!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Јордан Манасиевски, единствен од Македонија на Биеналето за современа уметност во Палермо


Охрид, 13 март, 2017 - 9:40 (META) 

Познатиот ликовен уметник Јордан Манасиевски, кој живее и создава во Охрид, беше единствениот македонскиот учесник на Биеналето за современа уметност, кое од 9 до 12 март се одржа во италијанскиот град во Палермо.

На Биеналето беа претставени 60 избрани дела од европски и од американски автори кои го одбележуваат современото сликарство во почетокот на 21 век, а го организираа познатите италијански куратори за современа уметност, Паоло Леви и Сандро Серадифалко.

Манасиевски  на Биеналето беше застапен со делото „Ти благодариме Мајко за твојот дар“, слика масло на платно изработена во 2017 година.

Критика го претстави сликарството на Јордан Манасиевски, како современик чии дела имаат висока естетска и креативна вредност со музејски критериум.

Во ексклузивната печатена монографија од Биеналето ќе бидат презентирани селектираните автори, меѓу кои и Манасиевски.

Јордан Манасиевски сè повеќе ја зацврстува својата позиција на големо уметничко име на светската ликовна мапа. Носител е на светски бројни признанија, како тоа од  „Кембриџ“, светскиот храм на знаењата и на постигнувањата, од каде му е доделен медалот „Личност на годината“ за 2013 година, единствен од областа на уметничката дејност .

Интернационалниот биографски центар од овој британски град, го забележа во книгата на најзначајни личности од светот.

Во последниве пет години, тој ги освои Париз, Токио, Њујорк и Фиренца и други светските уметнички метрополи и салони, од каде се врати со ласкави признанија и награди.

На парискиот „Есенски салон“ во 2009 година, со делото „Пред величествената порта“, беше официјален кандидат за главната награда на манифестацијата. За своето дело „Молитва за радоста“, Манасиевски ја доби специјалната награда на Јапонската асоцијација за современа уметност. Изложуваше во Токио, Њујорк и во Фиренца и на други места. Во 2009 година, Манасиевски ја доби и специјалната награда на Светската галерија за цртеж на „Остен“ во Скопје.

Владимир Величковски, професор по историја на уметноста, за  Манасиевски ќе забележи: „Во најновата серија слики, авторот ја отфрла стварноста како директен предизвик, во интерес на создавањето слики од имагинацијата“.


Македонски уметници се претставуваат на Венециското биенале


Венеција, 8 мај, 2015 - 13:54 (META) 

На Биеналето на уметноста во Венеција, македонскиот павилјон беше отворен во просториите на „Сале д’Арми“, во изложбениот простор „Арсенале“. На оваа престижна манифестација, Македонија е претставена со проектот „Ние сите сме сами во ова“, на ликовните уметници Христина Ивановска и Јане Чаловски.

– Биеналето  во  Венеција  е  од  големо  значење  за  промоција  на македонската култура и уметност, пред земјите-учеснички од целиот свет. Истовремено, тоа е можност да се укаже на разновидноста на уметничките позиции, репрезентативните потенцијали и значењето на работата на македонските автори, кои дејствуваат на нашата и на интернационалната уметничка сцена – истакна заменик-министерот за култура, Драган Недељковиќ.

Биеналето на уметноста во Венеција, на кое годинава учествуваат 53 земји од светот, годинава се одржува на тема „Сите иднини на светот“. Оваа најголема светска уметничка манифестација за јавноста е отворена од 9 мај до 22 ноември.


Македонскиот павилјон на Венециското биенале, ќе се отвори на 7 мај


Венеција, 6 мај, 2015 - 13:06 (META) 

Заменик-министерот за култура, Драган Недељковиќ, утре (7 мај) во просториите на „Сале д’Арми“ (Sale d’Armi), во престижниот изложбен простор „Арсенале“ во Венеција, ќе се обрати на свеченото отворање на Павилјонот на Македонија во рамките на 56. издание на Биеналето во Венеција.

Биеналето е една од најстарите и најпрестижни европски манифестации на уметнички инсталации, која за јавноста ќе биде отворена од 9 мај до 22 ноември.

Официјални претставници на Македонија се реномираните уметници Христина Иваноска и Јане Чаловски кои, со поддршка од Министерството за култура, ќе се претстават со проектот „Ние сите сме сами во ова“.

Македонија досега има остварено девет претставувања на Венециското биенале, почнувајќи од 1993 година со проектот на авторите Петре Николовски  и Глигор Стефанов.


Меѓународно биенале „Фотомедија“ во Чифте-амам


Скопје, 12 ноември, 2014 - 13:31 (META) 

Четиринаесеттото меѓународно биенале на фотографска уметност „Фотомедија“, ќе се отвори денеска во 20 часот во Чифте-амам. Изложбата на која ќе бидат преставени околу 150 фотографии од сите седум континети е во организација на фотоклубот „Елема“.
„Фотомедија е една од ретките изложби на која се испраќаат готови, испечатени фотографии, која е апсолутно непрофитна и се базира на огромен волонтерски труд и посветеност кон фотографијата на дел од членовите на фотоклубот-организатор“, се вели во соопштението од „Елема“.
Биеналето ќе го отвори сликарот Сергеј Андреевски. Добитник на годинашната главна награда е Аугунас Ромуладас од Литванија, која претставник на Град Скопје ќе му ја врачи на Денот на градот.


Биенале на фотографија


Скопје, 9 ноември, 2014 - 11:17 (META) 

В среда, 12 ноември, во галеријата Чифте амам, се отвора четиринаесеттото меѓународно биенале на фотографската уметност „Фотомедија“, во организација на Фотоклуб „Елема“ од Скопје.
ФК „Елема“ опстои во речиси невозможни услови и успева да организира изложба која е значајна во светски рамки и која ја промовира Македонија насекаде во светот.

Во денешно време каде што се гледаат само профитите и во морето на дигитални изложби кои неминовно донесоа турбо-фолк во фотографијата, со своето бавно биенално темпо, „Фотомедија“ е една од ретките изложби на која се испраќаат готови, испечатени фотографии, и која е апсолутно непрофитна и се базира на огромен волотнерски труд и посветеност кон фотографијата на дел од членовите на ФК „Елема“.

Иако е се помал бројот на општествено одговорни компании, односно речиси сите се брутално незаинтересирани за поддршка на квалитетни настани од културата, неколку македонски компании покажаа доблест и ја поддржаа и оваа „Фотомедија“, како и Министерството за култура и Градот Скопје.

Добитник на гонешната главна награда е Аугунас Ромуладас од Литванија, а традиционално, за денот на градот Скопје, наградата како покровител ја доделува Град Скопје.

Како куриозитет на оваа „Фотомедија“, додека се разгледуваат фотографиите, ќе биде пуштана музика која е софтверски генерирана од имињата на сите автори кои испратиле свои дела на изложбата, имињата на нивните дела и имињата на сите вклучени во процесот на подготовка на оваа изложба.

Изложбата ќе ја отвори академскиот сликар Сергеј Андреевски.