Заев, Димитров и Спасовски со Аврамопулос: Не се откажуваме од реформите

Премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Оливер Спасовски и министерот за надворешни работи Никола Димитров, на европскиот комесар за миграции, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос, на вчерашните средби му порачале дека владата не се откажува од реформите на земјата и покрај тоа што во октомври не додели датум за почеток на евроинтеграциските преговори, соопштија Владата и МНР.

На средбата на Заев и Спасоски, се вели во владиното соопштение, „се поздравени успешните политики на МВР и на Владата во делот на јакнење на капацитетите и соработката со ЕУ за справување со илегална миграција и за направените безбедносни реформи“.

Се разговарало за продолжување на реформскиот процес и за поддршката од Европската Комисија (ЕК) за евроинтеграциските напори на земјава.

„Констатирано е дека нашата држава ги исполни бараните стандарди од ЕУ и порачано е нашата држава да го задржи лидерството во реформскиот процес. Пренесена е пораката дека Република Северна Македонија ја има поддршката од Европската комисија којашто потврди дека нашата држава заслужува отворање на преговарачкиот процес. На средбата, заеднички е констатирано дека европските интеграции се важни, како за стабилноста на нашата земја, така и на регионот“, соопшти Владата.

Европскиот комесар Димитрис Аврамопулос е во Скопје за дводневниот Министерски форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи, организиран под покровителство на финското претседателство со ЕУ.

На средбата на министерот за надворешни работи Никола Димитров со Аврамопулос, се разговарало за случувањата во земјава и регионот, по исходот на октомврискиот Европски Совет, како и за тековните прашања во самата ЕУ. Тема било и потпишувањето на Статусниот Договор за соработка на Северна Македонија со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража.

„Министерот Димитров повтори дека и покрај искреното жалење што не се постигнал консензус за донесување на одлука за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија во октомври, земјата не отстапува од европскиот курс, од реформите и градењето на добрососедските односи и регионалната соработка. Еврокомесарот Аврамопулос изрази задоволство од постигнувањата на земјата во однос на европската интеграција. Северна Македонија покажа големи заложби и напори во справување со безбедносните ризици и предизвици кои произлегоа од миграциската криза, за кои ЕУ е особено благодарна и ќе продолжи да соработува со земјата и понатаму.“, се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи (МНР).