Заев дојде во Обвинителството да даде исказ за насилствата во Собранието

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, утрово дојде во Јавното обвинителство да даде исказ како оштетен во насилствата во Собранието на Република Македонија од 27 април, јавува „Телевизија 24“.

Во Основното јавно обвинителство Скопје повикани се да дадат исказ и други пратеници што беа нападнати. Како што јавува „Телма“, во обвинителството во текот на денот искази треба да дадат уште шестмина пратеници на СДСМ.

Заев, кој беше нападнат и повреден, еден ден по насилствата, на прес-конференција изјави дека нападот во Собранието бил обид за убиство по план и со умисла и додаде дека тој лично ги познава сите што директно барале одземање на животите и, како што кажа, дел од нив биле полицајци, а дел бандити. Насилството врз новинарите и врз пратениците, како што рече тогаш лидерот на СДСМ, било поттикнато од Никола Груевски, Ѓорге Иванов, Трајко Вељаноски, Митко Чавков и од група нивни соработници кои ги погодува трансферот на власта.

Најтешко повреден во налетот на толпата демонстранти, која упадна во Собранието, по изборот на Талат Џафери за претседател на законодавниот дом, беше пратеникот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој со тешки повреди беше извлечен од Собранието и потоа префрлен во болница. Двајцата осомничени за нападот на Села обвинителството ги гони за обид за убиство.