Хуманитарна катастрофа во Доума, поради голем број на бегалци и недостаток на храна


Доума, 12 март, 2018 - 11:28 (META) 

Сирискиот град Доума се соочува со хуманитарна катастрофа, откако стана единствено прибежиште за илјадници луѓе кои бегаат од владините сили кои се во офанзива на Источна Гута, регион кој го контролира опозицијата.

Илјадници семејства бараат засолништа по улиците и парковите, имајќи предвид дека засолништата се преполни, а има и недостаток на храна.

Силите на сирискиот претседател Башар ал Асад напредуваат во офанзивата против енклавата недалеку од Дамаск, која ја држат опозициските сили.

Поради честите бомбардирања, стотиците загинати не можат достојно да бидат погребани.


Сириска опозиционерка и нејзината ќерка пронајдени мртви во Истанбул


Истанбул, 22 септември, 2017 - 13:32 (META) 

Сириската опозициска активистика и нејзината ќерка – новинарка се пронајдени мртви во нивниот стан во источниот дел на Истанбул, јавија денеска турските медиуми.

Телата на шеесетгодишната Тела Арубе Баракат и нејзината 22-годишна ќерка Хала Баракат биле пронајдени од полицијата, откако нивни роднини пријавиле дека не можат да стапат во контакт со нив. Според турските агенции, соседите во зградата изјавиле дека двете жени биле најдени заклани.

Нивното семејство верува дека тие се убиени поради нивниот политички ангажман.

Тела Аруба Баракат се побуни против сирискиот режим во 1980-те, за време на мандатот на Хафез ал-Асад, а потоа и против неговиот син, актуелниот сириски претседател, Башар ал-Асад.

Нејзината ќерка, Хала Баракат работела за порталот „Ориент њуз“, како и за програмата на англиски јазик на турската државна телевизија – ТРТ.


Сирија ќе добие банкнота со ликот на Башар ал Асад


Дамаск, 4 јули, 2017 - 13:02 (META) 

Првпат во 17-годишното владеење на претседателот Башар ал Асад, Сирија в недела ќе ја добие првата банкнота со неговиот лик.

Станува збор за нова банкнота од 2.000 сириски лири (вредност на 3,9 американски долари), соопшти Централната банка на Сирија. Потегот се образложува со оштетувањето на банкнотите што се во употреба.

Досега сириските банкноти беа со слики на историски места или настани или со ликот на Хафиз ал Асад, таткото на сегашниот сириски претседател.

Потегот се случува во време кога владините сили постигнуваат победи против вооружените бунтовнички групи во земјата. Сепак, во текот на шестгодишната војна, националната валута доживеа огромна инфлација. Ако во 2011 година за 47 лири се купуваше еден долар, сега за тоа се потребни 517 лири.


Асад: Трамп ја продолжи политиката на Обама на покорување луѓе


Дамаск, 7 април, 2017 - 14:46 (META) 

Американскиот ракетен напад на воената база во сириската провинција Хомс беше „безобѕирен“ и „неодговорен“, објави кабинетот на претседателот на Сирија, Башар ал Асад.

Во соопштението се вели дека нападот е одраз на континуираната политиката на САД, без оглед на тоа кој претседател ја води администрацијата, која е базирана на бомбардирање и на „покорување луѓе“.

Како што е наведено во соопштението, нападот на воената база во провинцијата Хомс е извршен врз основа на точни податоци.


На сирискиот претседател треба да му се суди за воени злосторства, порача Еро


Париз, 6 април, 2017 - 13:24 (META) 

„Ќе дојде ден кога меѓународната правда ќе изнесе пресуда за сирискиот претседател Башар ал Асад, кој го масакрираше својот народ“, изјави шефот на француската дипломатија, Жан Марк Еро.

– Овие злосторства не може да поминат неказнето. Во секој случај ќе има истрага, ќе има судење за воени злосторства – рече Еро за француската телевизија „Си-њуз“.

Тој истакна дека Франција сè уште бара носење резолуција во Советот за безбедност на ОН за Сирија и додаде дека дипломатските преговори се приоритет над воената акција.

– Франција сè уште сака да разговара со своите сојузници на седница на Советот за безбедност, пред сè, со постојаните членки, а особено со Русија – рече Еро.

Прашан дали Франција би можела да се приклучи кон воената интервенција на САД во Сирија, Еро повтори дека приоритет на официјален Париз е да се најде дипломатско решение на конфликтот.


