За гасот има алтернативи, но треба посериозно да се работи на нив

По новонастанатата ситуација со изградбата на гасоводот „Јужен тек“, на кој требаше да се приклучи и гасоводниот систем во Македонија, експертите се со поделени мислења. Според едни, Македонија има доволно гас за наредните пет-шест години, а алтернативи за понатаму постојат, додека според други, станува збор за проблем за кој Владата треба посериозно да размислува.

– Македонија нема да има никакви проблеми во наредните пет-шест години. Од постојниот гас, што сега го добиваме, искористуваме околу 20 отсто, а за три-четири години тоа може да се зголеми на 50 отсто. Алтернативи постојат, тука е гасоводот ТАП (Транс адриатик пајплајн), кој треба да поминува на 25 километри од границата меѓу Македонија и Грција и на кој би можеле да се приклучиме – вели професорот Константин Димитров, кој е и претседател на Центарот за енергетска ефикасност.

Од друга страна, додава Димитров, „Јужен тек“ не е откажан, туку ќе се гради во Турција и цевката ќе доаѓа до границата меѓу Турција и Грција.

– Со дозвола на Грција, можно е да се изгради гасовод кој ќе поминува преку нејзината територија и ќе оди до Италија, тоа е т.н. јужен крак од „Јужен тек“, на кој беше ставен помал приоритет во однос на северниот, кој требаше да поминува преку Бугарија и Србија. Во некоја ситуација, која може да се опише како „гладна кокошка просо сонува“, овој крак би можел да поминува низ Македонија и низ Србија до Унгарија и до Австрија, но доколку се најави таков план, Мкаедонија, па и Србија би се соочиле со огромен притисок од ЕУ – смета професорот.

Алтернативи се и системите за втечнување гас, кои се разгледуваат од владите во Албанија и во Грција, односно изградба на вакви системи во Драч и во Солун, од каде гасот со камиони-цистерни би се транспортирал. Ова варијанта е можна и со гасоводот што сега „Газпром“ ќе го гради во Турција до границата од Грција, каде би се изградил систем за втечнување, можност што ја најави и претседателот на Русија, Владимир Путин, при посетата на Турција, пред неколку дена.

Барањето решенија за снабдувањето со гас на земјата, според професорот во пензија, Томе Бошевски, е работа на Владата.

– Тоа е проблем кој не е решен и тоа е работа на Владата. Актуелната ситуација не е добра за целиот Балкан, па и за Југоисточна Европа. Се надевам дека Владата ќе размислува за ова прашање посериозно отколку досега – вели Бошевски.

Од Акционерското друштво во државна сопственост „Македонски енергетски резурси“, на брањето на „Мета“ за коментар во врска со ситуацијата со „Јужен тек“, се повикаа на изјавата на вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, дадена вчера, а во која тој вели дека иднината на проектот „Јужен тек“ е во рацете на Русија и на Европска Унија и Македонија не може никако да влијае на тоа прашање.

– Можеме да ги следиме состојбите и ние работиме, работевме и ќе работиме на наоѓање алтернативни решенија. Сметма дека постојат такви и во догледна иднина Владата ќе информира за прогресот во однос на наоѓањето алтернативи, односно наоѓање други извори и други пристапи за гас за Македонија – изјави Ставрески.

Од САД, исто така, се огласија околу проектот „Јужен тек“ за кој велат дека Русија го прекинала поради санкциите и состојбата на рубљата. На прес-конференција во Вашингтон, советникот на американскиот претседател за национална безбедност, Сузан Рајс, изјави дека економијата на Русија, сепак, е погодена од меѓународните санкции.

Иако во ЕУ најави дека Русија со „Јужен тек“ мора да ги почитува препораките на Унијата, сепак заменикот-претседател на Европската комисија и еврокомесар за енергетика, Марош Шефчович, денеска изјави дека на 9 декември ќе се одржи претходно планираната редовна средба, поврзана со проектот „Јужен тек“.

Со пооптимистички изјави излезе и првиот човек на „Газпром“, Алексеј Милер, кој рече дека Русија ќе го донесе гасот до границата на ЕУ, а потоа Европејците можат да се договорат што и како понатаму.