МСУ со отворен повик до сите млади уметници за претстојното 13. Биенале на млади уметници

Фото: МСУ

Музеј на современа уметност (МСУ) ги повикува младите уметници од земјава и странство да се пријават за претстојното 13. Биенале на млади уметници кое ќе се одржи од 5 мај до 1 септември во МСУ. Темата е страст за лутање (wɒndəlʌst).

„Музејот на современа уметност во Скопје ги поканува младите уметници на движење без цел. Покануваме „скитници“ со надеж дека ова движење неочекувано ќе открие и ќе дојде до нови територии. Територии кон кои може колективно да се движиме и да пронајдеме некаква случка, новина.Музејот на современата уметност – Скопје е отворен за апликации од млади уметници на возраст од 18 до 35 години во формати и на начини што овозможуваат исчезнување на целите. Така, главната тема на ова Биенале на млади уметници е немање цел за ништо конкретно во сегашната состојба на нештата во светот, туку желба сè да биде другаде. Сè што може да се случи таму. А, работите обично се случуваат кога се движиме. Без поставена цел, сè може да се случи,“ се вели во соопштението.

Повикот е отворен до 20 март 2020 година, пријавите ќе може да се испраќаат во електронска форма на македонски и англиски јазик на маил адресата:[email protected] со назнака Пријава за Биенале на млади уметници. Апликацијата треба да содржи опис на делото, кратка биографија до 500 зборови, фотографии од делото со податоци за наслов, година, техника и димензии, како и листа на потребна опрема за техничка реализација и инструкции за инсталација на делото.