Собранието треба да усвои декларација за забрзување на реформите од планот „3-6-9“

Комисијата за европски прашања на Собранието на денешната седница, на чиј дневен ред е реформскиот план на Владата „3-6-9“, треба да усвои декларација за забрзување на реформските и на интегративните процеси за зачленување на Македонија во Европската Унија и во НАТО.

Целта на декларацијата, како што е наведено во образложението од Комисијата, е да ја „потврди консензуалната и надпартиска сплотеност и посветеност околу заедничките напори за реализација на стратешката определба на државата за членството во ЕУ и во НАТО, за која постои согласност од страна на сите политички чинители застапени во Собранието на Република Македонија од осамостојувањето на државата до постигнувањето на крајната цел“.

На седницата на Комисијата, премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, треба да го претстават планот „3-6-9“ , а покрај нив свои обраќања ќе имаат претседателот на Собранието, Талат Џафери, и претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби.

Свои излагања ќе имаат координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, координаторот на една до десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, Зекирија Ибраими од Беса и претставник на невладиниот сектор.

Инаку, почетокот на седницата на Комисијата за европски прашања, кој беше закажан за 12.30 часот, е одложен бидејќи спикерот Џафери и пратениците членови на Комисијата во моментов се на пленарна седница.

Претседателот на Комисијата, Артан Груби, им се извини на амбасадорите присутни во салата „Борис Трајковски“, поради доцнењето на почетокот на седницата.