Македонски и косовски компании на тет-а-тет средби во „Сити хол“

Проектот на УСАИД за мали и за микропретпријатија денеска беше домаќин на „бизнис за бизнис“ (Business to Business) вмрежување меѓу компании од Македонија и од Косово, во „Сити хол центар“ во Скопје.

„Целта на овој настан е да креира можности за соработка меѓу компании од Македонија и од Косово. Соработката меѓу компаниите од регионот е многу важна, особено за помалите економии, како овие две земји,“ изјави заменик-шеф на мисијата на Амбасадата на Швајцарија во Македонија.

На настанот присуствуваа сопственици на мали и на микрокомпании, учесници во проектот, членови на ЦЕЕД-бизнис и на едукативниот клуб од Македонија и членови на ЦЕЕД Косово.

„Од аспект на продажба и на извоз, настаните за вмрежување се една од најважните активности на проектот за учесниците, затоа што претставуваат можност за запознавање со нови пазари, создавање нови контакти и воспоставување нови партнерства“, изјави проект-менаџерот од Канцеларијата за економски развој, УСАИД, Татјана Марковска.

Проектот за мали и за микропретпријатија во вредност од 3.079.400 милиони долари е петгодишен проект за поддршка на мали и на микро бизниси преку тренинг, вмрежување, менторство, консалтинг, поддршка на извозот и пристап до инвестициски фонд.

Проектот е почнат од УСАИД во јули 2011 година, а е кофинансиран од Владата на Швајцарија.