Индекс на транспарентност: Министерствата и Владата подобри од општините

Центарот за граѓански комуникации го објави Индексот на активна транспарентност за 2018 година кој содржи рангирање на 97 институции од извршната власт на централно и на локално ниво (министерствата, Владата и општините) според степенот на исполнетост на обврските за проактивно објавување јавни информации (на сопствена иницијатива на институциите).

„Индексот на активна транспарентност за годинава изнесува 43,5 проценти (од можни 100 проценти) и спаѓа во рамките на „просечна“ транспарентност. Степенот на активна транспарентност во 2018 година е незначително зголемен во однос на 2017 година (кога просечно изнесуваше 42,5 проценти)“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека за разлика од претходните две години, сега, генерално, министерствата и Владата стојат подобро од општините според нивната активна транспарентност.

„Општините се наоѓаат на првите две места од ранг-листата, но просечниот скор на сите општини заедно е намален од 41 процент на 39 проценти, додека скорот на министерствата е зголемен од 48 проценти на 66 проценти. Во однос на одделните области на активната транспарентност – институциите и понатаму објавуваат најмногу информации од областа на пристапот до информации, а најмалку од областа на буџетската и финансиската транспарентност“, се додава во соопштението.

Во однос на регионите, според просечните резултати, и годинава најдобро стои Пелагонискиот Регион, а најслабо – Полошкиот.

Законската основа за активната транспарентност на институциите се наоѓа пред сè во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони како што се Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и др. Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од практиката, односно кога една институција ги прави достапни до сите граѓани одговорите на прашањата што почесто ги добива во форма на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Истражувањето е спроведено во рамките на програмата „Цивика Мобилитас“ која ја поддржува годишната програмата на Центарот за граѓански комуникации.