во европското семејство, но работа се уште има, а билатералните прашања мора да се решаваат пред влезот во Унијата, се дел од заклучоците од двочасовниот состанок на шефовите на држави и влади од Процесот Брдо- Бриони што се одржа во Скопје вчера.

Домаќинот на самитот, македонскиот претседател Ѓорге Иванов, побара паралелни преговори за спорот со името и за членство во Европската Унија.

– Повикувам Унијата да овозможи паралелно движење на преговорите зачленство и надминување на билатералнаата разлика меѓу  Македонија и Грција. По самата своја природа проширувањето е политичко, а не само техничко прашање. Ако ЕУ не ни ја обезбеди иднината  тогаш ние ќе се занимаваме  со минатото – рече македонскиот претседател.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск пак порача дека доаѓа со силна порака и цврста заложба за европската иднина на земјите од регионот. Македонија според него, покажала дека за една година успеала невозможното да го направи возможно во процесот на преговорите со името.

– Ќе го повторам тоа што го кажав за Кореја – невозможното станува возможно. Минатата година слушнав дека е невозможно да се реши ова прашање, меѓутоа блиску сте до успех. Можно е историјата на Балканот, која што личи на хорор филм кој никогаш не завршува,  сепак да има среќен крај – рече Туск.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов порача дека спорот за името со Грција би требало да се реши набргу.

-Се надевам дека Македонија и Грција ќе најдат начин да го решат проблемот со името и тоа мора да са случи многу набрзо, затоа што имаме историска можност и како што кажа мојот пријател  Доналд кој е историчар рече, во иднината за шеесет години од сега историчарите ќе го оценуваат овој момент – порача Борисов.


Словенците денеска избираат претседател, Борут Пахор фаворит


Љубљана, 22 октомври, 2017 - 10:35 (META) 

Повеќе од 3.000 избирачки места утрово во 7 часот се отворени во Словенија, а 1,7 милиони гласачи по шести пат од осамостојувањето на земјата ќе избираат претседател на државата.

За шеф на држвата се тркаат девет кандидати, меѓу кои пет се жени, најмногу досега. Сепак, најголеми шанси за победа на претседателските избори, според испитувањата на јавното мислење објавени изминатите денови, има актуелниот претседател на Словенија, Борут Пахор, кој се бори за својот втор петгодишен мандат.

Според последните анкети, Пахор би можел да добие повеќе од 50 отсто од гласовите, а најблизок конкурент му е Марјан Шарец, со 20 отсто од гласовите, пренесува ХРТ.

Избирачките места се затвораат во 19 часот, кога ќе бидат објавени проекциите на резултатите врз основа на анкетите за излезност.

Првичните резултати ќе бидат објавени денеска, доцна навечер, кога ќе биде познато дали ќе биде потребен втор круг од изборите, кој би се одржал за две недели.


Пахор со предлог да организира средба меѓу Трамп и Путин во Љубљана


Москва, 11 февруари, 2017 - 16:03 (META) 

Словенечкиот претседател Борут Пахор кој е во работна посета на Москва, посветена на зајакнување на економската соработка, предложил да организира средба меѓу претседателите на САД и на Русија, Доналд Трап и Владимир Путин во Љубљана, пренесува „ХРТ“.

Путин рекол дека нема ништо против предлогот, но дека реализацијата на една таква средба зависи од повеќе работи.

„Што се однесува до предлогот да се најдеме во Љубљана, која навистина е прекрасно место за разговори, реализацијата на средбата не зависи само од нас, туку од многу различни чинители. А кога тие ќе се совпаднат, навистина немам ништо против средбата да се одржи во Љубљана“, рекол рускиот претседател.


Пахор: Ќе напишеме извештај за забелешките и за препораките од посетата на Македонија


Скопје, 13 април, 2016 - 17:29 (META) 

Словенечката амбасада во земјава испрати нефицијален превод од изјавата на претседателот на Словенија, Борут Пахор, во врска со заедничката посета на Македонија со неговата хрватска колешка, Колинда Грабар-Китаровиќ.

