„Ќе дојде ден кога меѓународната правда ќе изнесе пресуда за сирискиот претседател Башар ал Асад, кој го масакрираше својот народ“, изјави шефот на француската дипломатија, Жан Марк Еро.

– Овие злосторства не може да поминат неказнето. Во секој случај ќе има истрага, ќе има судење за воени злосторства – рече Еро за француската телевизија „Си-њуз“.

Тој истакна дека Франција сè уште бара носење резолуција во Советот за безбедност на ОН за Сирија и додаде дека дипломатските преговори се приоритет над воената акција.

– Франција сè уште сака да разговара со своите сојузници на седница на Советот за безбедност, пред сè, со постојаните членки, а особено со Русија – рече Еро.

Прашан дали Франција би можела да се приклучи кон воената интервенција на САД во Сирија, Еро повтори дека приоритет на официјален Париз е да се најде дипломатско решение на конфликтот.