This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Sat Feb 23 5:28:25 2019 / +0000 GMT

И со скок од 14 места, уште сме на дното во регионот по корупција (инфографик)




Од минатогодишното 107 место од 180 земји според степенот на перцепција на корупцијата, годинава Македонија „скокна“ на 93 место, но сеуште е на дното во регионот, објави вчера „Транспаренси интернешнел“. Земјава годинава е оценета со индекс 37, а лани индексот бил 35, на скалата од еден до 100, каде што поголемиот индекс значи земја послободна од корупција.

Во регионот, најдобро рангирана е Словенија со индекс 60 на 36 место, Хрватска со 48 на 60 место, Грција и Црна Гора со индекс 45 на 67 место, Бугарија со индекс 42 (77 место), Србија има индекс 39 (87 место), Босна и Херцеговина 38 (89 место), Косово и Македонија имаат идентичен индекс и позиција, следи Албанија со индекс 36 и 99 место.

Во анализата, „Транспаренси“ истакнува дека и покрај строгите услови на ЕУ за сузбивање на корупцијата и обезбедување на институции ослободени од политичко влијание, многу влади низ регионот не успеаја да покажат вистинска посветеност на демократијата и владеењето на правото.

- Карактеристично, многу од овие држави не успеаја да објават доволно информации за финансирањето на изборните кампањи и на политичките партии. Без потребните проверки и баланс во земјите во регионот, страдаат институциите и опстојуваат недемократските практики. Додека владите тврдат дека даваат приоритет на сузбивањето политичка корупција, во реалноста не преземаат конкретни чекори. Тоа ја поткопува довербата на граѓаните во сопствената влада, како и во меѓународните тела и договори, и придонесува кон поголема корупција. Имајќи ја пред вид ваквата тмурна реалност, се појавува вознемирувачки тренд – висококорумпираните земји со лош индекс на перцепција на корупцијата вообичаено имаат кревки демократски институции, а нивните граѓани имаат послаби политички и граѓански права – заклучува „Транспаренси интернешенел“.

Минатата година Македонија го делеше местото на ранг-листата со Ерменија, Етиопија и Виетнам, годинава со Гамбија, Гијана, Косово, Монголија и Панама.

Post date: 2019-01-31 09:55:20
Post date GMT: 2019-01-31 08:55:20
Post modified date: 2019-01-31 09:55:20
Post modified date GMT: 2019-01-31 08:55:20

Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. MS Word saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com