Пахор, меѓу другото, вели дека за средбата со својот домаќин, претседателот Иванов, и со лидерите на политичките партии, ќе напишат извештај што ќе го испратат до сите лидери на процесот Брдо-Бриони, до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, до заменик-претседателот на САД, Џо Бајден, и до сите за кои сметаат дека нивните препораки и забелешки би ги земале како одредница за тоа какви чекори се потребни во иднина.

„Најпрво, да потсетам зошто сме со претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ, како ко-лидери на Брдо-Бриони процесот тука. Одлуката да ја посетиме Македонија беше донесена минатата година на конференцијата во Будва и повторена во втората половина на минатата година на конференцијата во Загреб. Нашата желба, желбата на лидерите на процесот Брдо-Бриони е Македонија да напредува на патот на евроатлантските интеграции, а факт е дека како домашните така и меѓународните околности, во овој момент тоа не ѝ го овозможуваат. Со претседателката по разговорите со лидерите на политичките партии синоќа, по разговорите со претседателот, ќе напишеме извештај што ќе го испратиме до сите лидери на процесот Брдо-Бриони, до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, до заменик-претседателот на САД, Џо Бајден, до тие за кои сметаме дека некои наши препораки, забелешки би ги земале како релевантна основа за размислување, за тоа какви чекори се потребни во иднина. Како што беше кажано, Македонија веќе долги години не напредува, не во смисла на европските интеграции, не во смисла на вклучувањето во НАТО, факт е дека причините за ова се домашните околности, како и споровите со земјите-членки на тие интеграции. Мое длабоко убедување е дека сето ова може, дека сите овие проблеми може да се решат во рамките на демократскиот процес и затоа изборите во Македонија се многу важни, решавачки и притоа потребно е чувството на национално единство во Македонија за прашањата кои бараат компромис со меѓународната заедница, со Европската унија или со НАТО. Македонија извршува многу, многу важна задача, тука е главниот бедем заедно со словенечките, хрватските и со други полициски сили од Европската Унија, за да се спречи нелегален пристап на мигрантите. Во оваа смисла, со претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ на претседателот му ја пренесовме нашата благодарност за напорите на македонските власти и желбата и понатаму да соработуваме, за да избегнеме да се повтори веќе видената тешка, напорна, комплицирана, комплексна балканска бегалска рута, како хуманитарно така и безбедносно, но мислам дека европската политика, сепак, почна да се однесува единствено, ефикасно и дека заедно полесно ќе ги решиме проблемите“, изјави Пахор.


Балканската рута ќе остане затворена за мигранти сè додека Брисел не реши поинаку


Гевгелија, 13 април, 2016 - 15:51 (META) 

Границите долж т.н. балканска рута ќе останат затворени сè додека крајните дестинации на мигрантите, односно земјите од Западна Европа, не одлучат поинаку, заклучиле претседателите на Македонија, Хрватска и на Словенија, Ѓорге Иванов, Колинда Грабар-Китаровиќ и Борут Пахор, кои денеска беа во посета на јужната граница, пишува „Радио Слободна Европа“ (РСЕ).

Тројцата претседатели го посетија привремениот прифатен камп за бегалци „Винојуг“ кај Гевгелија, во кој се сметсени 139 мигранти. Планираната обиколка на котата 59 на граничната линија со Грција беше откажана од безбедносни причини поради тензиите што избувнаа кај жичената ограда кога група мигранти од грчка страна почнаа да фрлаат камења кон полицијата, која повторно употреби солзавец.

– Се надеваме дека луѓето што се останати во кампот наскоро ќе заминат затоа што по последните инциденти имаме притисок од мигрантите кои сакаат повторно да се отвори коридорот. Меѓутоа, коридорот е во ваква состојба со одлука на Брисел и ние ќе ја почитуваме таа одлука сè додека е на сила, односно ќе остане затворен просторот низ кој досега минаа речиси милион мигранти – изјавил Иванов.

Тројцата претседатели рекле дека границите се затворени по одлука на Брисел и дека така и ќе остане.

