Поставени три нови мерачи на загадувањето, уште седум од следната недела


Скопје, 11 јануари, 2019 - 14:14 (META) 

Страницата „Мој Воздух“ објави дека се додадени уште три мерни станици на мрежата „Airly“ лоцирани на плоштадот Македонија и во населбата Железарница, како и на Широк Сокак во Битола, а податоците од нивните отчитувања на параметрите на загадениот воздух се достапни на страницата.

„Airly“ сензорите се трет независен извор на податоци за квалитетот на воздухот во Скопје и во неколку други градови во државата, покрај мерните станици на „Палс еко“ (Pulse.eco) проектот и мерните станици поставени од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, чии податоци се објавуваат на страницата „МојВоздух“.

Зад поставувањето на сензорите „Airly“ стои приватна иницијатива на еко активистот Тони Никушевски, кој за „Мета“ изјави дека од следната недела ќе бидат поставени уште седум сензори за мерење на квалитет на амбиенталниот воздух во Скопје и во Тетово.

Минатиот месец Никушевски и се обрати на јавноста за помош во собирање на потребните средства за заокружување на бројката од 10 сензори чиешто поставување, според него, е предизвикано од загриженоста на голем број на граѓани од неработењето и лимитираноста на државните станици за мерење на квалитет на амбиенталниот воздух.

Неофицијално, дознаваме дека за поставување на „Ерли“ сензорите, кои, според Никушевски,  се ЕУ стандардизирани и признаени како релевантни во повеќе земји од Европската унија, биле заинтересирани и некои скопски општини.


Во Прилеп поставена станица за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух 


Прилеп, 31 декември, 2018 - 13:01 (META) 

Денеска Прилеп доби мерна станица која ќе го покажува квалитетот на амбиенталниот воздух во градот.

„Мерната станица е поставена во центарот на градот, на зградата на Општина Прилеп. Со тоа е исполнето изборното ветување на градоначалникот Илија Јованоски дека граѓаните на Прилеп ќе имаат точни информации за загаденоста на воздухот. Со подетални информации за мерната станица, јавноста ќе биде запознаена веднаш после Новогодишните празници“, информираат од Општина Прилеп.


Почнува подготовката на измените на законот за квалитетот на воздухот


Скопје, 27 февруари, 2018 - 16:37 (META) 

Министерството за животна средина и просторно планирање од денеска почнува со подготовка на измени на Законот за квалитетот на амбиенталниот воздух.

Целта на Законот, кој како што е наведено на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), треба да биде готов до крајот на април оваа година, е да се воспостави едноставна процедура на подготовка на плановите за квалитет на воздухот и на краткорочните акциски планови, како и ефикасно спроведување на мерките за подобрување на квалитетот на воздухот.

„При анализа на состојбата со управување со квалитетот на воздухот во Република Македонија се увиде дека постоечкиот начин на подготовка на плановите за квалитет на воздух на ниво на зона/агломерација создава тешкотии, бидејќи на ниво на зона се вклучени поголем број на општини со различни проблеми и извори на загадување на воздухот. Начинот на усвојување на планските документи на ниво на Единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) и проверка и одобрување на истите од страна на централната власт не се јасно прецизирани“, стои во информацијата за подготовка на предлог на измените.

Во информацијата се наведува и дека пропишаните краткорочни мерки на локално ниво, како и оние предложени од интерсекторската работна група и усвоени од Владата се спроведуваат со потешкотии.

Анализата утврдила дека контролата на имлементацијата на краткорочните мерки од инспекциските служби се спроведува делумно, а констатиран е и недоволен број на државни инспектори и овластени инспектори за животна средина кои вршат контрола на спроведувањето на мерките.

Инаку, состојбата со квалитетот на воздухот во Скопје и уште во неколку други градови во земјава е алармантна, поради енормното загадување, што беше причина за протести организирани од повеќе граѓански здруженија за изнаоѓање на решенија за овој проблем.


Повеќе од 4 милиони евра за мерки против загадувањето на воздухот во 2017 година


Скопје, 20 декември, 2016 - 13:15 (META) 

За 2017 година, предвидени се повеќе од 4 милиони евра за конкретни мерки и активности што ќе придонесат за намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух во Скопје, се вели во соопштението на Град Скопје.

Оттаму информираат дека за подигнување на нови зелени површини и за посадување нови дрвја предвидени се 80 милиони денари, за изработка и за реализација на програми, планови и стратегии – 10 милиони денари, а за субвенции на граѓани за набавка на печки на пелети – 10 милиони денари.

Еден милион денари се предвидени и за извршување на разни мерења и за изработка за интегрирани Б-дозволи.

Како дополнителна мерка, од Град Скооје ја наведуваат и поддршката за одредени категории граѓани за почесто користење на сите форми на јавен и организиран превоз.