САД веќе не се фокусираат на заминување на Асад


Њујорк, 31 март, 2017 - 10:07 (META) 

САД повеќе не инсистираат на заминување на сирискиот претседател Башар ал Асад, изјави американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли.

– Наш приоритет таму не е да бидеме фокусирани на заминување на Асад. Наш приоритет е вистински да проучиме како да дејствуваме и со кого да соработуваме за да направиме нешто за сирискиот народ. Не може по секоја цена да се фокусираме на Асад на начин на кој тоа го правеше претходната администрација – изјави Хејли.


Во Женева продолжуваат мировните преговори за Сирија


Женева, 23 февруари, 2017 - 10:44 (META) 

Мировните преговори на сириските власти и на опозицијата под покровителство на Обединетите нации, денеска ќе продолжат во Женева во обид да се стави крај на повеќегодишната војна во Сирија, во која настрадале повеќе од 310.000 лица.

Специјалниот претставник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, изјави дека Русија од сириските власти побарала прекин на воздушните напади додека траат мировните преговори во Женева.

Де Мистура рече дека не очекува „важен напредок“ во преговорите, кои ќе се одржат во европското седиште на ОН.

Делегациите на сириските власти и на опозицијата веќе допатуваа во Женева на нова рунда преговори, на кои ќе биде разгледана и политичката транзиција на Сирија.

Прашањето за останувањето на сирискиот претседател Башар ал Асад на власт претставува главна точка на спорот меѓу властите и опозицијата.


Турција го смени ставот за Асад, сега смета дека е дел од решението за Сирија


Анкара, 20 јануари, 2017 - 16:23 (META) 

Анкара го смени својот став во врска со Башар ал Асад и сега смета дека е потребно сирискиот претседател да остане на власт за да има мир, пишува „Спутник“.

Турција веќе не инсистира на резолуција за Сирија без претседателот Башар ал Асад, изјави турскиот заменик-премиер Мехмет Шимшек.

– Турција веќе не може да инсистира на решение без Асад, тоа не е реално. Мислам дека сега треба да работиме со тоа што го имаме и тоа каде Русија, Иран и Турција влегуваат – рече Шимшек во Давос.

Претходно Асад за јапонските медиуми изјави дека неговата оставка веќе не е тема на преговори со опозицијата и со странските држави.

Улогата на Асад во Сирија е една од основните пречки за иднината на Сирија. САД, ЕУ и нивните сојузници бараат тој повеќе да не биде на власт, додека Русија го поддржува.

Турција од 24 август учествува во борбите против Исламска држава во Сирија.

Кон крајот на декември, Советот за безбедност на ОН ја усвои руско-турската резолуција за прекин на огнот во Сирија.

Граѓанската војска во Сирија трае од 2011 година, а досега се убиени повеќе стотини лица и раселени се повеќе од еден милион.


Сириската влада е подготвена да преговора за сè, вели Асад


Дамаск, 9 јануари, 2017 - 9:52 (META) 

Сирискиот претседател Башар ал Асад соопшти дека неговата влада е подготвена да преговара за сè во врска со предложените мировни разговори во Казахстан.

Тој рече дека сè уште не е јасно кој на тие преговори ќе ја претставува опозицијата и оти сè уште не е закажан датум.

Асад, исто така, рече дека улогата на сириската армија била да ја поврати областа во близина на Дамаск, каде бунтовниците го контролираат снабдувањето со вода.


Сириската војска ја презеде контролата врз Алепо


Алепо, 22 декември, 2016 - 20:30 (META) 

Сириската војска денеска соопшти дека ја презела целосната контрола над градот Алепо, по евакуацијата и на последната група цивили и бунтовници од градот, јавува „Би-би-си“.

Претставник на Обединетите нации (ОН) претходно соопштил дека за една недела, односно од минатиот четврток до денеска повеќе од 34.000 лица биле евакуирани од градот.

Евакуираните цивили и припадници на бунтовничките сили се однесени на територија под нивна контрола, западно од Алепо и во провинцијата Идлиб.

Преземањето на контролата врз Алепо, како што пишува британскиот национален сервис, претставува голема победа за сирискиот претседател Башар ал Асад, чија офанзива на градот беше помогната со воздушни напади на руската воена авијација.

Во соопштението, објавено на сириската државна телевизија, војската навела дека е вратена безбедноста во Алепо откако градот е ослободен од тероризмот и од терористите, термин кој сириската влада го користи за бунтовниците.

Инаку, Алепо пред почетокот на немирите и војната во 2011 година, беше најголемиот град во Сирија и економски и индустриски центар во земјата.