За 2017 година, предвидени се повеќе од 4 милиони евра за конкретни мерки и активности што ќе придонесат за намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух во Скопје, се вели во соопштението на Град Скопје.

Оттаму информираат дека за подигнување на нови зелени површини и за посадување нови дрвја предвидени се 80 милиони денари, за изработка и за реализација на програми, планови и стратегии – 10 милиони денари, а за субвенции на граѓани за набавка на печки на пелети – 10 милиони денари.

Еден милион денари се предвидени и за извршување на разни мерења и за изработка за интегрирани Б-дозволи.

Како дополнителна мерка, од Град Скооје ја наведуваат и поддршката за одредени категории граѓани за почесто користење на сите форми на јавен и организиран превоз.

– За 2017 година, предвидени се околу 152 милиони денари или 2,5 милиони евра за субвенции и за финансиска поддршка за организиран превоз и за користење на јавниот превоз на ученици, студенти, повозрасни лица и лица со посебни потреби. Како една од мерките кои ќе се спроведат во иднина е и набавката на 50 електрични автобуси. Цената на еден ваков автобус се движи од 300.000 до 500.000 евра и нивната набавка ќе чини од 15 до 25 милиони евра. Средствата за овие автобуси би биле делумно покриени од буџетот на Град Скопје, а делумно од буџетот на Македонија – информираат од Град Скопје.