– Ситуацијата на границата со Грција е тешка поради тоа што мигрантите од грчка територија и понатаму се обидуваат да поминат и да ја отворат балканската рута, но таа ќе биде затворена сè додека државите што се посочуваат како крајна дестинација на бегалците не се изјаснат дали ќе ги примат или не – рекла Грабар-Китаровиќ.

Похор и Грабар-Китаровиќ се сретнале и со словенечките и со хрватските полицајци кои им помагаат на македонските колеги во справувањето со мигрантите на јужната граница.


Блицкриг на Иванов: Аболиција, сликање, насмевки, тројна средба и гала-вечера


Скопје, 13 април, 2016 - 12:44 (META) 

Посетата на претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Колинда Грабар-Китаровиќ, случајно или не, поминаа во сенка поради одлуката на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, да ги помилува сите политичари против кои се водат правосудни постапки. Тој ја соопшти оваа одлука половина час пред тие да пристигнат во неговата вила.

Според „Дојче веле“, нивното присуство требало да биде искористено како заштитен тампон од првичните реакции и „удари“ од јавноста и од опозицијата, односно да бидат (зло)употребени како „алиби“ на Иванов дека е зафатен со високите гости, за да избегне дополнителни објаснувања.

Паралелно со нивната агенда на средби и на состаноци, на улиците во Скопје се одржуваа протести и демонстрации против одлуката на Иванов.

12 април:

  • 15.30 – Обраќање на претседателот Ѓорге Иванов, на кое соопшти дека ќе бидат аболирани од судски процеси сите политичари во Македонија;
  • 16.15 – Пристигнување на претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, во кабинетот на претседателот на Република Македонија „Вила Водно“;
  • 16.45 – Пристигнување на претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, во кабинетот на претседателот на Република Македонија „Вила Водно“;
  • 17.45 – Прес-конференција на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на која одлуката на Иванов ја нарече државен удар;
  • 18.00 – Протест во знак на поддршка пред Специјалното јавно обвинителство;
  • 18.00 – Во хотелот „Александар палас“ започнаа средбите на лидерите на ДПА, Мендух Тачи, на СДСМ, Зоран Заев, и на ДУИ, Али Ахмети, со претседателите на Словенија и на Хрватска, Пахор и Грабар-Китаровиќ. Беше најавена и нивна средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, но тој не се појави;
  • 18.45 – Протестот продолжи пред народната канцеларија на претседателот Иванов, демонстрантите фрлаа со јајца и го скршија стаклото;
  • 20.00 – Протестот продолжи пред седиштето владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, демонстрантите се обидоа да го пробијат полицискиот кордон;
  • 21.00 – Протестот продолжи пред Владата на Република Македонија, се приклучи лидерот на СДСМ, Зоран Заев;
  • 21.00 – Група граѓани се собираа на протест во близина на седиштето пред СДСМ, негодувајќи дека ќе бидат аболирани Зоран Заев и Зоран Верушевски;
  • 21.30 – Протестот повторно се враќа пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ;
  • 23.30 – Заврши протестот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ;
  • 00.30 – Заврши протестот во близина на седиштето на СДСМ.

Денеска:

  • 10.45 – Посета на претседателите, Иванов, Пахор и Грабар-Китаровиќ, на граничниот камен 59 на македонско-грчката граница;
  • 11.25 – Посета на тројцата претседатели на привремениот транзитен центар „Винојуг“ и средба со полицајците од Република Словенија и од Република Хрватска кои им помагаат на македонските безбедносни сили;
  • Претседателите бргу ја завршија посетата поради стотините бегалци кои се обидоа да ја пробијат оградата, во што беа спречени од македонската и од грчката полиција;
  • 18.00 – Закажан нов протест против одлуката на Иванов.

Иванов ги информирал Пахор и Грабар Китаровиќ за мотивите за денешната одлука


Скопје, 12 април, 2016 - 19:17 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ги прими претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Колинда Грабар Китаровиќ, со кои разговарал за актуелните случувања во регионот и во Европа, за мигрантската криза, како и за македонските европски и евроатлански интеграции и предизвиците со кои се соочува земјата на внатрешен план.