– За 2017 година, предвидени се околу 152 милиони денари или 2,5 милиони евра за субвенции и за финансиска поддршка за организиран превоз и за користење на јавниот превоз на ученици, студенти, повозрасни лица и лица со посебни потреби. Како една од мерките кои ќе се спроведат во иднина е и набавката на 50 електрични автобуси. Цената на еден ваков автобус се движи од 300.000 до 500.000 евра и нивната набавка ќе чини од 15 до 25 милиони евра. Средствата за овие автобуси би биле делумно покриени од буџетот на Град Скопје, а делумно од буџетот на Македонија – информираат од Град Скопје.


Скопје синоќа дишеше воздух седумпати позагаден од дозволеното


Скопје, 18 ноември, 2016 - 11:43 (META) 

Многу високо и високо ниво на загадување на амбиенталниот воздух утринава покажуваат сите мерни станици на Министерството за животна средина.

Во Скопскиот Регион многу високо ниво на канцерогените ПМ10-частички има во Лисиче, каде утринава се измерени 225 микрограми честички на еден кубен метар, што е за 4,5 пати повеќе од дозволените 50 микрограми.

Мерните станици во Центар, Карпош, Гази Баба и Ректорат во Скопје и во Миладиновци, Битола, Кичево, Тетово, Велес, Кавадарци и во Куманово покажуваат високо ниво на ПМ10-честичките.

Освен високо ниво на ПМ10-честички, зголемено ниво има и на ПМ2,5-честичките. На мерната станица во Карпош има многу високо ниво на концентрација на ПМ2,5-честитки, а во Центар високо ниво.

Синоќа на полноќ во Лисиче беа измерени 462 микрограми на еден кубен метар, што е за повеќе од деветпати над дозволеното, во Ректорат во 19 часот беа измерени екстремно високи 660 микрограми, што е за 13 пати повеќе од дозволеното.

Во 19 часот големо загадување беше измерено и во Гази Баба – 346, во Лисиче – 323, во Карпош – 304, што е за седумпати повеќе од дозволеното.


Повторно високо ниво на загаденост во Скопје и многу високо во Тетово


Скопје, 18 ноември, 2015 - 11:04 (META) 

Сите мерни станици во Скопје и во Битола утринава покажуваат високо ниво на загадување на амбиенталниот воздух, а многу високо ниво во Тетово. Во Кичево, Велес, Кочани и во Кавадарци загадувањето е на средно ниво.

Во скопските општини Карпош и Центар се забележува и високо ниво и на честичките ПМ2,5.

Синоќа во скопската населба Лисиче концентрацијата на суспендираните честички ПМ10 изнесуваше 300 микрограми на еден кубен метар, што е шестпати над дозволените 50 микрограми на еден кубен метар.

Во Тетово, најзагадениот град во Европа, честичките ПМ10 во вечерните часови достигнаа концентрација од 600 микрограми на еден кубен метар, што е 12 пати повеќе од дозволеното.

Во случај на надминување на прагот од 50 микрограми на еден кубен метар на ПМ10-честички и во пет последователни дена, Министереството за животна средина и просторно планирање издава предупредување да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, за затоплување на простории да не се користи каков било синтетички материјал и правилно да се користат печките на дрва.


За пет дена, возење пар – непар, ако загадувањето продолжи


Скопје, 9 ноември, 2015 - 15:46 (META) 

Загадувањето на амбиенталниот воздух изминатите неколку дена во Скопје, Кичево, Кочани, Миладиновци, Велес, Битола, Тетово и во Кавадарци е на многу високо ниво.

Податоците на страницата за мерење на квалитетот на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање, за 6, 7, 8 и за 9 ноември покажуваат дека средната дневна концентрација на суспендираните честички ПМ10 е над дозволените 50 микрограми на еден кубен метар.

Доколку и во текот на утрешниот ден концентрацијата на честичките ПМ10 ја надмине дозволената вредност, тогаш Министерството за животна средина препорачува да се користи јавен превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, за затоплување на простории да не се користи прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и од мебел, стиропор, ПЕТ-амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал и правилно да се користат печките за дрва.

Во вакoв случај, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на РМ препорачуваат да се ограничи движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хоронични болести на белодробниот и на крвоносниот систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го извршуваат на отворен простор во загадените зони на градот.

Доколку вредностите на канцерогените честики ПМ10 ја надминуваат дозволената вредност 10 дена по ред, тогаш од Град Скопје треба да ги прскаат улиците со калциум магнезум ацетат, Јавното сообраќајно претпријатие треба да воведе бесплатен јавен превоз, а Министерството за внатрешни работи да воведе возење на автомобилите по системот пар – непар.

Вообичаено, концетрацијата на ПМ10-честички постигнува максимално ниво во вечерните часови, од 22 часот до 1 часот по полноќ.