Иванов, како што се наведува во соопштението од неговиот кабинет, ги информирал за состојбата на македонско – грчката граница и за инцидентот од 10 април, и истакна дека македонските безбедносни сили постапиле брзо, професионално и соодветно на ситуацијата.

Претседателите Пахор и Китаровиќ го осудиле инцидентот и се согласиле дека мора да се спречат и да престанат обидите за илегална и насилна миграција. За таа цел, Иванов апелирал ЕУ да и помогне на Грција со цел да се затвори импровизираниот камп кај Идомени.

Иванов се заблагодарил за поддршката од Словенија и Хрватска и истакнал дека Македонија и натаму има потреба од логистичка и техничка помош за справување со кризата.

Од кабинетот соопштуваат дека на средбата биле разменети мислења и околу зголемените безбедносни ризици од мигрантската криза, при што тројцата претседатели се согласувале дека е потребна засилена соработката меѓу земјите долж Балканскиот коридор на безбедносен план, и размена на информации во борбата против насилниот екстремизам и радикализмот.

Претседателите исто така разговарале и за политичката криза во земјава и потребата за нејзино што поскоро надминување.

Иванов ги информирал соговорниците за денешната одлука, мотивите за истата и целите кои верува дека ќе ги постигне.

Посетата на претседателите на Хрватска и Словенија е во согласност со еден од заклучоците од Брдо Бриони Процесот, според кој е потребна што пoбрза реализација на македонските интеграции во ЕУ и НАТО, и надминување на внатрешните предизвици, кои во голема мера се генерираат и се предизвикани од предолгата статус – кво состојба во евроинтеграциите на Република Македонија.


Грабар-Китаровиќ, Пахор и Иванов утре во посета на кампот „Винојуг“


Скопје, 11 април, 2016 - 17:19 (META) 

Претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Колинда Грабар-Китаровиќ, кои утре доаѓаат во посета на Македонија, заедно со нивниот домаќин, Ѓорге Иванов, ќе го посетат привремениот прифатен центар за мигранти „Винојуг“ кај Гевгелија, потврдија за „Мета“ од кабинетот на македонскиот претседател.

Како што е најавено, Пахор и Грабар-Китаровиќ доаѓаат во дводневна посета на земјава, како лидери на процесот Брдо-Бриони, во кој учестуваат претседателите на земјите од Западен Балкан.

Покрај мигрантската криза, тема на разговор ќе бидат и актуелните политички случувања во земјава.

Двајцата претседатели, освен средба со Иванов и посета на прифатниот камп, утревечер, по 18 часот, ќе имаат одделни средби со претседателите на ДПА, СДСМ, ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ – Мендух Тачи, Зоран Заев, Али Ахмети и Никола Груевски, во хотелот „Александар палас“.


Пахор и Грабар-Китаровиќ утре во посета на Македонија


Скопје, 11 април, 2016 - 15:47 (META) 

Претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Колинда Грабар-Китаровиќ, утре доаѓаат во дводневна посета на Македонија, каде ќе имаат средби со претседателот на државата, Ѓорге Иванов, и со лидерите на четирите политички партии.

Пахор и Китаровиќ, како што јавува словенечката новинска агенција СТА, во земјава доаѓаат како лидери на процесот Брдо-Бриони, во кој учествуваат претседателите на земјите од Западен Балкан.

Покрај мигрантската криза, извесно е дека тема на разговор ќе бидат и актуелните политички случувања во земјава.

На официјалната интернет-страницата на хрватската претседателка е објавена целата агенда за посетата на Грабар-Китаровиќ и на нејзиниот словенечки колега Борут Пахор на Македонија.

Во 16.45 часот, таа и словенечкиот претседател ќе имаат средба со претседателот Иванов, во вилата Водно, а по 18 часот следуваат средби со претседателите на ДПА, СДСМ, ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, Мендух Тачи, Зоран Заев, Али Ахмети и Никола Груевски, во хотелот „Александар палас“.

Според хрватската новинска агенција ХИНА, Грабар-Китаровиќ ќе го посети и привремениот прифатен центар за мигранти „Винојуг“ кај Гевгелија.